Култура
Отворен 4-от Фестивал на француски филм во Охрид
Со проекција на филмот „Анонимни емотивци“ на режисерот Жан-Пјер Америс, синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“, започна 4-то издание на Фестивалот на францускиот филм во Охрид.
Со проекција на филмот „Анонимни емотивци“ на режисерот Жан-Пјер Америс, синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“, започна 4-то издание на Фестивалот на францускиот филм во Охрид.
„Четвртото по ред издание на оваа престижна филмска манифестација ќе понуди свежи и несекојдневни филмски остварувања, кои ќе значат едно освежување на македонската филмска сцена и ќе бидат на огромно задоволство на вљубениците во филмската уметност“, истакна Дарко Стефановски, државен секретар за култура кој го отвори Фестивалот.
На проекцијата на филмот „Анонимни емотивци“ присуствуваше режисерот Жан-Пјер Америс , кој рече дека првпат е во Охрид и е мошне среќен што може лично да и’ го претстави своето последно филмско остварување на македонската публика.
„Филмот е комедија, очекувам да ја насмее публиката. Инспирацијата за филмот ми беа луѓето кои немаат доверба во себе. Дел од сценариото има автобиографски елементи, така што се надевам дека филмот ќе им помогне на оние што ќе го изгледаат да ја повратат изгубената самодоверба“, изјави режисерот Америс.
Годинава на црвениот тепих пред Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе продефилираат познати имиња на француската кинематографија.
„Нашиот фестивал е можеби единствен не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот каде публиката секоја од фестивалските вечери ќе има можност да се сретне со некој од главните актери, режисери или сценаристи на филмовите што се на програмата“, рече Зоран Велјаноски Летра, извршен директор на Фестивалот.
Фестивалот има натпреварувачки карактер, а изборот на најдоброто филмско остварување, за најдобра машка и женска улога ќе го врши тричлено жири предвоено од македонскиот режисер Антонио Митриќески.
„Минатите изданија на фестивалот понудија навистина добри филмови. Франција е кинематографија што произведува над 270 филмови годишно. За ова фестивалско издание се избрани седум најдобри филмови, од кои дел се наградувани во Кан. Не сум изгледал ниту еден од филмовите“, така што останува сконцентирано да ги изгледаме, рече Митриќески.
На Фестивалот на францускиот филм во Охрид, кој се одржува во организација на Францускиот културен центар во Скопје, со поддршка на Министерството за култура на РМ, Филмскиот фонд, Градот Охрид, регионот Долна Нормандија, Универзитетот ЕСРА, како и повеќе познати француски компании во Македонија, ќе бидат прикажани десетина филмски остварувања на француската кинематографија. /крај/охрид.њуз
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.

