Култура
„Обновена традиција“ изложба на носии во Велес
Триесет итри македонски носии изработени од Благородна Донева се изложени во вечешкиот Ликовен салон, во обидот да се обнови традицијата и македонското духовно и културно историско наследство
Преку македонските носии што вешто и трпеливо ги изработува велешанката Благородна Донева, таа не потсетува на вековните традиции, стремежи, страдања но и надежи на македонскиот народ. Инспирирана од македонската фолклорна традиција Донева изработи 33 нови уникатни носии, кои велешани ќе можат да ги видат во ликовниот салон.„Колекцијата се состои од машка, женска и детска носија. Ги изработував долго време, с епочнува прво од скица, се прави цртеж како да изгледа, потоа ја шијам и вметнувам фрагменти и орнаменти што се дел од македонската традиција. Сега започнав со изработка на нови детаљи кои се дел од носијата, на пример бафтите што претставува украсен дел на носијата“, вели Донева.Овие етно креации, Донева планира да ги изложи и во другите градови низ државата. Вели за нив најмногу се интересираат Македонците кои живеат во странство но и Јапонците. Ова е петта изложба на Донева, а досега во својата богата фолклорна ризница може да се пофали со повеќе од сто традиционални македонски носии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на македонскиот филм во Брисел: „Диџеј Ахмет“ ја воодушеви европската публика
Вчеравечер во „Синема галери“ во Брисел се одржа европската премиера на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“, режисерското деби на Георги Унковски, настан што го привлече вниманието на претставници на европските институции, дипломати, филмски професионалци, гости и љубители на седмата уметност.
Пред почетокот на проекцијата, пред присутните се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој истакна дека прикажувањето на македонски филм во срцето на Европа претставува значаен успех и силна потврда за квалитетот на домашната кинематографија.
„Чест ми е што вечерва, овде во срцето на Европа, во Брисел, го одбележуваме премиерното прикажување на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“. По оваа проекција, верувам дека сите ќе почувствуваме колку филмот може истовремено да биде длабоко локален по својата приказна, а сепак универзален по емоцијата и пораката што ја носи“, истакна Љутков.
Тој упати пофалби до авторскиот и продуцентскиот тим, нагласувајќи дека филмот претставува уметничко остварување што достоинствено ја претставува државата на европската сцена и е доказ за зрелоста, креативната храброст и меѓународниот потенцијал на македонската кинематографија.
Тој додаде дека филмот е резултат и на силна меѓународна соработка и доверба меѓу партнерски институции. Тоа е потврда дека кога се работи заеднички, може да се создаде вредност што ги надминува границите и говори на јазик разбирлив за сите.
„Ова не е само уметничко дело, туку резултат на соработка, доверба и заедничка визија. Копродукциските проекти се одлична можност нашите автори и продуценти да станат дел од поширока европска мрежа, да добијат пристап до нови пазари и нова публика и на тој начин малите кинематографии да бидат рамноправен и видлив дел од европскиот аудиовизуелен простор“, рече министерот.
По проекцијата се одржа панел-дискусија посветена на улогата и значењето на копродукциите во европскиот аудиовизуелен сектор.
Премиерата и панел-дискусијата претставуваат уште една потврда за активното присуство на македонската култура на европската сцена и за континуираната заложба за продлабочување на соработката со европските партнери.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.

