Култура
Музички спектакл ќе го отвори „Охридско лето“
Уметничките селектори на „Охридско лето“ ја претставија целосната програма на годинашното издание на најзначајниот фестивал во државата.
Уметничките селектори на „Охридско лето“ ја претставија целосната програма на годинашното издание на најзначајниот фестивал во државата.Свеченото отворање на Фестивалот ќе се одржи во традиционалниот термин, на 12 јули – Петровден, со светската премиера на спектаклот „Трилогија Романа“ во продукција на познатата куќа „Ла Фура дел Баус“ од Барцелона, Шпанија, во копродукција со „Палау де лес Артес“ од Валенсија, Шпанија, и „Опера ди Рома“ од Рим, Италија. Во проектот учествува и Македонската филхармонија со состав од 96 музичари под диригентската палка на маестро Андреас С. Вајзер. Музичкиот спектакл на отворањето на фестивалот ќе се одржи во Античкиот театар во Охрид.„За разлика од минатогодишното јубилејно издание на „Охридско лето“, кое имаше ретроспективен карактер, годинава голем акцент даваме на претставувањето на нови светски музички имиња кои досега не биле присутни на фестивалот во Охрид“, нагласи Гордана Јосифова-Неделковска, селектор на музичката програма на „Охридско лето“.Меѓу најзначајните концерти на фестивалот ќе бидат настапот на светски познатиот виолинист Најџел Кенеди, атрактивниот ансамбл од Русија во кој членуваат осум тенори, најавени како „Тенори на 21-иот век“, во оф-програмата ќе се одржат концертите на Влатко Стефановски и Стефан Миленковиќ, како и првиот настап на Дуке Бојаџиев по неговиот концерт во „Карнеги хол“ во Њујорк.Црквата „Света Софија“ е срцето на музичката програма на Фестивалот и во нејзиниот амбиент ќе настапат познатите пијанисти од помладата генерација Александар Гриндин и Алексеј Володин, како и миленикот на фестивалската публика во Охрид – Борис Березовски.Во програмата се и вечерите посветени на национални претставувања на музичари од Полска, која од 1 јули го презеде претседавањето со Советот на Европската Унија, како и музичари од САД, Германија и Франција, кои доаѓаат со поддршка на нивните амбасади во Република Македонија.Од македонските музичари на „Охридско лето“ ќе настапат Ѓорѓи Димчевски, младата пијанистка Јана Павловска, која живее во САД, Марија Ѓошевска, Владимир Костов, Александар Котевски, студенти и дипломци на ФМУ и други.Во театарската програма на Фестивалот посебно место заземаат значајни имиња на автори на драмски текстови, режисери, театарски ансамбли и значајни артисти на светската сцена.„Драмската програма ќе има многу силни и моќни автори кои во историјата на светската драматургија оставиле печат со своето пишување, како Шекспир, Бомарше, Луиз Керол, Хајнер Милер, Еврипид“, потенцираше Ѓорѓи Јолевски, селектор на драмската програма на „Охридско лето“ на денешната прес-конференција во Скопски саем.На фестивалот ќе гостуваат и режисерски имиња кои се со светски ранг и кои со својата работа оставаат печат на денешнината. Станува збор за Леван Цуладзе, Нада Кокотовиќ, Александар Морфов, Владлен Александров, Андреа Бенаглио, Маргарита Младенова и Дамир Златар-Фрај.Со особен акцент најавено е доаѓањето на иконата на театарот на движење, Јозеф Наѓ, кој со години живее во Париз. Неговата претстава „Без наслов“ ќе биде ексклузивен настан на годинашното „Охридско лето“, ќе биде прикажана на 9 и 10 август, а ќе можат да ја следат само по 50 гледачи.Во драмската програма се најавени и три премиери. Станува збор за „Свадбата на Фигаро“ од Бомарше, во режија на Леван Цуладзе, а во продукција на Македонскиот народен театар.Значаен театарски момент на фестивалот ќе биде првата премиера на новооснованиот Охридски народен театар, кој ќе ја изведе претставата „Кабаре мистериозо“, по текст на Дарио Фо, а во режија на Деан Дамјановски.Ако отворањето на годинашното „Охридско лето“ е во знакот на шпанскиот музички спектакл, тогаш за затворањето, на 20 август, предвидено е да се изведе третата фестивалска премиера. Станува збор за „Медеја“ по текстови на Еврипид и Хајнер Милер, а во режија и кореографија на Нада Кокотовиќ. Претставата е во реализација на Битолскиот народен театар.Значајно е гостувањето и на театрите „Вера Комесаржевска“ од Санкт Петерсбург, Русија, „Сфумато“ од Бугарија, Истарското народно казалиште од Пула, Хрватска, и истражувачкиот театар „Ателјекончон“ од Бергамо, Италија.Фестивалот „Охридско лето“ се одржува со покровителство на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, и со поддршка на Министерството за култура. Генерален спонзор на годинашното издание е Телеком-Македонија.На денешната прес-конференција присуствуваа и в.д. директорот на „Охридско лето“, Илија Мојсоски, и Ирена Мишева од Телеком./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

