Култура
Трет меѓународен театарски фестивал „Лица без маски“
Вечерва, 10-ти мај, во 20 часот, на сцената во Киното „Фросина“ во МКЦ Скопје, со изведбата на театарската претстава „Танчерка зад бодликава жица“ на Документарниот театар од Берлин, свечено ќе биде отворен третиот ребрендиран Интернационален Театарски Фестивал „Лица без маски“
Годинава во главната конкуренција на фестивалот влегоа претстави на театарските групи од Германија, Бугарија, Словачка, Србија, Франција, Иран и Театарот Рома од Македонија. Во рамки на четирите фестивалски вечери, освен „Танчарка зад бодликава жица“ во режија на Марина Шубарт, ќе бидат одиграни и танцова претстава „Вежба“ под раководство на Ана Пампулова од Бугарија, „Папагалите не јадат бумбари“ во режија на Јан Микуш, а во изведба на театарот Дивалдо Г.Ф. Белопоточкехо од Словачка, српската претстава „Бре-кабаре“ во режија на Владимир Цвејиќ, „Вител“ на Театар Рома во режија на Орхан Јашаровски. Претставата „Игра“ во режија на Игор Ивковиќ, на Театарот 007 ќе биде изведена вон конкуренција. За претставите од официјалната конкуренција и за наградата Малиот принц, што е Гранд при за најдобра претстава во целина, ќе одлучува трочлено меѓународно жири во состав: Јоке Елверс од Холандија, член на СЕС, Илија Упалевски, театарски критичар и Марина Попанкова, актерка.Покрај Гранд при наградата, ќе бидат доделени уште две, и тоа: награда за експеримент и специјална награда од жири-комисијата, за оној театраски дел којшто жирито ќе смета дека е највпечатлив. И годинава во духот на предходните изданија, фестивалот ќе понуди претстави кои по својата форма се истражувачки, експериментални и во духот на современиот концептуален театарски израз, а оној театар којшто ќе ја добие Гранд при наградата ќе се здобие со можност за реализирање копродукција со аматерскиот театар при МКЦ-Театарот 007. Во рамки на фестивалот на 12 мај (среда) ќе биде организирана традиционалната Меѓународна вечера, на која сите земји учеснички на фестивалот ќе можат да ги претстават своите специфики преку презентацијата на националните гастрономски специјалитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

