Култура
„Бела ноќ“ в сабота со хип хоп и ролеријада
Хипхопијада, диско ролеријада, бројни концерти, перформанси, изложби и филмови ќе го одбележат шестото издание на манифестацијата „Бела ноќ“ што ќе се одржи в сабота на повеќе локации во Скопје
Осум културни установи како и повеќе локации во центарот на главниот град ќе бидат домаќини на уметници од Холандија, Германија, Грција, Италија, Австрија и други европски земји.Настаните ќе се одвиваат по обележана патека почнувајќи од Музеј на Град Скопје низ центарот до Старата чаршија што ќе заврши во Музејот на Македонија.Паралелно во кината „Милениум“ и „Фросина“ од 18 до 6 часот наутро ќе се одржува филмски маратон. Зоолошката градина ќе биде слободна за влез за сите скопјани, а спортскиот дел ќе се одржи во градскиот парк и на одбојкарското игралиште на градската плажа.Како најексклузивни настани организаторите ги најавуваат хипхопијадата и диско ролеријадата.Златко Стевковски, директор на МКЦ, кој е еден од организаторите вели дека манифестацијата што секоја година се одржува на крајот на месец септември е закажана во овој термин за да се избегне преклопување на термините со овогодинешното издание на МОТ. „Оваа година „Белата ноќ“ ќе значи еден наплив на луѓе кои се занимаваат со уметност. Поканивме гости кои што ќе ни ги претстават своите дела од цела Европа. Она што сакавме оваа година да го донесеме е да ги приближиме оние што ја креираат таа уметност до граѓаните и до љубителите на уметноста“, велат организаторите.Град Скопје и оваа година ја финансира манифестацијата и учествува во креирањето на програмата заедно со МКЦ.„Се надевам дека ќе биде убаво времето и уште еднаш по шести пат градот ќе биде осветлен и ноќта ќе ја замениме со ден“, рече Тања Балаќ од Град Скопје на денешната прес-конференција.Настаните ќе се одржат почнувајќи од 20 часот во Музејот на Град Скопје, МКЦ, улица Македонија, Универзална сала, Библиотека Браќа Миладиновци, КИЦ и Музеј на Македонија.Во Јавна соба ќе настапи ликовниот уметник од Холандија, Нена Фишер.„Имам две видео инсталации, едната е анимирана а другата е експериментална документарна. Првата е интересна по тоа што е анимирана и е одраз во огледало. Анимирана со објекти кои говорат за сонот, за градот кој е урбан, кој е модерен“, објаснува Фишер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

