Култура
Жешко шпанско фламенко на Оф-фест
Борбата помеѓу мажествениот глас на Хесус Мендес (Jesus Mendez) и атрактивниот танцувачки перформанс на искусната Кармен Кортес (Carmen Cortes), придружена од емотивната гитара на Герардо Нуњез (Gerardo Nunez) доби двеминутен громогласен аплауз од публиката во МОБ
Со чудна леснотија изведувачите го пренесоа шпанскиот темперамент во Скопје. Нуњез, еден од најреномираните музичари на современото шпанско фламенко, заедно со Сепиљо (Cepillo), живиот и хумористичен перкусионист, со неверојатна брзина ја загреа публиката со нивната страсна музика. Ја подготвија атмосферата за двете дами, Марија Дел Мар Фернандез (Maria Del Mar Fernandez) и Кармен Кортес, кои кога излегоа на сцена со традиционалните шпански фустани ја разиграа сцената со својата женственост. По воведот во фиестата, точно во моментот кога започнаа присутните да се запрашуваат каде е жестокоста, Кармен Кортес стана и започна да игра фламенко. Додека таа играше, со песната на Хесус, дури и оние кои не знаат ни еден збор од шпанскиот јазик, ги разбраа неговите приказни за љубовта. Со исклучително сензуално танцување по ритамот на бендот, и префрлање на долгиот фустан од едната на другата страна, Кортез ја воодушеви полната сала на Македонската опера и балет и на моменти музиката бледнееше зад аплаузот. Се чинеше дека и самите изведувачи беа изненадени од тоа колку добро македонската публика ја прифати нивната порака, и без двоумење уживаше во одличното фламенко. По враќањето на бис, дури и перкусионистот Цепило запеа, и ги насмеа присутните. Со звукот на гитарата, како што и започна забавата, шпанците со аплауз и довикувања, во ритамот на фламенкото ја напуштија сцената. Уште еднаш, фестивалот на светската музика, Оф-фест (OFF FEST) ја остави својата публика среќна и задоволна. Во сабота, на последната вечер од Фестивалот, ќе настапи Родриго Леао заедно со Cinema Ensemble, придружувани од Оркестарот на Македонската Филхармонија, воден од Борјан Цанев. Леао има исклучително забележителна и богата кариера која е поврзана со некои од најзначајните мигови на португалската музичка сцена од 80-тите наваму. Истата вечер, под отворено небо, на платото пред Музејот на Македонија, фестивалот ќе го затворат атрактивните Африканци од Гангбе Брас Бенд, осуммина африкански џезери обединети од идејата да ја промовираат оригиналноста на музиката на Бенин преку необичната фузија од традиционални стилови. Оваа програма е бесплатна и е во соработка со манифестацијата „Реоткривање на патеката на културата“ наменета за заживување на Старата скопска чаршија./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

