Култура
Од сабота Бит Фест
На шестото издание на „Бит Фест“, кое почнува во сабота (25 јуни) и ќе трае до 27 август ќе продефилираат стотина уметници кои ќе бидат дел од досега најбројните настани, преку 120
На шестото издание на „Бит Фест“, кое почнува во сабота (25 јуни) и ќе трае до 27 август ќе продефилираат стотина уметници кои ќе бидат дел од досега најбројните настани, преку 120, и тоа од сите области на уметноста и културата вклучувајќи театарски претстави, концерти од областа на класичната музика и оперски концерти, фолклорни концерти, етно, џез и рок концерти, ликовни и графички изложби, современи уметности, поетски вечери,саеми на книга и други мултумедијални проекти.„Бит Фест“ и оваа година останува под мотото на отворено културно лето кое промовира реномирани уметници и независна културна сцена и ќе биде домаќин на гости од Франција, Белгија, Италија, Велика Британија, Русија, Словачка, Полска, Бугарија, Турција, Хрватска како и бројни учесници од Македонија.Специфичноста на „Бит Фест“, а воедно и со тоа и неговата препознатливост, ја дава токму моментот што во негов состав се организираат десетина фестивали од сите културни и уметнички сфери со што се излегува во пресрет пред се на независната и алтернативна уметничка сцена. Така, битолското културно лето во јули и август ќе ги реализира Фестивалот на музика и традиција „Локум Фест“, Фестивалот за современи уметности „Акто“, „Илинденски денови“, Поетскиот фестивал „Поетски синтези“, Фестивалот на асоцијацијата „615“, Младинскиот Арт фестивал „Битола отворен град“ и „Шут фест“.Целта на „Бит Фест“ е да се даде можност на најразновидна и алтернативна културна сцена и истата да се приближи до сите генерации, но и да се привлечат љубителите на културата од соседните земји и пошироко, што пак се покажа како реалност на изминатите фестивалски изданија. Токму затоа речиси сите настани во организација на „Бит Фетс“ остануваат бесплатни, а организаторите се надеваат дека преку уметноста ќе придонесат за развој на културниот туризам во Македонија.Културното лето се реализира со целосна подршка и учество на Центарот за Култура Битола, Заводот и Музеј на град Битола, Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ и Битолскиот Театар, а покровител на културното лето и овојпат е градоначалникот на општина Битола, Владимир Талевски.Свеченото отварање на „Бит Фест“ е на 25 јуни, сабота, со почеток во 21 часот во античкиот театар Хераклеја со настап на гудачкиот камерен оркестар АРКО и изведба на филмска музика „Плачот на виолината“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Спектакуларно новогодишно шоу во Дубаи со оркестрации и аранжмани на Џијан Емин
Под магичната купола на Ал Васл Плаза во Експо Сити Дубаи, на 20 декември 2025 година, се одржа спектакуларното новогодишно празнично шоу „Carols by Candlelight“, еден од најочекуваните празнични културни настани во официјалната програма на Експо Сити. Концертите започнуваа во 18:30 часот, а во рамки на проектот беа реализирани десет изведби, кои на посетителите од сите возрасти им донесоа радост, топлина и празнична магија.
Настанот се одвиваше на уникатната локација Ал Васл Плаза, каде публиката беше опкружена со импресивни 360-степени божиќни проекции, сценски ефекти и внимателно осмислена визуелна нарација. Мултимедијалниот спектакл беше збогатен со празнично пеење, танцови точки и живописни сценски појавувања, вклучувајќи и изненадувачки настапи на Дедо Мраз и Госпоѓа Клаус, што дополнително ја засили празничната атмосфера, особено кај најмладите посетители.
На сцената настапи Симфонискиот оркестар Фирдаус од Дубаи, под диригентската палка на Харут Фазлиан, заедно со вокални солисти, училишни и детски хорови, танчерска група и ансамбл од музичари, кои заеднички создадоа впечатливо концертно искуство со интерпретации на познати празнични и новогодишни композиции.
Аранжманите и оркестрациите за концертот ги потпишува македонскиот композитор и аранжер Џијан Емин, чиј авторски пристап ѝ даде нова звучна димензија и симфониска длабочина на традиционалната празнична музика.
„Оваа соработка со Експо Сити Дубаи не е прва. Пред две години работев на истиот проект, кој тогаш беше снимен со оркестар составен од македонски музичари. Оваа година, целиот настан се одвиваше во живо, со голем симфониски оркестар. Ова е уште еден плод на долгогодишната соработка со продуцентот Мет Феди, кој живее и работи во Дубаи“, изјави Емин.
