Култура
Регионални работилници „Музика без граници“
Од денес до 29-ти јуни, во рамки на проектот „Музика без граници“ ќе се одвиваат музички работилници посветени на светски актуелни теми од музичката индустрија.
Од денес до 29-ти јуни, во рамки на проектот „Музика без граници“ ќе се одвиваат музички работилници посветени на светски актуелни теми од музичката индустрија.Работилниците ќе се одржуваат на просторот на ГЕМ-Клуб (Менада) во Старата скопска чаршија. Во програмата се вклучени предавања, видеоинтервјуа и панел-дискусии од страна на домашни и странски музички експерти.Тридневната програма е збогатена со музички настапи и проекција на музички документарни филмови. Работилниците се од отворен карактер и присуството на нив е бесплатно.„Музика без граници (Music without borders)“ е двегодишен интернационален проект финансиран од Европската Комисија (ИПА Програма), а се одвива под лидерство на „Култур Актив“ од Германија во партнерство со Здружението за култура и уметност „Таксират“ (Македонија), Граѓанското здружение „Генератор“ (Србија) и „Мировна група младих“ (Хрватска).Активностите на проектот се фокусирани на музичарите и културните оператори во областа на музиката, вклучувајќи невладини и граѓански здруженија, локална администрација, менаџери, промотери, фестивали, издавачи, медиуми и тн., а се состојат од студиски посети, конференции, работилници и фестивали.Основната цел е да се обезбеди мобилизирање и поддршка на граѓанските здруженија во промовирањето на музиката и културата во мултиетничките општества на Балканот и нивна соработка со музичките граѓански здруженија во Европската Унија, како и унапредување на дијалогот и соработката меѓу граѓанските здруженија и јавната администрација./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Штркот Силјан вечерва ќе слета на Менхетн
Вечерва, во легендарниот IFC Center во Њујорк, ќе се одржи американската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan) на Тамара Котевска. Публиката на Менхетн ќе има можност да го доживее ова ремек-дело од филм што веќе почна глобално да освојува, буди љубопитност кај критичарите, а раскажува една оригинална македонска приказна за штркот Силјан.
Веднаш по проекцијата, ќе следува разговор со публиката, на кој ќе учествуваат Тамара Котевска (режисер и продуцент) и Jean Dakar (кинематографер и продуцент). Ова е можност американските гледачи одблиску да ја чујат приказната директно од авторите за создавањето на филмот и за неверојатниот однос меѓу човекот и штркот, кој го инспирира целиот проект.
Филмот ја почна својата светска авантура во Венеција, каде што ја освои престижната награда Cinema & Arts Award на Venice Film Festival. Тоа беше првиот силен сигнал дека „Силјан“ ќе го освои вниманието на документарниот свет. Следувааа значајни награди и номинации од релевантни филмски фестивали: NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival Калифорнија и ред други.
Но најголемиот доказ за вредноста на овој филм воопшто е откупувањето на правата од страна на „Нешнал џеографик“ (National Geographic Documentary Films).
Овој филм е наш кандидат за „Оскар“ за категоријата најдобар странски филм, а токму „Нешнал џеографик“ го пријавува овој филм за трката за „Оскар“ во категоријата најдобар документарен филм. Со самото пласирање во двојна оскаровска трка повторно имаме шанса за двојна номинација за „Оскар“ поради Тамара Котевска.
Вечерашната американска премиера во IFC Center е моментот кога филмот се среќава со американската публика, критичарите и фестивалските селектори. Се очекува голем интерес и од македонската заедница во Њујорк, која го следи успешниот лет на „Силјан“.
Приказната за Силјан, човекот и штркот што создадоа нешто многу поголемо од случајна средба, вечерва го почнува својот најзначаен лет во САД.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.

