Култура
Македонија за Гинис со најголемото оро во светот

Националната установа „Танец“ и Скопско туристичко лето иницираа заеднички проект Најголемо оро во светот за влез на Македонија Гинисовата книга на рекорди.
Орото ќе биде формирано и изиграно на 26-ти април, сабота, напладне, а ќе се протега на 18 километри од Инекс Горица во Охрид до Мостот на поезијата во Струга и ќе трае околу осум минути. За оваа пригода премиерно ќе биде изведена музика од две стари ора, аранжирани како една композиција под наслов „Повезден те гледам”. Организаторите очекуваат 18.000 учесници за соборување на сегашниот рекорд од 2009 година што го држат Кинезите.
Сите заинтересирани за учество во орото може да се пријават на веб страната www.mkzaginis.mk.
„Мотото на овој голем настан е Цела Македонија – едно оро! Како организатори ние знаеме дека патот од Охрид до Струга не е Македонија, но оние кои по него ќе го играат најголемото оро во светот се Македонија. Целта ни е да ја претставиме Република Македонија како мултиетничко, граѓанско, демократско општество”, изјави Зоран Џорлев, директор на „Танец”.
Причина за ваквиот потфат, додаде, се одбележување на јубилејот на „Танец” – 65 години од неговото постоење во пресрет на Светскиот ден на танцот 29-ти април и влез во Гинисовата книга на рекорди.
За признавање на рекордот, орото треба да се игра непрекинато, да се игра според утврдена кореографија, а секој учесник што ќе го прекине орото ќе биде елиминиран. За набљудување на обидот за рекорд се очекува во Охрид да пристигне официјален судија од Гинис.
Сашо Ѓуровски, идејниот творец и извршен директор на проектот изјави:
„Градоначалниците на Охрид и на Струга, Бакрачески и Села, ја дадоа својата сесрдна поддршка за орото кое и двата града треба да ги внесе во Гинисовата книга на рекорди, а со тоа ќе ги впише и во светската туристичка мапа. По очекуваното поставување на рекордот, во двата града на отворени сцени ќе се одржат концерти на културно-уметничките друштва од цела Македонија, предводени од „Танец”, чиј концерт во Охрид ќе трае час и половина. Планирани се и други придружни манифестации во двата града текот на целиот ден”.
Македонската радио телевизија ќе врши директен пренос од настанот со повеќе од 20 камери.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.