Култура
Џифони Македонија го подготвува второто издание
По успехот на првото издание на Џифони Македонија, Филмскиот Фестивал за Млади, во 2013 година, тимот на Џифони Македонија ќе ги спои светските крстопати во Скопје со второто издание под слоганот Crossroads
Џифони фестивалот (Giffoni Experience) кој започна во Италија пред 44 години, го имаме во Македонија веќе втора година како резултат на енергијата на тимот на Џифони Македонија, на чело со извршниот директор Елена Величковска Николовска, заедно со Агенцијата за филм , и поддршката од Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Град Скопје, Општина Карпош и Италијанската Амбасада во Скопје.
Фестивалот ќе се одржи во периодот од 8-ми до 12-ти октомври на повеќе локации во Скопје, меѓу кои МКЦ, Кинотека на Македонија и Кино Милениум. Џифони Македонија ќе биде домаќин на преку 500 деца и млади, кои освен како учесници ќе бидат дел од локалното и меѓународно жири составено од преку 10тина земји, вклучувајќи ги Италија (со Сардинија и Кампанија), Романија, Грузија, Србија, Хрватска, Грција, Албанија, Русија и Бугарија.
Покрај проекции на филмови во официјалната селекција, Џифони Македонија на младите им нуди и повеќе од искуство преку забава, креативни работилници, запознавање со познати македонски актери на нашиот ” Зелен Тепих “, пријателства со целиот свет како и можноста од блиску да го доживеат искуството на најголемиот Филмски Фестивал за Млади во светот GIFFONI Experience. /крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Национален џез оркестар со Mike Holober
Еден од најреномираните современи џез композитори и диригенти, Mike Holober, на 18 март ќе настапи со Национален џез оркестар, претставувајќи го својот најнов и исклучително значаен проект This Rock We’re On: Imaginary Letters. Концертот ќе се одржи во Национална опера и балет со почеток во 20:00 часот, под диригентство на самиот автор.
Mike Holober е препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност. Неговиот проект 𝑇ℎ𝑖𝑠 𝑅𝑜𝑐𝑘 𝑊𝑒’𝑟𝑒 𝑂𝑛: 𝐼𝑚𝑎𝑔𝑖𝑛𝑎𝑟𝑦 𝐿𝑒𝑡𝑡𝑒𝑟𝑠 е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез оркестар“. Во ова дело, Holober создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг бендот.
Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата. Конципирано е како циклус од таканаречени „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое писмо е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата содржина и поетска димензија.
Гости солисти на концертот ќе бидат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии).
Овој концерт претставува исклучителна можност за непосредна средба со едно од најзначајните современи остварувања за џез оркестар, во изведба на Националниот џез оркестар и под диригенство на Mike Holober.
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на MKTickets.
Билети со 50% попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ. Билетите може однапред да се резервираат на: [email protected]
Култура
Сиљановска-Давкова: Осумдесетгодишнината на ДЛУМ говори за огромното значење на уметноста за новосоздадената македонска држава
„Биеналниот „Зимски салон 2026“ е резултат на внимателно осмислениот концепт, што цели да обедини на едно место различни генерации сликари, со различни ракописи, насликани за различни генерации набљудувачи, сите гладни за уметност“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка на 21 издание на оваа ликовна манифестација, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, коешто годинава одбележува 80 години од своето постоење.

Во обраќањето, Сиљановска-Давкова го истакна огромното значење на ликовната уметност за културниот и духовниот развој на македонската држава. Според неа, „Зимски салон 2026“ е препознатлива и вредна ликовна манифестација што дава пресек на современите ликовни состојби, но и навестува нови правци во уметноста.

Според неа, уметничкото творештво има моќ да ги надмине географските и политичките граници, туркајќи ја македонската уметност во плоден дијалог со европските и светските текови: од модернистичките визии на Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, преку силниот израз на Петар Мазев и поетиката на Димитар Кондовски, до современите автори со иновативни форми и значења.

Годинашното издание на „Зимски салон“ е курирано од реномираната словенечка ликовна критичарка Лилјана Степанчиќ.

