Култура
Триесет и трето издание на Денови на македонска музика
Концертот на Бигбендот на Штефан Шулце и изведба на дела од македонски џез-композитори, како Илија Пејовски, Владимир Николов, Живојин Глишиќ, Кире Костов и Александар Пејовски, вечер во Македонската опера и балет го означи 33-тото издание на „Денови на македонската музика“ што ќе трае до 31 март
До 31 март во Скопје ќе има 26 светски праизведби и осум македонски премиери на современи музички дела, промоции, работилници и свеченостиСо концерт на „Биг-бендот“ на Штефан Шулце од Германија во Македонската опера и балет во Скопје, вечерва во 20 часот, ќе почнат 33-тите по ред Денови на македонска музика. Шулце со својот ансамбл, освен свои, ќе изведе дела од современите композитори како Кире Костов, Живоин Глишиќ, Илија Пејовски, Александар Пејовски и Владимир Николов.Покрај џез-музиката на оваа манифестација ќе и’ биде посветено внимание и на современата романска музика и светската класика за мешан хор. Во десетте дена, колку што ќе траат Денови на македонска музика, ќе има 26 светски праизведби и осум македонски премиери на современи музички дела, промоции, работилници и свечености. На програмата утре во Музејот на град Скопје во 20 часот е концерт на романскиот камерен состав „Аркаеус“, кој ќе се претстави со свои дела, но и со композиции од Дамјан Темков и на Томе Манчев. В четврток во Домот на АРМ ќе бидат доделени наградите на СОКОМ и под диригенство на Хрватот Берислав Шипуш ќе настапи Македонската филхармонија. Заштитата на музичкото културно наследство ќе биде темата на петочната научна трибина во НБУ „Св Климент Охридски“ во 11 часот. Сликата за творештвото на македонските композитори создадено минатата година ќе ја оформува и концертот под наслов Made in 2009 -2010 во сабота во Музејот на град Скопје. Следува традиционалниот настап на млади композитори, еден камерен концерт, како и претставување на гудачкиот квартет „Еквилибриум“.Кокан Димушевски со проектот наречен – „Колор енд колорс“ ќе настапи на 30 март во Младинскиот културен центар.Најавени се три промоции, на книгата „Есеи за македонската музика“ на Марко Коловски и на авторските компакт-дискови на композиторите Благој Цанев и на Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев.На 25 март, по повод 75 години од раѓањето на Томислав Зографски, Македонската филхармонија првпат пред публиката ќе го изведе неговото дело „Древниот ѕид“, поема за симфониски оркестар од 1998 година. Деновите на македонската музика ќе бидат затворени на 31 март, со концерт на Новиот лондонски камерен хор. Селектор на манифестацијата е Јана Андреевска.Единствениот фестивал во земјава посветен на современа класика и на презентирањето нови дела од македонското музичко творештво е во организација на Сојузот на композиторите на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

