Култура
Семиотички методи во проучувањето на уметничката креација

Во Салонот 19.19 на Културно–информативниот центар во Скопје се одржа промоција на книгата „Портретот на сликата“ од Софија Грандаковска
Авторката се занимава со интердисциплинарни истражувања во областа на компаративната книжевност и визуелната семиотика. Досега ги објавила научната книга „Говорот на молитвата“ и поетските книги „Осмиот ден“ и „Препечено сонце“. Коприредувач е на бук-зине изданието ДОМА.„Мојата нова книга е резултат од научни истражувања преземени во текот на изминатите десетина години. Културното наследство на Македонија, сакралните дискурси, фрескописот, книжевните форми го предизвикаа мојот интерес да се истражи и погледне низ призмата на книжевната и визуелната семиотика на толкување во рамките на современиот контекст“ , рече авторката Софија Грандаковска.Во „Портретот на сликата“ се обединети истражувања на дванаесет различни, но меѓусебно блиски теми, кои претставуваат живописен и возбудлив придонес кон развојот на семиотичките методи во проучувањето на уметничката креација.Едновремено, книгата е автентично и несекојдневно патешествие низ раскошните хоризонти на културната стратегија на Македонија, напластена низ вековите на творечкиот непрегор и огреана од жарот на богословите, поетите, фрескописците и иконописните мајстори.Софија Грандаковска работи како асистент и професор во Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро – Балкан“, каде предава Современи теории на културата.Книгата ја објави издавачот „Галикул“. Ќе промовира проф. д-р Елизабета Димитрова и писателот Тодор Чаловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш ја покажа и докажа театарската моќ да допре до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.
Култура
„Сцена за сечиј сон“ – Отворен 4. Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во Скопје

Под слоганот „Сцена за сечиј сон“, вчерва во Театарот за деца и младинци – Скопје свечено беше отворено 4. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, кој ќе се одржува од 15 до 18 октомври во Скопје.
Фестивалот, во организација на Театарот за деца и младинци, оваа година го става фокусот врз младите, кон тие што бараат одговори, кон нивните светови, нивните дилеми, нивните надежи. Претставите што ќе бидат изведени не ги раскажуваат младите, но се за нив, за тоа како растат, се менуваат, се борат и сонуваат.
На свеченото отворање, свое обраќање имаше министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
„Да се игра за деца и младинци е подарок. А да им се зборува преку театарот со нивниот јазик, да им се одговара на нивните прашања и нивните соништа – тоа е храброст. Токму оваа сцена го носи најчистото, најдлабокото и најважното во театарот: искреноста на децата, храброста на младоста и силата на сонот. Фестивалот е начин да им се обратиме на младите и да им кажеме: ви посветуваме сцена. Вие сте нашата инспирација“, рече Љутков.
Тој потсети и на значењето на Игор Маџиров – актерот и визионерот по кого фестивалот го носи своето име.
„Игор беше и ќе остане вечното дете во светот на театарот. Во негова чест, овој фестивал и секоја претстава е и спомен и продолжение“, рече Љутков.
Фестивалот годинава ќе понуди богата програма со претстави од земјата и странство, а на сцената на Театарот за деца и младинци ќе се чествува младешкиот дух, имагинацијата и уметноста како простор за разговор со новите генерации.
Инаку на отворањето беше изведена претставата „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ, претстава која изминатата недела ја доби наградата од публиката на програмата наменета за тинејџери „Мали МЕСС“, во рамките на 65. Интернационален театарски фестивал МЕСС во Сараево.