Култура
Пет години од смртта на Тоше Проески
Големиот македонски пејач Тоше Проески, пред пет години токму на 16 октомври загина во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години.
Во моментот несреќата, Тоше се наоѓал на совозачкото седиште во возилото Volkswagen Touareg кој со голема брзина удира во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда.
Останатите двајца патници – возачот Ѓорѓе Георгиевски поминува со потешки, додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ со полесни повреди, но и двајцата се надвор од животна опасност.
На овој ден Македонија, но и Балканот загуби еден голем човек, со уште поголемо срце, насмевка и љубов за сите.На 16 октомври, денот кога ќе навршат пет години од смртта на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески, на спортската арена „Филип Втори“ ќе се одржи музички и спортски спектакл, соопшти Фудбалската федерација на Македонија.
Во чест на Тоше Проески, кој беше редовен поддржувач на секој спортски подвиг на македонските спортисти, а кој воедно на Македонија и ја подари и официјалната навивачка химна „Македонија навива за вас“, во арената „Филип Втори“ утре ќе биде одржан своевиден спектакл, во рамките на квалификацискиот натпревар кој ќе се одигра помеѓу македонската репрезентација и репрезентацијата на Србија.
Според информациите соопштени од страна на ФФМ, церемонијата ќе започне во 19 часот, а истата ќе се состои од настапите на познати македонски ѕвезди, како што е Наум Петрески, Ламбе Алабаковски и други македонски уметници, а ќе се пуштаат и неговите најголеми хитови.
Петгодишнината од смртта на нашиот ангел ќе биде одбележана и со неколку други настани во текот на утрешниот ден, па така, шеснаесетте македонски маратонци кои пред неколку дена тргнаа од Нова Градишка, утре ќе пристигнат на неговото вечно почивалиште во Крушево.
Nапладне, во центарот на Прилеп, до Домот на културата „Марко Цепенков“, ќе биде откриен и мозаик со ликот на Тоше.
Македонската телевизија ќе се емитува и целодневна програма посветена на Тоше Проески, насловена како „Во срце засекогаш“, а истата ќе ја води Игор Џамбазов.
Неговата песна го изнесе најпрво од неговото родно Крушево, по што ги освои срцата на сите во македонија, а за кусо време се најде во срцата на сите особено во земјите од поранешна Југославија, но и на Балканот.
Момчето со златен глас почнува кариера во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно Славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик, за на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година да победи со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на „Макфест“ со композицијата “Пушти ме“.
Тоше работи со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која ќе му донесе два од најголемите хитови `Усни на усни` и `Сонце во твоите руси коси`.
Во 1999 година го издава својот деби-албум „Некаде во ноќта“ кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржува својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.
Во 2000 година Тоше учествува на „Скопје Фест“ (од каде се избира македонскиот претставник на Евровизија) со песната „Солзи прават златен прстен“ која, и покрај тоа што победува на теле-воутингот, на крајот го освојува третото место, зад Каролина Гочева и победнициите XXL.
Почнува да ги снима и песните за својот втор албум „Синот Божји“ кој е промовиран во јуни 2000 година, а од него произлегуваат бројни хитови, како „Немир“ (дует со Каролина Гочева), „Во коси да ти спијам“, „Излажи ме уште еднаш“, како и „Илузија“ и „Тајно моја“.
Добива Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродани концерти во Скопје и Белград.
Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум „Ако ме погледнеш во очи“ на македонски и српски јазик.
Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој е в својата кариера е и учител на Лучијано Павароти. По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја добива Хуманитарната награда Мајка Тереза а во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.
Следната година МРТВ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција, со песната „Ангел си ти“. Во април Тоше го издава албумот „Ден за нас“, двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија.
Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија – This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима “Krajnje Vreme“ со словенската пејачка Ања Рупел.
Во 2005, неговиот петти албум „По тебе“ е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот – неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.
Неговиот следен албум, „Божилак“, е компилација на 14 избрани македонски народни песни пропратени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и „Игри без граници“, неговиот последен албум.Неговиот последен концерт уште еден хуманитарен, оддржан на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје беше посветен на ревитализација на македонското школство. На концертот беа присутни повеќе од 40.000 посетители.
Во чест на тој концерт, секоја година од тогаш се организираат концерти на кои се изведуваат неговите песни. Тоше Проески исто така, е и композитор и текстописец како неговата „Има ли ден за нас?“, „Слушаш ли?“, „Малечка“ и „Полско цвеќе“. Во 2004, Проески ја компонира и „Муза“ – голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. /крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