Продуцентот Мет Феди, пред преселбата во Дубаи, има богато меѓународно искуство и работел со музички имиња од светски калибар како Ени Ленокс, Стинг, Суперграс, како и со бројни други интернационално реномирани артисти, што на проектот „Carols by Candlelight“ му дава дополнителна уметничка и продукциска тежина.
Со ова трето по ред издание на „Carols by Candlelight“, Експо Сити Дубаи ја потврди својата позиција како водечка платформа за врвни културни и мултимедијални настани, а учеството и креативниот придонес на Џијан Емин претставуваат значаен меѓународен успех и афирмација на македонската музичка сцена на светската културна мапа.
Култура
Приказната за Брижит Бардо и синот што не го посакувала: се помириле дури во подоцнежните години
Филмската икона Брижит Бардо, која почина на 91-годишна возраст, зад себе остави еден син – Никола-Жак Шарије, дете чијшто доаѓање никогаш не го посакувала. Нивниот однос со децении бил исполнет со горчина, дистанца и судски спорови.
Бардо го родила синот во 1960 година, во брак со актерот Жак Шарије, нејзин колега од филмот „Бабет оди во војна“. Бременоста ја доживувала како најголема трагедија во животот и никогаш целосно не ја прифатила улогата на мајка. Во тоа време абортусот во Франција бил нелегален, а актерката, преплашена и очајна, безуспешно се обидувала да најде лекар што би ѝ помогнал да ја прекине бременоста.
Во своите мемоари „Initiales B.B.“ од 1996 година, Бардо го опишала детето што го носела како „мал тумор“. Напишала: „Го гледав мојот рамен, виток стомак во огледало како драг пријател, на чиј ковчег токму требаше да го спуштам капакот“. Во едно интервју изјавила дека „подобро би родила мало куче“.
За време на бременоста се удирала во стомакот, а од лекарите барала морфиум со надеж дека ќе предизвика абортус. Патела од мачнини и депресија и се криела од јавноста, бидејќи не сакала никој да ја види бремена.
Породувањето било вистински медиумски циркус што дополнително ја трауматизирало. „Беше лудило. Во мојата куќа беше поставена импровизирана породилна сала, фотографи зад прозорците, некои маскирани како лекари. Немаше никаква приватност. Беше ужасно“, напишала таа. Само осум месеци по породувањето, Бардо се обидела да си го одземе животот.
По разводот со Шарије во 1962 година, целосното старателство над синот му припаднало нему. Никола со години не ја гледал мајка си, а кога на 12-годишна возраст побарал да живее со неа – таа го одбила.
Односот со децении бил напнат. Никола не ја поканил мајка си на својата свадба во 1984 година, а по објавувањето на нејзината автобиографија целосно го прекинале контактот. Поради навредливите изјави ја тужел и добил отштета. Во 1990-тите се судриле и поради алиментација, кога судот ѝ наложил да му исплати 250.000 франци.
Сепак, во подоцнежните години односите се подобриле. Во интервју за „Var Matin“ во 2018 година, Бардо изјави: „Редовно се слушаме. Живее во Норвешка и ме посетува еднаш годишно, сам или со семејството, сопругата и моите внуки“. Додаде: „Го сакам на посебен начин. И тој ме сака мене“.
Никола-Жак денес има 65 години, живее во Норвешка со сопругата, има две ќерки и во меѓувреме станал и дедо.
Фото: Илустративна фотографија (Pexels)
Култура
Герасимовски: „Џез под ламба“ ги сплоти скопјани, незаборавна џез вечер и празнична магија во Центар
На пјацетата пред Италијанската амбасада граѓаните уживаа во музика, греано вино и печени костени.
Настанот „Џез под ламба“, во организација на Општина Центар, создаде пријатна празнична атмосфера, исполнета со џез верзии на познатите божиќни песни и стари шлагери во изведба на бендот на Мартина Елиора.
„Ме радува што настанов и годинава привлече голем број посетители. Овие радосни и среќни луѓе се доказ дека на градот му недостигаат вакви содржини. Џез под ламба прерасна во убава традиција, која ја збогати културната сцена во градот“, рече градоначалникот, Горан Герасимовски, кој заедно со скопјани уживаше во празничниот амбиент и џез атмосферата.
Герасимовски, ја искористи можноста да ги покани сограѓаните на централниот предновогодишен настан во организација на Општина Центар.
„Ги поканувам сите скопјани на 29 декември на големата предновогодишна забава “Вечер под ѕвездите” на Боемска улица! Преку ден подготвивме богата детска програма, а во вечерните часови музичка журка со Brass Brothers и Либеро бенд. Ветувам добра забава за сите генерации“, порача градоначалникот.

