Култура
Изложба на Димче Николов во Битола
Изложба на графики и цртежи на Димче Николов ќе биде отворена во Културниот центар „Магаза“ во Битола, утре, 6 мај
зложбата на Димче Николов во вид на ретроспектива беше претставена 2008 година во просториите на НУ МСУ-Скопје, а селектираниот пресек од оваа изложба, за љубителите на ликовната уметност во Битола, родниот град на авторот, ќе претставува уште една потврда на значењето на Николов во поттикнувањето на развојот на современата македонска графика. Со неговата појава, кон крајот на 70-те години на 20-от век, оваа уметност доби поинаква димензија и квалитет во Македонија. Тој даде свој значаен придонес во третирањето на графиката како самостоен ликовен медиум, поставен на исто рамниште со сликарството и со скулптурата. Претставувајќи ја својата ликовно-естетска преокупација преку класичните графички техники (линорез, литографија, сува игла, бакропис-акватинта), Николов постигнува завиден квалитет, со што остава неодминлива трага во развојот на оваа уметност. Уште на првата самостојна изложба во Галеријата “ARS“ во Љубљана во 1979 година, тој е забележан од словенечката ликовна критика како автор со впечатлива ликовна сензибилност и култивираност. Неговото познавање на техничките можности на класичните графички техники му овозможува до перфекција да ги претстави своите ликовно-естетски ставови експонирајќи ги сопствениот висок професионализам и артизам.Учествувал на сите значајни меѓународни графички годишни, биенални и триенални манифестации (Љубљана, Краков, Фрехен, Канагава, Барцелона, Варна, Фредрикштат, Намур, Шамалиер…) Неговите квалитети биле високо ценети од критичарите и кураторите на овие манифестации и истите биле вреднувани со доделување на значајни награди, со што станува еден од најнаградуваните македонски графичари и воопшто уметници.Како редовен професор по графика на графичкиот отсек на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 1995-1998 година и негов декан, Николов знаењето го пренесе на многубројни студенти, со што се потврди и како ликовен педагог. Исто така, со активното учествувал во трансформацијата на Југословенското триенале во Битола во Меѓународно триенале, ги изрази својата емотивна поврзаност со родниот град и желбата Македонија да биде дел од светската графичка мапа.Неговото творештво е неочекувано прекинато со неговата смрт во 1998 година во Скопје.Николов дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана на сликарскиот оддел кај проф. Штефан Планинц, а постдипломски студии по графика завршил на истата академија кај проф. Богдан Борчич. Соработката со НУ Завод и музеј-Битола, НУ Музеј на современата уметност – Скопје ја продолжува со презентација на автори кои одиграле релевантна улога во развојот на ликовната мисла во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

