Култура
Француската колекција на МСУ изложба во Кавадарци
Продолжува започнатиот проект „Кич, да!?/ Сте или не?/”, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Министерството за култура чија цел е презентација и промоција на ликовната уметност и доближување на публиката до врвните имиња
Оваа манифестација продолжува со изложбата „Француската колекција на Музејот на современа уметност” која на 28 мај ќе биде отворена во Домот на културата „Иван Мазов – Климе” – Кавадарци. „Француската колекција во Националната установа Музеј на современа уметност Скопје е со висока вредност и дава квалитативна карактеристика на меѓународната колекција на Музејот. Формирана е со несекојдневниот ангажман на Комитетот за помош на Скопје во далечната 1963 г., а посебно со лични ангажмани на врвни интелектуалци, критичари (Жан Касу, Бернар Доривал, Жаклина Селц, Ивон Тајандје…) и бројни уметници од Франција кои индивидуално или колективно преку донација го дадоа својот белег во создавањето на збирката. Нејзиното значење и квалитет се согледува не само во бројот на авторите и делата (150 автори, 276 дела) туку, пред сé, во присуство на уметници кои ја одбележале историјата на ликовната уметност на 20-от век.“, вели Захаринка Алексоска Бачева, кустос советник.Иако поголемиот број уметници според потеклото не се Французи, космпополитизмот на Париз ги прифаќа овозможувајќи им да се вклопат во неговата ликовна средина. Така, нивните творештва ја претставуваат и француската уметност, а како дел од Париската интеранационална ликовна школа со универзалноста, доскора беа синоним на модерната уметност воопшто.Во афирмирањето на оваа ткн. Париска школа, придонесуваат и класиците на модерната: П.Пикасо, М.Громер, Ф. Леже, А.Масон, Х.Хартунг, Ф.Деноаје, М.Естев, П.Сулаж, Б.Бифе, Ж.Базен, В.Вазарели, Зао Ву Ки, Ж. Месажје, В. Лам и други кои се дел од збирката на Музеј на современата уметност -Скопје.Селектираниот избор на слики, цртежи и графики создавани, пред сé, во 60-те години на 20-от век, дава еден приказ на разновидни стилски ракописи во кои доминира апстракцијата (лирска, геометриска, експресивна) како и остварувања во духот на оп артот, попартистичкиот јазик и новиот реализам. Секако дека посебно значајни се делата во кои се испреплетуваат влијанијата на движењата од почетокот на 20 век (импресионизмот, фовизмот, кубизмот и надреализмот) видливи во презентираните дела на класиците на Модерната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

