Култура
„Добриот великан” во Прилеп
Во недела ( 27-ми март‘, на светскиот ден на театарот, во прилепскиот театар, точно напладне премиерно ќе биде прикажана претставата за деца „Добриот великан” од Красимира Методиева, во режија на Милан Секулоски
Покрај режијата, Милан Секулоски се јавува и како автор на музиката за претставата, додека костимите и сценографијата се на Даниела Настоска. Во претставата ќе настапат Ангела Кочоска, Бобан Алексоски, Илија Волчески, Теа Ѓорѓиоска, Александар Тодески и Милан Секулоски. Текстот на Красимира Методиева првпат ќе се игра во Македонија, а предизвикот на режисерот да направи претстава за деца бил голем.„ Претставата е за најмилите и најискрените. Главните ликови ги играат средношколци, кои влегоа со огромна желба и љубов. Ме радува фактот што музиката е мое авторско дело, што за мене беше голем предизвик. Музиката беше и најтешкиот дел од работата, затоа што знаеме со каква музика се ’затрупани’” децата. Најважни се децата, оние од пет – шест години до 12- 13, па и на 18 години. Претставата да допре до нив и да ги прими нашите најискрени пораки, оти ’Добриот великан’ е детска претстава со еколошки пораки кои се проследени со секојдневните: да бидеме добри и умни, да го цениме тоа што го имаме и да им помагаме на послабите. Текстот е преубава надреална приказна за две дечиња кои бегаат од домот за сираци и се кријат во шума, која не е обична, затоа што е шума на великаните. Останатото треба да се види“, вели режисерот Секулоски.Претставата прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“, ја работи со сопствени средства.Инаку, во недела на светскиот ден на театарот, во 19.30 часот, по 60 пат ќе биде прикажана урнебесната комедија ,Од кол на кол“, во режија на Коле Ангеловски, кога ќе биде прочитана и светската и македонската порака за театарот, кој е слободна територија, ослободена од законите на гравитација и законите на општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем концерт на „Архангел“ на 13 јуни
На 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје ќе се одржи голем самостоен концерт на македонскиот бенд „Архангел“. Настанот ќе биде посветен на 44 години музичко творештво на Ристо Вртев, одбележувајќи четири децении препознатлив авторски израз и влијание врз македонската рок и алтернативна сцена.
На сцената на Стадионот на АРМ публиката ја очекува повеќечасовна музичка приказна, раскажана преку антологиските композиции „1.000.000 долари“, „Чудесен свет“, „Сениште“, „Uber Makedonische“, „Нова вера, нова библија“ и многу други, надополнета со дел од новиот материјал што бендот го создава.
Архангел интензивно работи на својот петти студиски албум, кој ќе означи ново креативно поглавје во нивната дискографија. Дел од композициите ќе бидат премиерно изведени токму на овој концерт, додека првиот официјален сингл се очекува наскоро.
Концертот, насловен „Срцевина“, претставува концептуално продолжение на поетиката на авторот и фронтмен Ристо Вртев – централен столб на бендот и клучен двигател на нивниот препознатлив авторски израз.
Големото враќање на сцената и издавањето на новиот албум се реализираат во организација на издавачката куќа Adriatica Records, со седиште во Љубљана, чиј фокус е промоција и поддршка на квалитетен авторски звук во регионот.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, 2 март, онлајн на www.karti.com.mk/arhangel и преку нивната продажна мрежа низ цела Македонија.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.

