Култура
Културата во светот 2009
Македонија оваа година ги виде Мориконе, Дали, Џорџ Бенсон, Дајана Крол, триото на Чик Кориа… Она што ја одбележа светската културна сцена оваа година дефинитивно се жените писатели и поместувањето на многу стереотипи
Јануари беше во знакот на изложбата „Ентропа“ поставена во Советот на Европа во знак на шестмесечното претседателство на Чешка со Европската унија. Многу од земјите-членки беа навредени на чешката смисла за хумор и концептот на авторот Давид Черни. Во неговата пазл-композиција Бугарија беше претставена како турски тоалет, Полска осамна претставена со свештеници како веат знаме на хомосексуалците, додека Холандија беше претставена потопена целосно во вода и единствено што се гледа притоа се муслиманските минариња. Франција беше сведена на паролата „Штрајк“, додека на картата на Луксембург стоеше натписот „распродажба“.
Февруари – „Јужниот ангел“, колосалната скулптура на бел коњ на авторот Марк Волингер беше поставена во Кент, Англија.
Март – илјадници Кубанци го посетија Museo de bellas artes во кој за првпат беше претставена современата уметност од САД. Изложбата насловена „Челзи во посета на Хавана“ опфати дела од триесетина уметници од њујоршкиот кварт Челзи.
Април – изложба на цртежи од Вилијам Блејк во музејот Тејт во Лондон, на која за првпат беа претставени девет дела кои биле дел и од неговата прва изложба во 1809 година во Сохо, Лондон.
Мај – Британското поетско друштво ја доби првата жена претседател, Керол Ен Дафи. Таа ја воспостави наградата „Тед Хјуз“ за Њујорк и ќе се доделува годишно во текот на десетте години од мандатот на Дафи од хонорарот што таа како поет-лауреат традиционално го добива од британската кралица.
Јуни – Прочуениот британски графити и герила уметник Бенкси, чиј идентитет е се‘ уште непознат, тајно ја организира[e и постави најголемата изложба од своите дела во Градскиот музеј во Бристол (Bristol’s City Museum & Art Gallery).
Јули – почина Пина Бауш, германската кореографка чие дело внесе револуционерни промени во областа на современиот танц. Таа беше уметнички директор на танцовиот театар Вупертал и беше позната по авангардните кореографии во кои правеше спој на танцот, звукот и фрагментираните наративи, а соработуваше и со филмските режисери Федерико Фелини, Педро Алмодовар и Вим Вендерс.
Август – Лондонската кралска опера (Royal Opera House) одлучи да ја оживее сезоната со поинаков вид на музичко-сценско дело. Јавноста се запозна со креативниот дел од создавањето на операта, а како дел од развојот на либретото беа вклучени дел од членовите на друштвената мрежа Твитер.
Септември – Германската писателка со потекло од Романија, Херта Милер, ја доби Нобеловата награда за литература. Престижното признание го доби за нејзината литературна обработка на искуствата од комунистичката диктатура на Чаушеску.
Октомври – Британската авторка Хилари Мантел е овогодишната добитничка на Британската награда за литература – Букер, за романот „Замокот на волците“, приказна за политичките интриги во периодот на владеењето на Хенри VIII.
Ноември – Француската авторка со сенегалско потекло, Мари Ндиај, е добитничка на најпрестижното француско книжевно признание Гонкур за книгата „Три моќни жени“ и е првата жена добитничка на Гонкур од 1998 година, како и првата црна жена која ја добила оваа награда.
Декември – Престижната британска награда за современа уметност Тарнер (Turner) оваа година му е доделена на шкотскиот умтеник Ричард Рајт, за неговата ѕидна фреска во барок стил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

