Култура
Интернационална изложба на фотографска уметност ФОТОМЕДИА 2010
Во петок, 12-ти ноември во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ со почеток во 20 часот, по 12-ти пат ќе биде означен почетокот на меѓународното биенале на фотографија – ФОТОМЕДИА 2010
Оваа фотографска манифестација ja организира Фото клуб „Елема“ од Скопје, под патронажа на Фото сојуз на Македонија и Светската асоцијација за фотографска уметност (FIAP). На поставката ќе бидат изложени 190 фотографии од вкупно 119 автори, а по отворањето ќе настапи Сашко Костов. Од вкупно пристигнатите 855 дела на 223 автори од 41 различни земји од светот, жирито во состав: Боро Рудиќ (КМФ ФСМ, Македонија), Бранимир Ритоња (МФ ФСС, Словенија) и Јусуф Даријерли (слободен фотограф, Турција), на жирирањето одржано во Музеј на современа уметност на 25. септември, ги доделија следниве награди: златна ФИАП медаља за фотографија освои Валери Волонтир од Молдавија, сребрена ФИАП – Володимир Дубас од Украина, а бронзена ФИАП – Кјаран Вајт од Ирска. ФИАП дипломи за фотографија, пак, освоија авторите Илчо Трајковски од Македонија, Жоао Марио Есперанца од Макао и Жорди Реиг од Шпанија. Во категорија „колекција фотографии“, ФИАП медаљите им припаднаа на: Јозеф Босак од Чешка (златна), Едвард Китри од Украина (сребрена) и Џо Јарингтон од САД (златна), додека пак ФИАП дипломи за колекција фотографии добија: Зоран Пургер, Бранислав Бркиќ и Хаџи-Миодраг Миладиновиќ, автори од Србија.Како и секогаш, и ова издание на ФОТОМЕДИА е стилски хетерогено и тематски разновидно, но кај сите примени фотографии доминира личниот авторски печат на самиот фотограф, независно дали станува збор за концепт, сензација, доживување или настан, при што станува сосема неважно колку фотографијата е манипулирана или дополнително „дотерувана“.Фотографското творештво создава способност за различна перцепција на настаните, способност да видиш; која во основа ја имаат речиси сите уметности. Но, од друга страна и креира можност секој уметник на свој единствен начин да ги претопи мислите и умешно да допре до гледателот.За создавање на одредена уметност, потребена е визија, идеја, концепт, знаење, луцидност, потреба за израз. Токму ФОТОМЕДИА, собира творби кои ги содржат сите овие елементи на уметност, кои можат да кажат нешто сосема различно и ново.Фото клуб „ЕЛЕМА“ е еден од најстарите клубови во државата, клуб кој активно функционира. Целта на овој клуб е да ја организира, негува љубовта кон фотографијата. Во клубот редовно изложуваат автори од 3 генерации: основачите, кои започнале да творат кон крајот на 60-тите и 70-тите, фотографи кои се приклучиле кон клубот во 80-тите и почетокот на 90-тите и оние најмладите, кои ја наследуваат богатата традиција од 2000-та па наваму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

