Култура
Македонија е далеку од златните маски
Македонија не е подготвена за враќање на културното наследство. Тешко дека ќе помогне меѓународен сојуз на засегнатите земји. Конвенцијата на УНЕСКО допушта такви барања да се решаваат и билатерално, оценува поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Јован Ристов
Златните маски од Требениште, царските двери од охридските цркви и вредните средновековни ракописи се далеку од враќање во Македонија. Конференцијата во Каиро не може многу да помогне, пред се`затоа што секоја измена на меѓународните конвенции најпрвин ќе треба да биде прифатена и ратификувана од земјите во кои се наоѓа културното богатство што си го бараат назад земјите на потекло, оценува поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство на РМ, Јован Ристов.И да има добра волја кај земјите во кои денес се наоѓа дел од нашето културно наследство, Македонија нема да може ништо да направи, се` додека нема регистар на дисперзираното наследство – културното богатство што се наоѓа надвор од земјата – кој од 2004 година има законска обврска да го оформи.„Многу тешко на меѓународно ниво да се постигне согласност. Ќе се постигне согласност на страната на тие што побаруваат и такви земји има многу, меѓу нив спаѓаме и ние. Но, лично не верувам дека тоа на светско ниво ќе добие облигаторно дејство. Тој договор некој ќе треба да го ратификува, да има обврски. Тешко дека Америка, Англија или Русија дека ќе се согласат нешто да вратат. Ќе најдат триста изговори, како што тоа се правеше до сега со различни студии“, оценува Ристов, кој со децении се занимава со реституцијата од правно-теориски аспект.Според него, многу поглеми се шансите нешто да се направи преку дипломатската активност на нашите институции, но пред тоа треба да се направи првиот чекор – да се формира регистар на дисперзирано културно наследство.„Повеќе полагам надеж во нашата дипломатска активност, но најпрвин треба да се направи тоа – да се оформи досие за секој предмет – кој, кога, каде и под какви услови го однел, каде се наоѓа, во која состојба е и, кога ќе биде донесено кај нас, кој ќе го земе, за каде е наменето и во какви услови. Дури потоа ќе можеме да им ја препуштиме работата на дипломатите“, оценува нашиот соговорник.Меѓународните конвенции, како што оценува Ристов, исто така не се пречка и за да се покрене постапка по судски пат, но и во таков случај, повторно ќе се соочи со истиот проблем – немаме евиденција.
Но, и сите други работи да сме ги завршиле, постои уште еден критериум кој треба да биде исполнет за некој вреден артефакт да може да биде вратен во земјата – музеите да ги имаат во најмала рака истите услови за чување на предметите, како што ги имаат во земјите каде што биле однесени.„Во оваа област важи едно начело кое вели дека културното добро е добро на сите, им припаѓа на сите. Тука не може да се гледа ситно-сопственички, да се има националистички пристап – ова е мое! Тоа ја врши својата културна мисија таму каде што има најдобри услови за тоа – каде што е презентирано, каталогизирано, објавувано. За да можете нешто да се вратите назад, треба да ги обезбедтите најмалку истите услови што ги имало во земјата каде што било однесено“, вели Ристов.Такви услови се очекува да се создадат со изградбата на идниот Археолошки музеј на брегот на Вардар, покрај камениот мост во Скопје, но и тогаш без национален регистар работите ќе бидат заглавени.
Тогаш, кој е најкусиот пат за златните маски до Требениште, царските двери и вредните ракописи да се вратат во Македонија. Што може да се направи? Според нашиот соговорник, најмногу може да направи дипломатијата.„Тоа е како во трговијата – ќе купите голема, вредна количина стока, па ќе ви дадат и море играчки. Така, и враќањето на вредните предмети треба да биде дел од други, поголеми аранжмани – на пример, во економијата“.
Види и:
Ќе ги побара ли Македонија назад златните маски од Требениште?
Грција си ги бара назад мермерите од Партенон, Египет – Нефертити, Либија – Аполон
Египет иницира светски сојуз за украдените антиквитети
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерти на „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“ на последната фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“
Утревечер, 27 април е третата и последна фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“.
Во Едукативниот културен центар Лабораториум со почеток во 21 часот со концертен настап ќе се претстават „Macedonian Free Society“. Потребата за нов-креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачи израз, како соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика е токму поводот за креирање на еден ваков мега состав.
Иновацијата во креирањето на музичко дело и изведба на поединечни музички преокупации и изразни форми на секој од членовите вткаени во предизвикувачка и квалитетна целина е резултатот на овој современ ансамбл. Неговите членови поединечно, или како дел од нивните матични состави нижат признанија и награди во домашен и меѓународен контекст, и тоа: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за ПМГ Џез, како 46 издание, излезе и првиот албум на „Macedonian Free Society“.
Веднаш потоа во 22 часот на истата локација, концерт на „Поетроника“. Еден од највозбудливите музички проекти во земјава, кој поставува нова парадигма во начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс и во симбиоза со авторска електронска музика, изведена во живо. Заслужни за тоа се двајца врвни современи уметници, Оливер Митковски, еден до најголемите домашни актери, кој во изведбата го носи читачкиот (поетски, интерпретативен) дел и Андреја Ристески – Салпе, талентиран автор и продуцент, еден од водечките современи македонски електронски артисти, задолжен за музиката. Неочекувана, но благодарна комбинација, која дава силно модерен и динамичен поглед врз македонскиот поетски пишан збор.
Музиката на Андреја Салпе е квалитетна современа електронска продукција, со традиционални и џез одеци, која волшебно пронижена со искусниот вокал на Митковски фрла ново светло на познати и не толку познати стихови од нашето минато и сегашност од автори како: Ацо Караманов, Гого Ивановски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески. Квалитетот на изведбата во „Поетроника“ ги елевира песните на ново, неочекувано, неописливо атрактивно ниво и ги прави податни за ново толкување, приближувајќи ги до нова, млада публика.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.