Култура
46 поднесени дела на конкурсот за традиционални годишни награди на ДПМ

На конкурсот за традиционалните годишни награди на Друштвото на писателите на Македонија оваа година се пријавени вкупно четириесет и шест дела, единаесет повеќе од делата пријавени на конкурсот за годишни награди на ДПМ за 2023 година.
Оваа година, за разлика од минатата, доминира поетската продукција, но и книжевноста за деца и млади.
За наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело објавено во 2024 г. конкурираат следните 10 наслови:
1. „Ветрилиште“ (Игор Анѓелков, „Или-или“)
2. „Стриптиз на душата“ (Филип Георгиевски, „Батапрес“)
3. „Искра“ (Петре Димовски „Дијалог“)
4. „Собирачите на пластични шишиња“ (Љубинка Донева, „Современост“)
5. „Кој го уби Едгар Алан По“ (Владо Јаневски, „Или-или“)
6. „Леска Брезоска“ (Симона Јованоска, „Или-или“)
7. „Човек глагол (Homo-verbum)“ (Елизабета Јончиќ, „Слово љубве“)
8. „Приказничар“ (Жарко Кујунџиски, „Антолог“)
9. „До_адната книга“ (Стефан Марковски, „Современост“)
10. „Јод“ (Снежана Младеновска-Анѓелков, „Или-или“)
За наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка објавена од член на Друштвото на писателите на Македонија во 2024 г. конкурираат следните 16 наслови:
1. „Си беше една љубов“ (Ана Бунтеска, „Просветно дело“)
2. ,,Рајсфершлус“ (Јулијана Величковска, „ПНВ Публикации“)
3. „Бог на ба(к)терии“ (Митко Гогов, „Макавеј“)
4. ,,Јазикот што само ние го разбираме“ (Зоран Јакимоски, „ПНВ Публикации“)
5. „На грбот на неповратот“ (Владо Јаневски, Агенција за иселеништво)
6. „Светлината во нашите вени“ (Стефан Марковски, „Современост “)
7. „Зборови од хартија“ (Милчо Мисоски, „Антолог“)
8. „Моќта на водата“ (Жаклина Михајлова, самиздат)
9. „Одглас (на нечуеното)“ (Сузана Мицева, самиздат)
10. „Чекор до амбисот“ (Драгица Најческа, „Дијалог“)
11. „Непронајдено прибежиште“ (Сашо Огненовски, „Антолог“)
12. „Се умира ли од премногу сакање“ (Зоран Пејковски, „ПНВ Публикации“)
13. „Тројанско слепило“ (Милован Стефановски, „АД Вербум“)
14. „Разговор со љубовта“ (Лилјана Стоилковска, самиздат)
15. „Ехо на светлината“ (Мирјана Тренчева, „Академска мисла“)
16. „Посвети и пофалби“ (Ивица Џепароски, „Дијалог“)
За наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади објавена во 2024 г. пријавени се следните 10 наслови:
1. „Бакнежи на небото“ (Иван Антоновски, „Светулка“)
2. „Играме, растеме“ (Владо Димовски, „Арс Ламина“)
3. „Саканија“ (Љубинка Донева, „Панили“)
4. „Големиот слон лета дрон“ (Зоран Јакимоски, „ПНВ Публикации“)
5. „Со големо Д (прозен воспев на Другарството)“ (Александар Кујунџиски, „Антолог“)
6. „Очи во очи“ (Ели Маказлиева, „Едука Мак“)
7. „Тино – бездомното полжавче“ (Сузана Мицева, „Средби под јаворите“)
8. „Збрка во трка“ (Весна Мундишевска-Велјановска, „Перун Артис“)
9. „Првото жарче Љ У Б“ (Велко Неделковски, „Арс Ламина“)
10. „Мојата азбука“ (Мирјана Стојановска, „ЗНК ‘Нова’ – Битола“)
За наградата „Димитар Митрев“ за најдобро дело од областа на книжевната критика и есеистиката објавено во 2024 г. конкурираат следните седум наслови:
1. „Книжевни паметници“ (Наташа Аврамовска, Институт за македонска литература)
2. „Нивното време низ Битола“ (Петре Димовски, „Дијалог“)
3. „Авторските неологизми во поезијата на Весна Мундишевска-Велјановска“ (Елизабета Јончиќ, Македонско научно Друштво – Битола)
4. „Жени во македонската книжевност од XIX век“ (Славчо Ковилоски, Институт за македонска литература)
5. „Дом во тишина“ (Никола Маџиров, „Арс Ламина“)
6. „Тантели од зборови“ (Гоце Ристовски, „ВиГ Зеница“)
7. „Милчо за Манчевски“ (Атанас Чупоски, Кинотека на Р. С. Македонија)
Од Друштвото на писателите на Македонија со особено внимание и благодарност информираат дека по извесен период пауза, оваа година ДПМ ќе ја додели и наградата „Мост“, со која се одликува дело објавено на некој од јазиците на националностите во Р. С. Македонија. За наградата „Мост“ на ДПМ за 2024 г. се пријавени следните три наслови:
1. „Била једном једна кућа“ („Беше еднаш една куќа“) (Гордана Јовиќ Стојковска, „Слово љубве“)
2. “Vetëtimat e heshtjes” („Молњи на молкот“) (Делвина Крлуку, самиздат)
3. “Kopeja Me Zgjebe ndjek autorin” („Шугавото стадо го брка авторот“) (Каљош Челику, самиздат)
На конкурсот за годишни награди на ДПМ за 2023 г. беа пријавени 14 прозни дела, 7 поетски збирки, 6 книги за деца и млади и 8 книги критика и есеистика. Добитници на наградите беа романот „Ако се родат некакви чувства“ (Блаже Миневски, „Матица“), поетската збирка „Коњски житија“ (Зоран Анчевски, „Арс Ламина“), пиесата за деца „Земјата на заборавените сказни“ (Билјана С. Црвенковска, „Чудна шума“) и научната студија „Птици во аквариум: надреализам, 1924-2024“ (Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, „Полица“).
За доделувањето на традиционалните годишни награди на ДПМ одлучува тричлено жири, кое е избрано со тајно предлагање и гласање од страна на членовите на Управниот одбор на ДПМ. Годишните награди на ДПМ традиционално се доделуваат на 13 февруари, денот на основањето на Друштвото. Во 2025, Друштвото на писателите на Македонија ќе одбележи 78 години од своето постоење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба „Поглед кон далечина обоена сино“ во Центар-Јадро

