Култура
Награда “Восхитувачки поет“ за Етернијан
Познатиот македонскиот поет, критичар и есеист Јовица Тасевски – Етернијан ја доби индиската поетска награда „Инчентин поет“ („Восхитувачки поет“) што се доделува за исклучителен придонес во современата поезија
Одлуката ја донела редакциска комисија на индиското списание за поезија „Инчентин версис“, предводена од проф. д-р Рамеш Чандра Мукопадаја, троен магистер по англиски јазик, англиска книжевност и компаративна книжевност и доктор по индиска книжевност.
Претходни добитници на оваа награда се канадскиот поет Стивен Гил, романскиот поет Дорин Попа, полскиот поет Дариуш Пацак и грчкиот поет Димитрис Краниотис.
Еден од централните прилози во новиот број на списанието „Инчентин версис“ посветен е на македонскиот поет Јовица Тасевски – Етернијан.„Инчентин версис“ е современо индиско електронско списание за поезија што се објавува на англиски јазик. Уредничкиот одбор на списанието има интернационален состав и во него освен индиски писатели се вклучени и по еден поет од Велика Британија и САД.
Излегува четири пати годишно и во секој број се објавува по еден прилог посветен на значаен поет од англосаксонското подрачје и на еден афирмиран светски автор кому редакциска комисија му го доделува признанието „Инчентин поет“. Јовица Тасевски – Етернијан е автор на шест поетски и две критичко-есеистички книги. Неговата поезија е застапена во повеќе антологии и препеана е на неколку јазици. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Британското поетско друштво и Светското поетско друштво. Наскоро ќе излезе од печат избор од неговата поезија препеана на бугарски јазик од еминентниот бугарски поет и преведувач Петар Караангов, кој пред неколку години го доби „Почесното Рациново признание“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

