Култура
Двојна изложба на Гете-институт
Во галерискиот простор на Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица на 1 септември ќе бидат отворени изложбите „Целиот град“ и „Портрет Скопје – Боите на еден град“.
Во галерискиот простор на Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица на 1 септември ќе бидат отворени изложбите „Целиот град“ и „Портрет Скопје – Боите на еден град“.
Канцеларијата за врски на Гете-институт во Скопје, Институтот за односи со странство, Друштвото за македонско-германска соработка и пријателство – Скопје и НУ Национална галерија на Македонија со двојна изложба ќе претстават уметнички фотографии на автори од Германија и од Македонија.
На денешната прес-конференција во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица, каде е поставена изложбата, присуствуваа Маја Крстевска, директор на Националната галерија, Томас Дикхаус, раководител на Гете-институт Канцеларија за врски Скопје, уметниците-фотографи Ева Бертрам и Хенрик Елбурн од Германија и Иван Блажев, претставник на македонските фотографи кои учествуваат во изложбата „Портрет Скопје – Боите на еден град“.
Взаемно задоволство за првата соработка меѓу двете институции, Гете-институт и Национална галерија на Македонија, изразија Маја Крстевска и Томас Дикхаус.
Во однос на проектите што од 1 до 14 септември ќе бидат поставени во Мала станица Дикхаус изјави дека свесно се одлучиле за двојна изложба, бидејќи и двете поставки се наоѓаат на турнеја низ регионот на Југоисточна Европа.
„Во двете изложби најважен е дијалогот и културната размена меѓу различните уметници. Изложбите, едновремено, даваат преглед за развојот на уметничката фотографија во двете земји. Навистина е интересен предизвикот да се прави споредба, да се спротивставуваат и да се соочуваат културите од двете држави, бидејќи дијалогот е неопходен во нашето време. Изложбите не се само презентација на уметноста, туку и отворена размена на идеи и искуства на уметниците од двете држави“, нагласи Томас Дикхаус.
Изложбата „Целиот град“ е посветена на уметничката фотографија во Германија. Станува збор за патувачка изложба на Институтот за односи со странство која се реализира во соработка со Гете-институтот. Претставува пример на субјективна авторска фотографија во која се преплетуваат документарни моменти и уметнички интерпретации. Шесте фотографи Ева Бертрам, Золтан Ѓокај, Андреас Рост, Марија Севц, Улрих Вист и Томо Јамагучи, остануваат верни на техниката на „видената“ – неманипулирана фотографија и естетските особености на нејзиното фотохемиско развивање.
Значајно е да се напомене дека тие воопшто не ги користат распространетите дигитални методи. Од сосема индивидуални перспективи го претставуваат „нивниот“ град, неговиот центар, но и периферијата. Не го прикажуваат она што е видливо, туку ја доловуваат културната, општествената, но и политичката ситуација во денешна Германија.
„Целта на изложбата е да се најдат интересни локации низ градот и да се даде сопствено мислење за различни ситуации. Притоа не станува збор за барање докази каква е состојбата во одреден град, туку со личното интерпретирање на одредени ситуации се отвораат нови прашања. Тоа беше главниот предизвик за уметниците кои се претставуваат со изложбата „Целиот град“, изјави Ева Бертрам, фотограф од Германија, која ќе биде присутна и на отворањето на изложбата во Мала станица.
Името на изложбата „Целиот град“ е преземено од насловот на едно дело на Макс Ернст, неговата восхитувачка, но воедно и депресивна визија за град од соништата во која се спојуваат природниот и културниот простор. Куратор на изложбата е Матијас Флиге.
Изложбата „Портрет Скопје – Боите на еден град“ ги прикажува боите на градот низ дигитални фотографии. Претставувањето на еден град значи да се претстави нешто убаво, но истовремено да се биде доследен на тврдењето дека убавото е вистинито.
„Изложбата „Портрет Скопје – Боите на еден град“, за разлика од другата поставка, не отвора прашања, туку дава субјективни мислења за градот изразени со фотографија. Тоа што сум го видел и почувствувал во Скопје, истото може да се види и во моите фотографии“, нагласи Хенрик Елбурн.
Изразот и формата на фотографиите на Атанас Бајлозов, Хенрик Елбурн, Иван Илиев, Александар Ников, Томислав Георгиев, Иво Велјанов, Иван Блажев, Благоја Јанкоски, Сања Николиќ и Славица Панова, ништо не премолчуваат, не прекриваат со лажен сјај и не се препуштаат на вообичаениот патос на фотоновинарството. Изложбата е резултат на двегодишен проект и барање на личните агли низ Скопје.
„Сакам, пред се, да изразам задоволство од начинот на кој се реализираше проектот и од неговата финална форма. Секогаш кога се работи за ваков проект, кога еден фотограф се обидува да направи портрет на еден град што по дефиниција не е негов роден град, и кога фотографот како странец се обидува да ја долови сликата на градот, често пати има реакции од локалните жители за успешноста на презентацијата на градот. Со оваа изложба се надминува тоа еднострано гледање и се отвора дијалог меѓу фотографиите на луѓето од странство и локалните фотографи кои живеат во градот“, изјави Иван Блажев.
Куратор на изложбата е Ролф Заксе, а организатори се Гете-институт Канцеларија за врски во Скопје и Друштвото за македонско-германска соработка и пријателство – Скопје.
Двојната изложба на Гете-институт Канцеларија за врски Скопје ќе биде отворена на 1 септември во 19.30 часот во објектот Мала станица при Националната галерија на Македонија./крај/мф/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).