Култура
Вуисиќ-Тодоровска: Гостувањето на Балетот во Италија е потврда за квалитетот

Македонскиот балет од крајот на ноември до крајот на јануари ќе гостува во Италија каде ќе бидат одиграни 49 претстави во 30 градови. Ќе се играат претстави кои се дел од „железниот репертоар“ „Оревокршачка“, „Лебедово езеро“ и ќе биде изведена една премиера – „Заспаната убавица“
Примабалерината Тања Вујисиќ- Тодоровска е главен репетитор во МОБ и работи со првите играчи на Балетот. Среќна е поради тоа што успеале да направат огромен репертоар во домашниот Балет и ова гостување го смета за потврда на целокупната нивна работа.
– За овие четири години се трудевме да направиме еден квалитетен репертоар, да создадеме млади уметници кои ќе можат квалитетно да ја презентираат уметноста кај нас и надвор од границите на Македонија.Мислам дека ова е награда за сите нас како организатори и кои овој период се трудевме да создадеме нешто многу квалитетно на нашата сцена што даде резултати и надвор од границите на Македонија. По априлската турнеја во Италија, добивме понуда за повторно гостување што е голема потврда за квалитетот на играчите и квалитетот на претставите кои ги правиме. Мислам дека ќе биде огромно искуство за сите. Тешка и одговорна работа е како за нас кои сме организатори, така и за играчите.“ вели Вујисиќ-Тодоровска која е и еден од основачите и предавачите на одделот за балетска педагогија при ФМУ што беше отворен во септември.
Во нејзината кариера ги одиграла сите значајни главни улоги од „железниот репертоар“. Добитник е на многу награди меѓу кои и на наградата „Анатолиј Шикера“-признание за врвни достигнувања од областа на балетската уметност доделена од Министерството за култура на Украина. Освен педагошко-репетиторската работа, таа е и професионално инволвирана во водењето на репертоарската политика на Балетот при МОБ, за поставување на големи класични дела од светската балетска литература, преговори за меѓународни гостувања, како и ангажирање на странски кореографи,педагози и солисти-гости.
Што значи за еден уметник да настапи на европската сцена и да се претстави пред публика која ја познава уметноста како што се Италијаните? Во културата основна работа е уметниците да не останат локални. Целта е да го сподели знаењето со публиката надвор од границите на својата држава. Ние сме мала држава со еден балет и конкуренцијата останува меѓу нас. Секоја презентација надвор од сцената значи потврда на нивниот квалитет и докажување на сето она што го направиле. Бидејќи повеќето од солистите учествуваат во сите претстави се работи за огромно искуство. Со ова гостување ќе создадат една нова енергија, ново знаење и искуство кое ќе им биде од огромна корист. Се работи за многу млади уметници, сите имаат до 25 години, така што на знаењето ќе ја искористат и младешката сила.Тие имаат среќа што на „железниот репертоар“ можат да си ги покажат квалитетите. Се работи за делата на Чајковски и тоа е најтешкиот класичен репертоар,тие се најголемиот предизвик и најголемиот тест за квалитетот на играчот.Во септември се отвори и оддел за балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност во рамки на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Досега нашите уметници, специјализираа надвор од државата, бидејќи балетското образование завршуваше со Средното балетско училиште.Тоа е уште едно задоволство во овој период. Станува збор за проект кој со години беше инициран, но ја имавме таа среќа да го отвориме.Тоа е многу значајно за балетската уметност бидејќи со генерации уметниците се школуваа надвор од државата. Колку е добро искуствата да се собираат од странство, толку е и многу тешко и доста скапо за државата и поединецот.Важно е исто така што се создаде и педагошки кадар, односно се создадоа услови за да се отвори таа академија. Интересно е што имавме голем интерес така што ги примивме сите 15 кандидати. Педагози сме јас, Александра Мијалкова, Снежана Филиповска, Искра Шукарова, Соња Џепаровска и останатите се педагозите од Музичката академија со која имаме заеднички предмети. Кои се следни проекти или идеи кои сакате да ги остварите, а се со цел кон подобрување на квалитетот на балетот кај нас?- Морам да признам дека изминатиот период имав идеи да создадам нови млади првенци на балетот и многу сум среќна што успеав. Тоа што тие се презентираат надвор од државата е резултат на нашата заедничка работа. Имаме прекрасна генерација и ние имаме задача да ја сочуваме да остане тука и да биде македонска генерација. Таа да биде прогресот на нашата култура за понатаму и тие да создаваат нови генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.
Култура
Концерт на Дони Мекаслин и националниот џез-оркестар

