Култура
Милчо Манчевски во жирито на Венецискиот филмски фестивал
Најуспешниот македонски режисер Милчо Манчевски ќе биде член на жирито на 69-ти издание на Филмскиот фестивал во Венеција, коешто годинава ќе се одржи од 29-ти август до 8-ми септември.
Милчо Манчевски во Венеција се враќа осумнаесет години по победата со Златниот лав за најдобар филм за „Пред дождот“ и 11 години откако со неговиот филм „Прашина“ беше отворен Венецискиот фестивал.
На годинешново 69-то издание на најстариот и најпрестижен филмски фестивал на светот Манчевски ќе биде во жирито на секцијата Хоризонти, која заедно со Венеција 69. се двете секции на Официјалната селекција на фестивалот во кои се доделуваат награди.
„Голема чест е да се оценуваат филмови на фестивалот кој има најдобра селекција на свет, а патем, ќе се дружам и со многу фини луѓе“, вели режисерот Манчевски.
За разлика од етаблираната секција Венеција 69 која го доделува и престижниот Златниот лав, Хоризонти е од понов датум и фестивалот ја претставува како: селекција на филмови кои ги претставуваат најновите трендови и компоненти на современиот филм и во неа учествуваат дебија и независни филмови кои се спротиставуваат на жанровските филмови и тенденции, а со цел да откриваат и демонстрираат креативна оригиналност.
Претседател на жирито на Хоризонти е италијанскиот актер Пјерфранческо Фавино, а жирито доделува 3 награди. Како што е познато, на чело на жирито за Златниот лав е американскиот режисер Мајкл Мен.
Интересен податок е дека годинава како директор на Венеција повторно се враќа Алберто Барбера, кој во 2001 година го избра токму „Прашина“ на Манчевски да го отвори фестивалот.
По триумфот во Венеција во 1994 година со дебитантскиот филм „Пред дождот“, кога покрај Златниот лав освои и уште десет други награди, Милчо Манчевски е особено ценет автор во Италија чии дела имаат влијание и на популарната и на официјалната култура. Неговите филмови се дел од школската лектира, едно вино е наречено „Пред дождот“, а исто така се вика и еден ресторан во Болоња, а, пак, модната куќа за висока мода „Черути“ имаше и колекција за мажи инспирирана од костимите во „Прашина“.
Исто така, една од независните паралелни програми на Венецискиот фестивал доделува и награда за млади филмски автори што се вика според мотото на „Пред дождот“ – Кругот не е тркалезен.
Во Кинотеката во Болоња, минатата година се одржи ретроспектива на филмовите на македонскиот режисер Милчо Манчевски, а сите негови филмови сé уште играат во најразлични ревии во кината низ Италија./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.