Култура
„Таксидомун“ ќе настапи на МОТ
Како специјални гости со целовечерен концерт на отворањето на 36-то издание на МОТ ќе настапат култните „Таксидомун“ (Tuxedomoon).
Како специјални гости со целовечерен концерт на отворањето на 36-то издание на МОТ ќе настапат култните „Таксидомун“ (Tuxedomoon).
Групата доаѓа во оригинална постава, а оваа турнеја е наречена „ Триесет и нешто години на Таксидомун“ на која ќе бидат презентирани најистакнатите дела на бендот.
Арт-рок групата „Таксидомун“ е основана во дамнешната 1977 година во Сан Франциско од Блејн Л. Реинингер и Стивен Браун, обајцата студенти кои се запознаваат во лабораторија за електронска музика на градскиот колеџ. Откако им се придружува Питер Принсипл, бендот започнува со првите настапи.
Под големо влијание на она што се случува на музичката сцена во Европа во тоа време, бендот ги спојува влијанијата од панкот и њувејвот со сопствените артистички стремежи, па не е чудо што првите концерти ги одржуваат на необични места, оплеменети со соработка со визуелни уметници.
Првите две изданија кои ги објавуваат самостојно, поволно одекнаа ширум Соединетите држави, па бендот успешно склопи сојуз со уметничките истомисленици од Источниот брег – екипата на Енди Ворхол, што по скратен пат ги доведе во Њујорк и ги направи неочекуван дел на тогаш надојдената њувејв-сцена.
По враќањето во Калифорнија бендот ги контактира „Резидентс“ (The Residents), на чија етикета ги прават некои од своите класични ремек-дела. Спојот помеѓу надреалистичките визуелни решенија и храброто пркосење на жанровската дефиниција во музиката, им донесе наклоност на критиката, но и на публика од двете страни на Атлантикот.
По американската турнеја во 1980 година бендот го продолжува патувањето и по Европа. Воодушевени од тамошниот сензибилитет и разбирањето на нивната музика, членовите донесуваат одлука да се преселат на Стариот континент.
По половина година поминати во Ротердам, нова преселба во Брисел ќе означи почеток на една од најплодните фази во работата на „Таксидомун“. Во текот на целите 80-ти бендот експериментира, твори и свири на турнеи, хранејќи се со плодната атмосфера на културна размена карактеристична за Брисел.
Иако 1989. членовите одлучуваат официјално да стават точка на работа со групата, соработката продолжува низ трудови за музика за балет, филм, телевизија…
Браун, Реинингер и Принсипл во 1997 година се среќаваат и работат заедно. На Фестивал во Тел Авив ќе бидат изненадени од приемот кај тамошната публика. Понатамошните настапи на фестивалите во Грција и Италија резултираат со подеднакво блескав прием, што ги наведува на идејата повторно да го дигнат бендот.
Канската премиера на филмот „Даунтаун 81“ (за њујоршката сцена од раните 80-ти, чии членови се и „Таксидомун“) во 2000 година е уште едно делче од сложувалката. Конечно, средбата со диџеј Хел и неговиот ентузијазам спрема групата (објавувањето на ремиксот на песната „No Tears“), потпомогнат од толпа од 50.000 луѓе на журката одржана на плоштадот во Мексико Сити, вбризгува еден нов живот на бендот и ги поттикнува на соработка со младите електронски уметници, но и на повторно тргнување на турнеја.
Од тогаш овој бенд свири без многу починка, главно по Европа – од Шпанија до Русија, направен е цел албум со ремикси од страна на современите танцови и електронски продуценти и објавенo е концертно ДВД со снимка на настапот од Санкт Петербург.
Концертот на „Таксидомун“ ќе се одржи на платото пред МКЦ на 21 септември 2011 година./крај/мф/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

