Култура
Почна 60-то Берлинале
Шеесеттото издание на Берлинскиот филмски фестивал во четвртокот навечер почна со проекција на филмот „Apart together“ (Раздвоени заедно) на кинескиот режисер Ванг Куанан
Годинешново издание на еден од порелевантните филмски фестивали во замрзнатиот Берлин започна со филмот на 44-годишнито кинески режисер кој е освојувач на Златната мечка од 2007 г. за филмот „Бракот на Тујин“, посветен на Монголците. Новиот филм на Ванг Куанан овојпат зборува за болката од повторната средба на поранешни љубовници кои се сретнале по долги години, а кои живееле раздвоено, едниот во комунистичка Кина, другиот на Тајван.Во друштво на двете актерки, 78-годишната Лиза Ли која глуемше во „Последниот кинески цар“ на Бернардо Бертолучи, и шармантната Моника Мо, Куанан го отворил фестивалот во друштво на уметничкиот директор Дитер Кослик и претседателот на годинешново жири, германскиот режисер Вернер Херцог. Берлиналето кое трае од 11 до 21 февруари е еден од трите најголеми меѓународни филмски фестивали. Златната мечка за најдобар филм ќе биде доделен на свеченоста на 20-ти февруари. Покрај кинескиот филм, годинава за гран при наградата ќе се натпреваруваат уште 19 филмови во официјалната конкуренција, а во текот на фестивалот ќе бидат прикажани вкупно 400 филмови. Оваа година се продадени рекордни 270 илјади фестивалски билети.Покрај Вернер Херцог за доделувањето на наградата следниот месец на престижниот Берлински фестивал ќе решаваат и добитничката на Оскар, Рене Зелвегер, италијанската режисерка Франческа Коненчини и моментално најпознатата кинеска ѕвезда Ју Нан. Другите членови на годинешното жири се и сомалискиот автор Нурудин Фарах, германската актерка Корнелиа Фробоес и шпанскиот продуцент Хосе Мариа Моралес.Меѓу критичарите, како фаворити за Златната мечка се споменуваат британскиот режисер Мајкл Винтерборо, Данецот Томас Винтерберг, Јапонецот Коџи Вакаматцу и францускиот режисерски двоец, Беноа Делепен и Густав д’ Керверн. Берлинскиот филмски фестивал првпат е одржан на 6 јуни, 1951 година, само шест години по завршувањето на Втората светска војна. Со 20 илјади гости, вклучувајќи четири илјади новинари, Берлиналето е еден од најважните настани во светската филмска индустрија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.