Култура
Одбележување на 102-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза
Со проекција на филмот „Живеејќи со Мајка Тереза“ на јапонскиот режисер и претседател на Јапонската филмска академија Шигеки Чиба на 26 август во Скопје ќе биде одбележана 102-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза.
Филмот е снимен за јубилејот 100 години од раѓањето на Мајка Тереза во 2010 година, а премиерно во Македонија ќе биде прикажан, в недела, во 19.30 часот во амфитеатарот на Спомен-куќата на Мајка Тереза.
Филмот содржи архивски снимки од посетата на Мајка Тереза на Јапонија во 1981 година, авторот прикажува документарни снимки каде е претставен животот на јапонските волонтери, студенти по медицина кои се грижат за штитениците на Мајка Тереза во Домот „Нирмал Хридеј“ во Калкута, кои по нивното враќање во Јапонија, ја продолжуваат мисијата на Мајка Тереза во нивната земја.
По повод 15-годишнината од смртта на Мајка Тереза, на 5 септември премиерно ќе биде прикажан и вториот филм од истиот автор „Мајка Тереза и нејзиниот свет“.
Рената Кутера Здравковска, директор на Спомен-куќата на Мајка Тереза, вели дека раѓањето на големата хуманитарка и добитничка на Нобелова награда секогаш го одбележуваат со културен настан, а годинава се одлучиле за филмската уметност.
На 19 октомври, кога се одбележува беатификацијата на Мајка Тереза, во криптата на базиликата „Св. Антоние“ во Рим ќе биде отворена изложбата „Мајка Тереза, детството и младоста“.
Како дел од Годишната програма на Министерството за култура за остварување на националниот интерес во културата за 2012 година, во областа на меѓународната дејност беше одобрен проектот „Истражување во Државниот архив на Албанија“.
Кустосот-водич во Спомен-куќата на Мајка Тереза, Жаклина Глигоровски од 20 до 25 мај престојувала во Албанија со цел да истражува повеќе за семејството на Мајка Тереза, кое од Скопје заминува и живее во Тирана.
Глигоровски информира дека покрај Државниот архив на Албанија, ги посетила и Националната библиотека на Албанија, куќата на мисионерките „Сестри на љубовта“, првата куќа каде живееле членовите на семејството на Мајка Тереза, Националниот музеј на Албанија, црквата „Срце Исусово“, гробиштата „Шар“, каде почиваат мајката Драна и сестрата Ага, Радио-телевизија на Албанија…
Во Државниот архив на Албанија пронајдени се писма од Мајка Тереза до претседателот Рамиз Алиа, писмо од претседателот Рамиз Алиа до Мајка Тереза, разговорот на Мајка Тереза со Рамиз Алиа-печатен на хартија и аудио снимка од него, рачно напишано писмо од Мајка Тереза на албански јазик, Декрет од претседателот Рамиз Алиа за доделување на наградата „Наим Фрашери“ на Мајка Тереза, фотографии од посетите на Мајка Тереза на Албанија во 1989, 190 и 1993 година, како и други документи за братот на Мајка Тереза, Лазар Бојаџи.
Обезбедени се копии од овие документи со цел збогатување на архивот на Спомен-куќата, како и нивно користење за едукација и понатамошно истражување.
Мајка Тереза е родена во Скопје во 1910 година. На неполни 18 години заминала во Калкута каде што го основала редот Мисионери на љубовта и милосрдието и до упкојувањето во 1997 година им помагаше на болните и сиромашните, оставајќи го својот аманет дека светот е гладен за леб, но уште повеќе за љубов. За својата хумана работа во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Во 2003 година папата Јован Павле Втори ја беатифицираше, т.е. ја прогласи за блажена, што е чекор до прогласување за светица.
На гробот на Мајка Тереза во Калкута има спомен-плоча со запис „Благодарност од Република Македонија и жителите на родниот град Скопје“./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