На 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на извонреден концерт, заеднички настап на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Името на Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
New York Times за еден негов концерт напиша: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).
Култура
Изложба посветена на ансамблот „Мањифико“ во Градскиот музеј во Крива Паланка

Ретроспективната изложба посветена на еден од најзначајните македонски музички состави – ансамблот „Мањифико“, кој во своето 31- годишно постоење остави длабоки траги во македонската и меѓународната музичка сцена, ќе биде отворена на 5 јули (сабота) 2025, со почеток во 20,30 часот, во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Изложбата е екслузивен и траен спомен и чествување на богатиот опус на „Мањифико“ со обемна збирка од над 240 селектирани експонати, фотографии, постери, документи, аудио-визуелни снимки и архивски материјали кои сведочат за извонредната уметничка активност и достигнувањата на овој реномиран состав. Меѓу нив е и монографијата „Ансамблот Мањифико мит-легенда или реалност“, чиј автор е еден од основачите и член на овој состав Пантелеј-Панче Кочовски.
Експонатите вклучуваат 32 големи постери и 15 оригинални плакати од концерти и настапи, над 60 паноа, над 200 селектирани уметнички фотографии, аудио и видео касети, ЦД и ДВД изданија, признанија, студиски снимки, концертни програми, сценографски документи и монографското издание.
Изложбата, со која се одбележуваат 65 години од основањето на славната група, пред се, е посветена на починатите членови на „Мањифико“, сите извонредни музички ументици, на чело со вокалниот солист и ѕвезда на ансамблот, Невенка Кочовска. Во чест на овој екслузивен настан, дел од репертоарот на легендарниот состав ќе отпеат Лидија и Тања Кочовски, наследничките на Панче и Невенка.
„Последно што посакав е да оставам траен спомен на ансамблот преку експонати, сведоштва и фактографија и да ја запознаам македонската јавност со нив“, вели Панче Кочовски автор на изложбата и на монографијата.
Ансамблот „Мањифико“ е основан во далечната 1959 година и во својата 31-годишна уметничка одисеја достигнува интернационална и интерконтинентална афирмација. На својот репертоар има над 320 композиции од Латинска Америка и Шпанија, од кои над 220 на носачи на звук, 80-тина нумери за 30-тина радио станици во поранешна Југославија и Европа, 28 мали музички плочи, 5 ЛП албуми, 4 аудиокасети, 2 ЦД и неколку ДВД изданија. Најголем дел од изданијата се продавани во златен и сребрен тираж.
Во своето над 30-децениско постоење, ансамблот „Мањифико“ има настапувано во над 42 земји ширум светот, вклучувајќи ги: Австрија, Италија, Русија, Турција, Индија, Египет, САД (Индијана, Калифорнија, Илиноис, Мичиген, Невада), Австралија, Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Шведска, Германија, Бугарија, и многу други. Изведени се околу 4300 концерти, со вкупна публика од над 8.700.000 посетители. Ансамблот учествувал и во театарски продукции, снимал музика за телевизија и филм, а во 16 ТВ студија низ Европа и СССР се снимени над 140 телевизиски емисии и блокови, со учество на бројни познати вокални солисти. Има настапувано и за југословенскиот претседател Тито, пред мексиканскиот претседател Лопез Матеоз, како и о победникот на Сан Ремо Тони Далара. Иако главниот репертоар е составен од латиноамериканска музика, на интернационалните настапи „Мањифико“ изведува и македонски и југословенски хитови како музичка идентификација на ансамблот и регионот. Истовремено, како познати филантропи, имаат одржано и преку 600 хуманитарни коцерти, меѓу кои и за земјотресот и поплавата во Скопје.
Покрај Невенка и Панче, дел од „Мањифико“ биле и врвните музичари Крсто Таушанов, Петар Галев, Димитар Томов, Јане Коџабашија, Хозе Свиличиќ, Владимир Нигојевиќ, Миле Барбаровски, Коце Икономов, Миле Лукаров, Димитар Павловски и менаџерот Борис Низамовски.