На 20 септември (сабота) во 12.00 часот ќе биде отворена изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ заедно со Дарко Алексовски во КСП Центар-Јадро.
На оваа прошетка уметникот ќе зборува за развивањето на идеите кои ги собраа различните, досега неизложувани дела во една целина, како и за теориските и референците од историјата на уметноста. Средбата ќе биде од неформален карактер, а публиката ќе има простор да постави прашања и да сподели свои впечатоци.
Автор на текстот и куратор на „Поглед кон далечина обоена сино“ е Славчо Димитров, а изложбата ќе може да се погледне и во текот на следната недела во работни денови помеѓу 10.00 и 16.00 часот.
Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Култура
„Везилка“ – самостојна изложба на Јана Јакимовска во КИЦ – Скопје

На 24 септември во 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје ќе се отвори самостојната изложба на цртежи и слики на академската сликарка Јана Јакимовска со наслов Везилка.
За изложбата, кураторката д-р Ана Франговска ќе напише:
Проектот Везилка на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.
Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 23 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Има учествувано на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди, од кои последната е наградата од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
Култура
Оскаровци, врвни автори, македонски филмови: „Браќа Манаки“ и Битола една недела ќе бидат центарот на филмски случувања

По 46- ти пат „Браќа Манаки“ ќе ја отвори својата врата за светлината на камерата. Овој фестивал е повеќе од традиција, тој е жив организам, пулс на едно општество што сака да биде витално, храбро и отворено за промена, вели организаторот.
-Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. „Браќа Манаки“ и Битола, една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастеркласови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас за време на фестивалот, рече денеска на прес конференцијата во Битола, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Во главната програма не очекуваат филмови што доаѓаат од храмовите на светскиот филм Кан, Венеција, Берлин- и кои носат со себе свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.
-Оваа година имаме огромна бројка на акредитирани гости кои ќе присуствуваат во Битола за време на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек- дела кои се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости кои ќе бидат дел од работилниците,, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори, рече Доксевски.
Фестивалот ја враќа и програмата Макпоинт, зошто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена.
-Макпоинт програмата има одлични македонски филмови кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целата логистика и помош од Битола. На директорите на Центарот за култура-Битола, Кино Манаки, Офицерскиот дом и сите вработени. Со овие институции договоривме за време на фестивалот за сите проекции на филмовте студентите да имаат 50 % попуст, со цел младите да можат да проследат што повеќе филмови за време на фестивалот. Да сонуваме филмски наредниве седум дена и да уживаме во еден од најубавите фестивали, нашиот „Браќа Манаки“, рече Доксевски.