Култура
Министерката Канческа-Милевска назначена за претседател на УО на Форумот на словенски култури
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на состанокот на Форумот на словенски култури, кој во среда се одржа во Брдо крај Крањ, беше назначена за претседател на Управниот одбор на ова меѓународно тело.
Канческа-Милевска заблагодарувајќи им се на сите претставници од земјите-членки на Форумот на словенски култури за дадената доверба подвлече дека ова назначување е од голема важност, бидејќи ќе овозможи Република Македонија во периодот што претстои да даде уште поголем придонес во јакнењето на улогата на Форумот.
Таа истакна дека функцијата-претседател на Управниот одбор е особена чест, но таа истовремено е сериозен предизвик за збогатување на програмските содржини и споведување на иницијативите на сите држави-членки, со цел активна и успешна промоција на словенските култури.
Во рамките на состанокот на Форумот на словенски култури, Канческа-Милевска денеска имаше и свое обраќање на темата „Словенски интерфејс – информатички технологии и мобилност на културната политика во словенскиот свет”.
Во своето обраќање, таа ја истакна работата на Форумот кој ги промовира и афирмира особеностите на словенските култури, обезбедува фрекфентна комуникација на словенската и другите култури но, и го регулира неприкосновеното право на сопствена култура. Канческа-Милевска изрази голема благодарност до директорката на ова меѓународно тело, Андреа Рихтер, за која нагласи дека со својата посветена работа, во изминатите години го позиционираше Форумот на листата на влијателни меѓународни инстанци кои ја поттикнуваат соработката и резултираат со низа на квалитетни проекти.
По завршувањето на пленарната сесија на Форумот на словенски култури, министрите за култура на државите во кои словенските јазици се официјални – Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Македонија, Црна Гора, Полска, Русија, Србија, Словачка, Словенија и Украина, го усвоија и го потпишаа Меморандумот за соработка во областа на културата и за стимулација на соработката со европските и со другите меѓународни организации.
Во рамките на Форумот на словенски култура Република Македонија, меѓу другото, партиципира во долгорочниот проект „100 словенски романи”, кој овозможува преводи на јазиците на словенските земји на најреномирани автори и писатели.
Исто така, Македонија ќе биде дел и од заедничката изложба на државните архиви на словенските држави насловена „Главните градови на славјанските земји преку архивски материјал”, која по повод одбележувањето на 1150 години од Моравската мисија на светите Кирил и Методиј ќе биде претставена во седиштето на УНЕСКО.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во текот на вчерашниот ден, во рамките на состанокот на Советот за министри за култура на ЈИЕ оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои и со министерот за култура на Словенија, Урош Грилц и со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, со која уште еднаш беа реафимирани добрите односи и континуитетот во поддршката која оваа организација ја дава за нашата земја. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