Култура
Дијалози на современиот авторски филм: регионални гласови и европски кинематографски традиции во програмата на Кинотека на Македонија – март 2026
Во месец март 2026 година, Кинотека на Македонија ја обликува својата програма како промислен и концептуално заокружен циклус на проекции посветени на современите регионални продукции и нивните дијалози со пошироките европски и светски филмски традиции. Оваа селекција не е само репертоар на актуелни остварувања, туку куриран простор за критичко преиспитување на авторскиот филм, неговата општествена релевантност и неговата способност да го артикулира искуството на поединецот во контекст на колективните историски, културни и емотивни трауми на регионот. Програмата ја потврдува улогата на Кинотеката како институција што ја негува филмската меморија и, истовремено, активно го поттикнува современиот авторски израз и дијалогот меѓу генерациите и кинематографиите.
Во фокусот на програмата се филмови што, преку различни естетски пристапи и наративни стратегии, го обработуваат прашањето на идентитетот – личен, семеен и општествен. Публиката повторно ќе има можност да го проследи Утре наутро во режија на Јани Бојаџи, интимен портрет на современиот човек заглавен меѓу инерцијата на секојдневието и тивката, но упорна потреба за промена. Филмот, со суптилна режисерска рака, ја истражува кревката линија меѓу надежта и разочарувањето, при што секојдневните гестови и погледи стануваат носители на подлабоки егзистенцијални дилеми и неми внатрешни конфликти.
Исто така, на програмата во март ќе можете да ја погледнете и моќната драма „Sentimental Value“ („Сентиментална вредност“) на Joachim Trier — суптилна и емотивна приказна за остарен филмски режисер и неговата отуѓена ќерка-актерка, која отвора прашања за уметноста, семејството и помирувањето. На 38. издание на European Film Awards во Берлин, филмот беше прогласен за најдобар европски филм, освојувајќи вкупно шест награди. Меѓу признанијата се најдоа и наградите за:
Со Приказната за Силјан на Тамара Котевска, програмата го проширува својот тематски регистар кон полето на митот, традицијата и колективната меморија. Преку својот препознатлив сензибилитет за човечката ранливост и односот меѓу човекот и средината, Котевска создава филм што функционира како поетска рефлексија за корените и нивното значење во современиот контекст. Во таа смисла, делото делува како мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу колективниот наратив и личната приказна, отворајќи простор за преиспитување на начинот на кој традицијата се пренесува, трансформира и преживува во современоста.
Во истата линија на интимно и политички ангажирано авторство, проекцијата на Мајка на Теона Стругар-Митевска ја продлабочува програмската оска на мартовската селекција преку силен и бескомпромисен женски авторски глас. Режисерскиот пристап на Митевска е остар, но емпатичен, создавајќи филм што истовремено провоцира, вознемирува и повикува на солидарност, отворајќи прашања за телото, изборот и општествените притисоци што се впишуваат во интимните простори на женското искуство.
Кулминацијата на програмата доаѓа со проекцијата на Нов бран во режија на Richard Linklater, кинематографско рекреирање на пионерските денови на францускиот нов бран. Овој филм не е носталгична реплика, туку интелигентен омаж на еден од највлијателните периоди во историјата на европската кинематографија, кога младите автори радикално ги преиспитуваа формата, нарацијата и односот меѓу филмот и реалноста. Преку динамична визуелна структура и рефлексивен наратив, „Нов бран“ го актуелизира духот на бунтот и експериментот, потсетувајќи дека кинематографијата е жив медиум што постојано се обновува преку дијалог со сопственото минато. Вклучувањето на овој филм во програмата создава продуктивен контрапункт со регионалните остварувања: додека локалните филмови ги артикулираат специфичните социјални и културни контексти на Балканот, „Нов бран“ ја отвора перспективата кон пошироката историја на европскиот авторски филм и неговите естетски револуции.
Како целина, програмата на Кинотеката во март 2026 година функционира како внимателно куриран наратив за современиот филм и неговите корени. Таа ги поврзува интимните приказни на регионалните автори со историските пресврти на европската кинематографија, создавајќи простор за дијалог меѓу различни генерации, поетики и културни искуства. Преку оваа селекција, Кинотеката не само што нуди платформа за промоција на регионалните продукции, туку и ја потврдува својата мисија како културна институција што го третира филмот како уметнички и општествен чин. Мартовската програма, со својата тематска кохерентност и естетска разновидност, претставува покана до публиката за продлабочено гледање, критичко размислување и активно учество во живиот дијалог што го создава филмската уметност.

