Култура
Ентериерно се уредува Куќата на Робевци
Интензивно течат работите за ентериерно уредување на Куќата на Робевци во Охрид, која е еден од најпрепознатливите белези на охридската староградска архитектура.
Со проектот, за чија реализација од буџетот на Министерството за култура се издвоени три милиони денари, се врши комплетно осовременување на ентериерот, односно замена на старите изложбени витрини со нови, но и градежни интервенции во внатрешноста на овој објект. Музејот на Робевци со овие зафати ќе добие три целосни комплексни поставки, и тоа етнолошка, археолошка и уметничка поставка во кои ќе биде изложено вредно културно наследство. Исто така, на влезот во објектот ќе биде изведен нов пулт за продажба на влезници и сувенири. На првиот кат е предвидено да биде поставена нова етнолошка поставка за постојано разгледување, која ќе претставува сегмент од етнолошката музејска збирка која содржи вкупно 2200 вредни артефакти. Предметите кои ќе бидат изложени го отсликуваат развојот на старото охридско семејство Робевци, како и начинот на живеењето на градското население во Охрид. На вториот кат е сместена археолошката поставка презентирана преку Златната соба која содржи вредни археолошки движни предмети кои прикажуваат различни етапи од развојот на охридската област. Меѓу значајните предмети во оваа поставка, која беше промовирана во 2014 година, се и златната маска и златната ракавица од локалитетот Горна Порта, златните обетки гулабици и многу други наоди. На третиот кат во објектот ќе биде оформена уметничката поставка во која ќе бидат изложени највредните резби изработени од старите охридски резбари. Во изминатиот период со поддршка од Министерството за култура беше обновен екстериерот на Куќата на Робевци, при што беше извршена комплетна санација на фасадите на објектот, беше променета целата надворешна столарија и беше реконструирана покривната конструкција со што се обезбеди долговечност на овој исклучително значаен споменик на културата. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Две нови награди за „Неми Филмови“ на Господиновски во Русија и Тајван
Анимираниот филм „Неми Филмови“ на Крсте Господиновски, минатата недела освои две нови награди на меѓународни фестивали, наградата за „Најдобар интернационален краток филм“ на „Меѓународниот фестивал за краток филм Вижн“ во Кемерово, Русија и „Почесно признание“ на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм КУАНДУ“ кој се одржува во Тајпеј, Тајван.

Ова е втора по ред награда во Русија и втора награда во Тајван, по октомвриската награда на престижниот ТИАФ кој се одржува во Тајчунг.
Во септември филмот ги освои Гранд При наградата на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм Аниматор Фест“ во Јагодина и наградата од домашната публика на „Меѓународниот фестивал за краток филм Ѕирни“ во Скопје.

Од премиерата на фестивалот Анеси во јуни, „Неми Филмови“ досега е прикажан на 28 меѓународни фестивали и има освоено 7 награди.
Филмот е во продукција на Фокус Покус Филм и во копродукција на Флипбук Продакшнс, а е поддржан од Агенцијата за филм на Република С. Македонија.
Култура
Кавадарци го слави „Месецот на театарот“ со премиера на Чехов и богата програма во Домот на културата
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци го очекуваат повеќе настани од областа на театарската уметност.
Во четврток, на 13 ноември 2025, со почеток од 19 часот, Театарот при Домот на културата Кавадарци, премиерно ќе ја одигра претставата “Предлог за брак/Мечка“ по текст на Антон Павлович Чехов. Претставата е состав на две едночинки. Режијата е на Микица Илова.
Во првата едночинка играат: Александар Малинков , Ивана Секуловска ,Саше Орешков, а во втората едночинка: Елена Илова, Петар Стојанов , Мартина Илиевска. Суфлер: Дијана Мишова; Костимограф: Сара Милевска; Сценска подршка: тим на Дом на култура Кавадарци; Светло/тон: Пепи Ангелов.
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци е и организатор на манифестацијата “Месец на Театарот“ која годинава се оддржува по петти пат. Манифестацијата ќе биде отворена со изложба на избор плакати од претстави на Театарот при Домот на кутурата Кавадарци изминатите децении.
Официјалниот распоред е:
15.11 (сабота) Свечено отворање на манифестацијата со Изложба на театарски плакати
15.11 (сабота) “Ухљеби“, ДРАФТ Театар, Тузла, Босна и Херцеговина
17.11 (понеделник) “Петок 13“, Народен Театар Струмица
19.11 (среда) “Предлог за брак/Мечка“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
22.11 (сабота) “Госпоѓа Министерка“, Театар “Џинот“, Велес
25.11 (вторник) “Смртта на еден човек на Балканот“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
Сите претстави започнуваат од 19 часот.
Култура
Изложба на Иван Ивановски во Кина
Во Гуангдонг Сан Та Музејот за Уметност во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември 2025 година, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за Култура и Туризам на Република Северна Македонија.

Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика.
Фотографиите се на Даниел Коцев – Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.
![]()
![]()


