Култура
Монографија за претходник на Мисирков

Во издание на книгоиздателството „Современост“ излезе монографијата посветена за „непознатиот Македонец“ , крушевчанецот Деспот Баџовиќ приредена од м-р Славчо Ковилоски, за кого авторот вели дека е еден од претходниците на Мисирков
Станува збор за монографија посветена на крушевчанецот Деспот Баџовиќ кој влегува во групата на македонските општетвеници и книжевници кои работеле и твореле во втората половина на XIX век, најмногу во 1870-те и 1880-те години. Монографијата е поткрепена со повеќе документи и фотографии.Баџовиќ како појава е исклучително интересен за проучување. Македонската наука него досега попатно го споменуваше (академик Блаже Ристовски, академик Климент Џамбазовски, Ристо Кантарџиев), најмногу благодарение на писмата упатени до него од Темко Попов и Ѓорѓија Пулески. Баџовиќ бил книжевник, општественик, организирал и учествувал на митинзи за Македонија, а најважното е што се пројавил како учебникар, имено потписник е на букварот за македонските училишта „Букварот за основните македонски училишта во Турското Царство“. „Иако за многумина контадикторен, тој во повеќе наврати зборува за „македонски Словени“, Самуиловото царство го нарекува „чисто словено-македонско“, додека самиот повеќепати за него и за македонскиот народ го употребува терминот „ние самите Македонци“.Со неговите постојани произнесувања за Македонците, македонските Словени и Македонија, со постојана нагласка на нивната разлика од другите, јасно ги диференцира нив како одделен народносен субјект од останатите. Во овој случај, би се послужиле со зборовите на Крсте Петков Мисирков, современик на Баџовиќ, кој исто како него се школувал во Србија, дека секој Македонец што завршил училиште во некоја странска земја „си ја проколнува судбината што е орудие на една пропаганда, којашто си има свои цели, совршено спротивни на интересите на неговата татковина – Македонија““, наведува издавачот на книгата. Во рецензиите на Здравко Стојкоски и Васил Дрвошанов се истакнува дека овие „непознати страници“ за Македонецот Деспот Баџовиќ се само чекор напред кон истакнувањето на посебната македонска свест во XIX век, нешто што по само дваесетина години силно ќе го истакне Крсте П. Мисирков во својата книга „За македонцките работи“.Инаку, Ковилоски годинава го објави енциклопедискиот именик „Прилепчани, XIX век“ и првата македонска книга посветена на македонскиот патопис „Патописот во македонскиот XIX век“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.