Култура
Волча ноќ

Во 1955 година завршен е и премиерно прикажан филмот Волча ноќ во режија на Франце Штиглиц
На филмскиот фестивал во Пула, сценариото на Славко Јаневски е добитник на Златната Арена.
Ова е филм кој тематски е во жанрот на воена драма. Неизбежно е веднаш да се направи споредба со првиот игран филм Фросина, и веднаш да се извлече заклучокот дека Волча ноќ е за нијанса драматуршки поцврсто конципиран и истовремено е избегнат сентиментализмот од Фросина.
Инаку правен е по урнекот на американските филмови за дивиот запад, па може да се каже дека го добивме првиот партизански вестерн, што подоцна ќе биде честа пракса во филмовите на СФРЈ. Мошне чуден амалгам произлезен од комбинирање на руските воено-моралистички филмски драми и акционите јенки-саги.
Така продуктот макар и површно и пасивно ги содржи сите жанровски елементи – хероизам, предавство, одлучност, колебање, недоверба, кукавичлук…
Од аспект на актерството, видлива е театарската статичнст со по некој филмски момент. Завршницата на филмот е очекувано оптимистичка со акцентирање на морално дидактичката поента. Како и да е, Волча ноќ е филм за надеж во едно национално филмско творештво.
Во главните улоги: Илија Џувалековски, Драгомир Фелба, Трајко Чоревски, Петре Прличко и др. Автор и диригент на музиката е Трајко Прокопиев. Изведбата е на оркестарот на Македонската филхармонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Вечер на шлагери“ на „Скопско лето“ 2025

На 22 јуни, недела, во рамки на 46. издание на фестивалот „Скопско лето“ ќе се одржи концерт „Вечер на шлагери“ – 20 години СПОНА, со почеток во 20:30 часот на Платото пред Македонскиот народен театар.
Диригент ќе биде Иван Еминовиќ, а водител на настанот Вера Јанковиќ.
На сцената ќе настапат Оркестарот на „Полифонија“, а изведувачи се Денис Димоски, Оливер Њего, Васко Здравков, Андријана Јаневска, Вера Јанковиќ, Теа Пејиќ, Ана Петановска, Маја Г. Панчева и Александар Тарабунов.
Култура
Отворање на „Скопско лето 2025“

На 21 јуни, сабота – првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката – ќе се отвори 46. издание на фестивалот „Скопско лето“.
Во 19 часот во Музеј на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ на нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски.
Трагајќи по топосите на источноевропската авангарда, авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија. Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первентираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па сè до денес. Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“ рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери. Утопија среде антиутопија, вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена, а собраните средства ќе бидат донирани на Здружението за заштита на животните „Anima Mundi“.
Во 20:30 часот во Салата на Македонската Филхармонија ќе се одржи концерт насловен „Мостови на музиката: Софија – Скопје“. На сцената ќе настапат Академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија – Софија, како и млади диригенти и музички уметници од Македонија и Бугарија.
Диригенти: Ана Спасовска и Николаи Хилендаров
Солисти: Јана Каевска – флејта, Марија Магдалена Желјазгова – флејта, Санја Јович Джорджевич – виолина, Тодор Иванов – виолончело, Искра Атанасова – Митуш – пијано и Николај Маринов – пијано.
На концертот ќе бидат изведени дела од А. Вивалди, В.А. Моцарт, Ф. Лист, П.И. Чајковски.
Една сцена. два града, еден заеднички јазик – музиката. Концерт што го слави музичкото пријателство и креативната соработка меѓу млади уметници од регионот. Очекувајте вечер исполнета со енергија, инспирација и уметност без граници!
Влезот е слободен.
Култура
Концерт на оркестарот на Институтот „Фејмс“ со врвниот Емилио Перцан во Сули ан

Скопје ова лето ќе биде домаќин на еден навистина посебен музички настан. Во недела, на 6 јули, историскиот двор на Сули ан ќе се претвори во магична сцена на концерт под ѕвездено небо, каде што ќе настапи еминентниот виолинист и диригент Емилио Перцан, заедно со европскиот оркестар на институтот „Фејмс“, составен од млади музичари од цела Европа.
Концертот е дел од меѓународната студентска програма за оркестарска музика и студиско снимање, која се реализира во рамки на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“– единствена ваква иницијатива во Југоисточна Европа.
Публиката ќе има можност да ужива во репертоар кој ги обединува Вивалди, Делабако, Пучини и Рихтер – различни музички епохи – од барокот и романтизмот, па сè до современи композиции со силна општествена порака и со посебен акцент на композицијата „Рекомпонираните Четири Годишни Времиња“ на Макс Рихтер, која претставува модерна реинтерпретација на делото на Вивалди инспирирана од климатските промени.
„Овој концерт е многу повеќе од изведба – тој е прослава на иднината на европската класична музика. Со тоа што младите музичари од различни земји се здружуваат, учат и настапуваат заедно во Скопје, ние градиме уметнички мостови и ја покажуваме моќта на иновацијата во музичкото образование,“ велат од тимот на „Фејмс“.
Емилио Перцан, кој веќе настапувал на сцени како Театро Колон во Буенос Аирес, Берлинската филхармонија и Концертгебау во Амстердам, ќе се појави во двојна улога – како солист и диригент.
Отворениот амбиент во Сули ан ќе овозможи интимна и несекојдневна атмосфера, совршена за љубителите на класичната музика.
Билетите се веќе достапни преку mktickets.mk – со строго ограничен број места.