Култура
Отворени 38. Мајски оперски вечери
Долгогодишната првенка на операта, Анастасија Низамова-Мухиќ, го запали фестивалскиот оган, на платото на Македонската опера и балет синоќа во Скопје, со што свечено беа отворени 38. Мајски оперски вечери
На свеченото отворање се обратија генералниот директор на МОБ, Оливер Арсовски, и евроамбасадорот Ерван Фуере, а за отворени, годинашните Мајски оперски вечери ги прогласи министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска, по што следуваше премиера на операта „Љубовен напиток“ од Гаетано Доницети во режија на Гордан Драговиќ-Черногорски.„Мајските оперски вечери станаа радост за љубителите на музиката во најубавиот месец во годината. Од година во година фестивалот го потврдуваше своето значење и прерасна во амбасадор на македонската музичка култура“ рече Директорот на МОБ, Оливер Арсовски, додавајќи дека Мајските оперски вечери станаа бренд на македонската култура
Во изминатиот период, додаде тој, одржани се преку 300 претстави со над 1.200 учесници од целиот свет.
Евро амбасадорот Ерван Фуере рече дека отварањето на Мајските оперски вечери има двојна важност.
„Нивното отварање се совпаѓа со нашата прослава на Денот на Европа. Оваа година се прославува 60 роденден на ЕУ, а во исто време Мајските оперски вечери го слават богатото музичко наследство во Европа“ додаде Фуере.Министерката за култура Канческа-Милевска истакна дека Македонија ја чествува културата и уметничкото изразување кое најискрено се создава кога безгрижно се живее најголемата човекова придобивка-мирот.„Оваа манифестација претставува средба со старите пријатели и новите оперски ѕвезди на оперските сцени. Таа ни ја нуди можноста одново да уживаме во универзалното есперанто на музиката, уметноста, јазикот со кој се пренесуваат пораките за убавините и љубовта како темелни вредности на човековото постоење“ рече Канчевска-Милевска.
Со малото враќање во Фиренца кон крајот на 18 век, љубителите на операта имаа можност да ја доживеат моќта на виното кое уште еднаш ја потврди слатката Шекспирова слепост на љубовта.Операта „Љубовен напиток“ беше изведена премиерно по 19 години кога последен пат и била претставена на публиката во рамки на Мајските оперски вечери.„Специфичноста на претставата е во тоа што таа е кореографирана, односно има хор кој е носител на една многу важна функција. Останатото е направено така што не одевме на никакво осовременување или барање на некои теми кои ги нема во оваа опера. Ова е една шармантна љубовна приказна што се раѓа меѓу двајца млади луѓе и која завршува со среќен крај како што е вообичаено во италијанската оперска драматургија, изјави режисерот Гордан Драговиќ-Черногорски.Диригент на претставата е Саша Николовски – Ѓумар, сценографијата е на Марија Ветероска, кореографијата на Тања Поповиќ, а костимографијата на Љупка Арсовска.
Љубителите на операта ќе имаат можност во рамки на 38. Мајски оперски вечери да ги видат и изведбите на „Травијата“ од Џузепе Верди, „Турандот“ од Џакомо Пучини, „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, „Кармен“ од Жорж Бизе, а ќе има и вечер посветена на Густав Малер.
Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со изведбата на операта „Аида“ од Џузепе Верди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

