Култура
Никола Маџиров добитник на престижна награда во Кина
Никола Маџиров е добитник на големата и значајна награда за светска поезија „ДЈС“ за 2011 година која се доделува во Кина.
Оваа одлука е објавена на официјалната страница на „Поезија Исток-Запад“, издавач на истоимениот магазин за литература кој негува превод на светска литература на кинески јазик и обратно.
Наградата на фондацијата „ДЈС“ вклучува износ од 1.000 долари и објава на книга на кинески јазик следната година.
Поезијата на Никола Маџиров беше објавена на кинески јазик во списанието „Поезија Исток-Запад“ во 2011 година, а за сериозноста на оваа награда зборува и фактот што истата година во истото списание на кинески јазик беше објавена и поезија на нобеловците Вислава Шимброска и Томас Транстромер, на полскиот поет Адам Загајевски и други светски автори.
„Никола Маџиров потекнува од семејство на бегалци од Балканските војни, но тој не го користи јазикот како политичко средство – зад него стои гласот на богатиот балкански фолклор и европската и американска книжевна традиција, со длабоки внатрешни опсервации, прекрасни идеи и користење чист и интензивен јазик“, пишува во образложението на жирито.
Понатаму во текстот се наведуваат цитати за неговата поезија од неколку светски автори, како и стихови од книгата „Преместен камен“ и целосна објава на песната „Сенките нè одминуваат“ на кинески јазик.
По оваа награда ќе следува и патување во Кина следната година, каде што ќе се промовира неговата книга на кинески јазик. „Поезија Исток-Запад“ додели и награда за најдобар преведувач на кинеската литература во светски рамки за 2011 година во износ од 1.000 долари, а добитник е канадскиот поет и преведувач Нејл Ајткен.
Оваа голема меѓународна награда за Никола Маџиров доаѓа по успешната промоција на неговата германска книга во Берлин, Бремен и Келн и пред неговото патување за Лондон, каде ќе ја претставува Македонија на поетската Олимпијада, „Поетски Парнас“ на која ќе учествуваат по еден автор од сите земји на светот. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

