Култура
Заврши маратонскиот концерт во чест на Шопен
Со концертот во траење од 171 часа во Варшава се прославен 200 години од раѓањето на славниот композитор Фредерик Шопен, со учество на повеќе од 250 музичари и пејачи од целиот свет кои ја изведуваа неговата музика
Од 22-ти февруари до 1-ви март, професионалните уметници и аматери се сменува преку ден и навечер на инструментите и пред микрофоните во салата во старото градско јадро на полската престолнина каде се одржуваше овој своевиден концертен маратон достоен за великанот на светската музика. Сатницата од 171 час непрекинат концерт е избрана затоа што не се знае точно датумот на Шопеновото раѓање, односно ова време ја претставува разликата во двата датума, за што се погрижил организаторот на концертот полската општествено-културна органзиација Центрум Смолна. Имено, не се знае сигурно на кој датум се родил композиторот во 1810 г. Датумот 22 февруари е наведен на потврдата за неговото крштевање, но самиот Фредерик и неговото семејство секогаш велел дека е роден на 1-ви март. Во споменатиот период на сцената во Варшава се менуваа ументици, како Муреј Перахи, Иво Погорелиќ, Нелсон Гоернер, Јануш Олејничка, Рафаел Блешач, Кевин Кенер, Даниле Баренбоа, Николај Демиденко, Евгениј Кисин и др.Шопен во ноември 1830 г. пред почнувањето на полското востание против руската власт, кога имал 20 години, со семејството заминал за Виена, од каде подоцна се селат во Франција каде и умрел на 39-годишна возраст, на 17-ти октомври 1849 г. Инаку 2010 г. е прогласена во светски рамки за година на Фредерик Шопен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Комеморација за актерката Ленче Делова во Драмски театар Скопје
Драмски театар Скопје информира дека комеморацијата за актерката Ленче Делова ќе се одржи на 19 февруари (четврток) во 10 часот во Драмски.
Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите достоинствено со збор, сеќавење, фотографија и снимка ќе се потсетат на кариерата на македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова.
Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Ленче Делова почина на 15 февруари на 77 годишна возраст.
Култура
Со проекцијата на „Романот за Џим“ почнуваат редовни месечни кино средби на француски филмови
Францускиот институт во Скопје известува за првото издание на месечните „Кино средби” во Кинотека, каде што ќе се прикажуваат современи француски филмови како и големи класици на француската кинематографија.
Овие кино средби започнуваат со проекцијата на „Романот за Џим“ (2024), од Арно Ларје и Жан-Мари Ларје, со Карим Леклу, Летиција Дош и Сара Жиродо, в четврток, 19 февруари 2026, 20:00 часот, Кинотека.
Премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Кан 2024, филмот беше номиниран за наградите Lumières de la presse étrangère за најдобар филм и најдобар актер, а Карим Леклу доби Цезар за најдобар актер 2025.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.

