Изложби
Десетта археолошка изложба
Отворање на 10-та Јубилејна археолошка изложба – Декада на активирање на археолошките ресурси на Македонија, ќе се случи во среда во НУ Археолошки музеј на Македонија во Скопје со почеток од 19 часот.
Десет години наназад, Управата за зашита на културното наследство ја координира категоријата Капитални проекти во археологијата на Република Македонија (2006-2016) со поддршка на Владата на Република Македонија.
За една деценија се реализирани 40 проекти во сите делови на Македонија.
Фокусот е положен на следните централни теми и локалитети: изградба на централна археолошко – туристичка магистрала долж долината на Вардарската магистрала што условно ја нарековме Европска магистрала; изградба на најатрактивните археолошко-туристички места во Македонија, како што е македонскиот културно – туристички бисер Охрид, античкиот Лихнид и другите; изградба на дигитална база на податоци на Археолошкиот катастар на Република Македонија, прва фаза со теренско истражување и снимање на хоризонталните планиметрии на старите градови и тврдини во Македонија; поддршка и соработка на македонските локални заедници преку активирање на истражувањата на најзначајните археолошки локалитети – фаворити, што се вклучуваат активно во нивниот развој преку културата односно археологијата и туризмот; античкото кралство Македонија и Република Македонија; ранохристијанските базилики во Македонија; долината на кралевите – реката Астибо – Брегалница.
Во рамките на интензивните теренски археолошки истражувања, беа третирани најмалку 1000 археолошки локалитети при што беа откриени повеќе од 500 илијади археолошки артефакти.
Помеѓу големиот број врвни македонски археолошки бисери, интензивно се истражуваат градовите Скупи, Стоби центарот на Македонија Втора, Хераклеја Линкестидска, Лихнид, Билазора, Астрајон, Стибера, најголемата античка македонска стратегиска база Кулиште Св. Еразмо, Кале Зрзе, Тетовското Кале, Плаошник и Самоиловата Тврдина во Охрид, високиот град – светилиште и манастир Трескавец, Пелагонија највисокиот антички град во Европа, средновековниот град Кожле, предисториската населба кај Пештани на Охридското езеро каде што го изградивме мкузејот на вода како врвна туристичка атракција, што веќе три години ја враќа вложената инвестиција.
На 10-та Јубилејна археолошка изложба ви ги презентираме најзначајните пронајдоци од следниве локалитети: Скупи – Музеј на град Скопје, Таор – Музеј на град Скопје, Старо Бонче – Филозофски Факултет, Археолошки Катастар – Филозофски Факултет, Локвени – Филозофски Факултет, Маркова Кула, Корешница – Археолошки Музеј, Исар Марвинци – Археолошки музеј, Кокино – НУ Музеј Куманово, Градиште, Младо Нагоричане – НУ Музеј Куманово, Билазора, с. Кнежје – ОУ Народен музеј Свети Николе, Стоби – НУ Стоби Градско, Велешко Кале – НУ Велес, Вардарски Рид – НУ Музеј Гевгелија, Баргала – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Штип, Исарот Штип – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Штип, Цареви Кули – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица, Хераклеја Линкестис – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Битола, Стибера – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп, Зрзе – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп, Трескавец – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп, Висока, Пелагонија – Институт за старословенска култура Прилеп, Плаошник – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, Самоилова Тврдина – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, Музеј на вода – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид и Тетовско Кале – НУ Музеј Тетово./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.
Изложби
„Фрагментирана интроспекција“ – изложба на скулптури на Слободан Милошевски во Неготино
На 23 мај 2024 од 19:30 часот во изложбениот салон на Музеј на град Неготино ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 1 јуни.
„Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 30 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски,
Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

