Култура
Интернационален салса фестивал во Охрид
Вечерва во Охрид започнува првиот Интернационален салса фестивал во Македонија – Охрид салса камп 2011, во организација на танцов клуб „Спорт денс нова“ од Скопје.
Вечерва во Охрид започнува првиот Интернационален салса фестивал во Македонија – Охрид салса камп 2011, во организација на танцов клуб „Спорт денс нова“ од Скопје. Овој настан кој ќе трае до недела и е од музички, танцов и спортски карактер. Целта на Интернационалниот салса фестивал е да се популаризира салса и латино музиката преку работилници по танц (салса, бачата, регетон, афро румба, руеда де казино) и на нашите простори. Тоа претставува уште еден начин за обединување и дружење на луѓето со желба за танцување, следејќи го глобалниот растечки тренд на популарност на овој вид музика и танци. Ќе учествуваат над 150 домашни и 250 странски гости од Унгарија, Полска, Шпанија, Швајцарија, Словенија, Турција, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија и други. Главниот настан на овој Фестивал е концертот на моментално најпопуларниот и најбараниот бенд од Куба – Педриот Калво јуниор и Оркестра. Концертот ќе се одржи на 16 јули во сабота на плажата Куба Либре во Охрид со почеток во 22 часот. Педрито Калво јуниор е син на најголемиот и најпопуларниот кубански пејач Педро Калво, роден во Хавана. Се школувал во неколку реномирани музички училишта во Куба, со специјализација гитара и пеење. Неговата професионална кариера ја започна кога стана дел од неколку познати кубански бендови како и кубански оркестар на неговиот ултра популарен татко, каде учествува во создавањето на неколку успешни албуми. Неговата кариера од година во година станува се поблескава и остава печат на препознатлив бренд со потекло од Куба. Соработувал со веќе познатите Ибрахим Ферер, Омара Портуондо, Пио Леива, Лос Ван Ван, Амадито Валдез и Барбарито Торес. Во 2009 година го оформи неговиот сопствен оркестар/бенд кој е составен од реномирани кубански музичари, како и неколку со потекло од Европа. Ова е четврти Салса фестивал кој го организира танцовиот клуб Спорт денс нова, а прв од ваков интернационален карактер со навистина оригинални и уникатни содржини и огромен број странски посетители. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.

