Култура
Јубилејно петто издание на „Златна рамка“, кое ќе се одржи од 20 до 23 април
Како иницијатор, основач и организатор на филмската ревија „Златна рамка“, која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година, финансирани од буџетот на државата и поддржани од Агенцијата за филм, ДФРМ годинава го подготвува јубилејното петто издание на манифестацијата, кое ќе се одржи од 20 до 23 април. „Златна рамка“ е единствена можност на едно место да се видат сите остварувања на домашната кинематографија од една календарска година.
„Златна рамка“ веќе четири години успешно ја промовира нашата актуелна кинематографија и претставува единствен настан посветен на македонскиот филм.
„Токму годинава се одбележува еден мини јубилеј од пет години и со големо задоволство може да констатираме дека ‘Златна рамка’ ги исполни очекувањата што беа забележани во иницијативата за нејзиното почнување. Транспарентното прикажување на годишната продукција го подобрува квалитетот на проектите од година на година, нашата кинематографија предизвикува интерес кај домашната публика, медиумите покажуваат интерес за македонскиот филм, а филмските професионалци имаат можност да ги стават во фокус прашањата што ги засегаат и да ги афирмираат своите остварувања со еднаков третман на сите што се вклучени во филмските екипи. Ваков ревијален приказ претставува и своевиден отчет, што им го должиме на публиката и на критиката, кои на едно место може да добијат целосна слика за сработеното во македонскиот филм во една тековна година“, велат од ДФРМ.
Во рамките на „Златна рамка“ на 20 април ќе се одржи и годишното собрание на друштвото, на кое оваа година ќе се изврши избор на директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ за период од две години. ДФРМ е иницијатор, основач и организатор на фестивалот „Браќа Манаки“, кој, почнувајќи од 1979 година, е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Оваа година, во септември, планирано е да се одржи 44. издание на „Браќа Манаки“.
Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено и за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“. ДФРМ е единствената македонска овластена институција, препознаена од Американската академија за подвижни слики, за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата. Годинава, изборот на македонски кандидат за „Оскар“ ќе се одржи во октомври, при што ќе се формира комисија од филмаџии за што ќе бидат организирани затворени проекции за филмовите кандидати по што членовите на комисијата ќе ги прегледаат филмовите и потоа ќе се состанат за одлучување. Минатата година за македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ беше избран „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

