Култура
Промоција на книгата „Идентитет, текст, нација“
Во МАНУ денеска се одржа промоцијата на книгата „Идентитет, текст, нација – интерпретации на црнилата на македонската историја“ од Златко Крамариќ, актуелен амбасадор на Република Хрватска во Македонија.
Во Македонската академија на науки и уметности денеска се одржа промоцијата на книгата „Идентитет, текст, нација – интерпретации на црнилата на македонската историја“ од Златко Крамариќ, актуелен амбасадор на Република Хрватска во Македонија.Книгата на Златко Крамариќ содржи шест есеи за најсериозните прашања со кои се соочувале и се соочуваат македонската литература и култура. Во есеите авторот одгатнува некои од најважните македонски теми: нацијата, историјата, идентитетот, другоста, територијата, границите, суверенитетот, траумата…Преводот од хрватски јазик го приредија проф. д-р Венко Андоновски и проф. д-р Јелена Лужина. За новото издание на „Табернакул“ воведниот збор на промоцијата го имаше академик Георги Старделов.„Нашата култура може да биде среќна што можеби како ниедна друга балканска култура има сериозни истражувачи и толкувачи кои потекнуваат од Хрватска. Тоа е поттик за хрватската средина да се интересира за македонската литература. Од тој аспект, објавувањето на оваа книга е значаен чин за македонската култура“ – нагласи академик Старделов.Иако во својот говор академик Старделов најголемо внимание посвети на политичкиот контекст во книгата, со особен осврт кон актуелните теми, како името и идентитетот на македонскиот народ, сепак, авторот Златко Крамариќ со книгата се обидува да го деконструира поттекстот на современата македонска литература анализирајќи неколкумина клучни македонски автори: Живко Чинго, Славко Јаневски, Коле Чашуле, Ташко Георгиевски, Димитар Митрев.„Освен со провокативната насловна синтагма „Идентитет, текст, нација“, книгата на Златко Крамариќ е маркирана, мошне намерно, и со некој вид прилично тенденциозна жанровска експликација, која вели дека со неа, во неа, авторот решил сериозно да се позанимава со интерпретации на црнилата во македонската историја. Сепак, кога некогаш оддамна морал да ја избира својата базична професија, Крамариќ не избрал да стане историчар, туку управуван од добрата доза младешка романтика оптирал на занаетот за литературен теоретик и критик. Дури и повеќе, Крамариќ оптирал за апсолутно промакедонска варијанта на литературното теоретикување и критикување – станал македонист, по професија, по вокација и по слободен избор“ – потенцираше проф. д-р Јелена Лужина.Во својот говор на промоцијата проф. д-р Венко Андоновски се задржа во полето на својата дејност, образложувајќи моменти од книгата со чист теоретско-книжевен аспект.„Книгата ја доживеав како исклучително свежа и како книга во која е премолчена, односно вешто е скриена една реченица. Иако стои „Идентитет, текст, нација“ во книгата е премолчан компаративистичкиот аспект, бидејќи во неа цело време, на еден премолчен начин, авторот ја поставува македонската книжевност во контекст на другите балкански, јужнословенски, европски и светски книжевности“ – нагласи проф. д-р Венко Андоновски.„Книгата ја пишував со навистина голема љубов. Навистина, таа е обид за создавање на граѓанска култура и амбиент во Македонија и обид за враќање на граѓанскиот слој во политичкиот живот во оваа, за мене многу драга, држава. Книгата е пишувана за да предизвика расправа во македонската, како во академската, така и во политичката јавност“ – изјави авторот Златко Крамариќ.Златко Крамариќ е редовен професор по Теорија на книжевност и понова хрватска книжевност на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ во Осиек. Објавил десетина книги од областа на книжевноста, естетиката, историјата, филозофијата, македонистиката, публицистиката. Веќе неколку месеци е амбасадор на Република Хрватска во Македонија./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

