Филм
Доделени наградите BAFTA, триумф на „Ла Ла Ленд“
Мјузиклот „La La Land“ триумфираше на годинешното 70-то доделување на наградата на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (British Academy of Film and Television Arts -, BAFTA), кое се одржа во неделата вечерта во лондонски „Алберт хол“, освојувајќи ги признанијата за најдобар филм, најдобра режија за Демиен Шазел и за најдобра главна женска улога за Ема Стоун, а притоа долгогодишниот водител на церемонијата Стивен Фрај се пошегува дека победниците ги избрале „руските хакери“.
Кејси Афлек, за улогата во дрмата „Манчестер крај морето“ (Manchester by the sea) е награден за најдобар актер во главна улога. Овој филм ја освои наградата на BAFTA и во категоријата најдобро сценарио.
Наградата за најдобра женска споредна улога ја доби Виола Дејвис за американската држава „Fences’ во режија на Дензел Вашингтон. Најдобар актер во машка споредна ролја, пак, е Дев Пател во филмот „Лав“ (Lion) во кој го толкува ликот на Сару, дете од индискиот мегалополис Колката (Калкута) кое го губи семејството и е посвоено во Австралија а по 25 години ја пронаоѓа мајка си.
Наградата за најдобра ѕвезда во подем му припадна на Том Холанд. BAFTA за најдобро адаптирано сценарио ја доби Лук Дејвис за „Лав“, а најдобар документарен филм е „13-th“ на Ава Мари ДуВернеј. Најдобар цртан филм е „Кубо и волшебниот меч“ на режисерот Тревор Најт.
За најдобар британски филм е прогласен „Јас, Даниел Блејк“ на Кен Лоуч, а за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје (или странски) е прогласен „Синот на Саул“, на унгарскиот режисер Ласло Немеш.
Годинешната јубилејна церемонија на доделувањето на најпрестижните британски филмски награди пои 12-ти пат ја водеше познатиот актер и шоумен Стивен Фрај, пред околу две илјади поканети гости.
„Па, ајде да видиме кого тоа Русите ги избраа за победници“, се шегуваше во свој стил Фрај на отворањето на свечената церемонија пред доделувањето на признанијата./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Почнува 24. „Синедејс“ со репертоар од над 50 европски остварувања
Со слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се одржува 24. „Синедејс“ – Фестивал на европски филм.
Осумте селекции, повеќе од 60 филма, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвната работилница „Маркетинг на филм“ се фактографски белег на годинешниот „Синедејс“.
„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сѐ е богат со најновите и најнаградувани филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да може да виреат такви креативци, но и на таквата префинета публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал, пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.
Два филма се на почетокот на фестивалот – „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.
„Ова издание на ‘Синедејс’ ги носи и ‘Тајниот агент’ на Мендонса Фило, ‘Домот на младата мајка’ на браќата Дарден, и двата номинирани за ‘Златна палма’, ‘Татко мајка сестра брат’ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата ‘Златен лав’ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како ‘Оче наш’ на Горан Станковиќ, ‘Ера’ на Парта Келменди, ‘Павиљон’ на Дино Мустафиќ… А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и ‘Македокс’ ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршок на годинава за МКЦ“, дополнува Арсова.
Селектор на програмата на 24. „Синедејс“ е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, МК во ЕУ, МК-премиери на кратки филмови, музички документарци, СЕЕ-програма, селекција на Дејвид Линч и „Македокс“.
Жири-комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора, за филмовите во СЕЕ-програмата.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „Синемјузик“ имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во киното „Фросина“ и во Дансинг-салата „25 мај“.
Билетите за годишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Други финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европските филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“.

