Филм
Сарандон и Ланг во серијата за Џоан Крафорд и Бет Дејвис
Од неделата на американската кабелска телевизија FX почнува прикажувањето на серијата на режисерот Рајан Марфи под насловот „Кавга: Бет и Џоан“, драматизација на соперништвото меѓу двете филмски диви Бет Дејвис, чијшто лик го толкува Сузан Сарандон, и Џоан Крафорд која ја толкува Џесика Ланг, за време на снимањето на филмот „Што се случи со Бејби Џејн?“.
На премиерата на серијата одржана во средата 70-годишната Сузан Сарандон за Reuters изјави дека можела да се идентификува со Бет Дејвис, бидејќи „себеси никогаш не се гледала како една од убавиците“, а 67-годишната Џесика Ланг рече дека ликот на Џоан Крафорд целосно е спротивен од нејзиниот приватен карактер. Имено, Крафорд израснала со насилна мајка и била опседната со одржувањето на имиџот на филмска ѕвезда, и постојано живеела во страв од сиромаштија.
Ланг забележа притоа дека проблемот на актерките, иако дејствието на серијата е сместено во шеесеттите години од минатиот век, значително не се измениле.
„Тие проблеми се многу актуелни. Подеднакво е актуелно она низ што жените минувале и тогаш и денес… всушност ништо не се изменило. Серијата претставува микрокосмос на она низ што жените генерално минуваат во текот на процесот на стареење…, стануваат невидливи, непривлечни и непосакувани“, смета Ланг.
Сарандон, пак, смета дека границата за годините кога Холивуд ги отфрлал актерките како стари крпи денес незначително е симната. Смета и дека денес мајчинството нема на актерката да ѝ ја упропасти кариерата. Го наведе притоа својот пример, нејзината кариера процутел откако навршен четириесет.
Џоан Крафорд и Бет Дејвис биле големи ривалки и пред почетокот на снимањето на филмот „Што се случи со Бејби Џејн?“, нискобуџетен психолошки трилер/хорор за остареана актерка, којашто ја толкува Дејвис, која во старата холивудска вила ја држи во заточеништво својата сестра параплегичарка која ја толкува Крафорд, Филмот е снимен во 1962 година, во времето кога и двете актерки Холивуд помалку почнал да ги заборава. Бет имала 54, а Џоан 58 години.
Меѓутоа, филмот постигнал изненадувачки успех, добивајќи пет номинации за Оскари, и ги оживеал кариерите на двете актерки кои веќе биле во надолна линија.
Авторот на серијата Рајан Марфи вели дека станува збор за приказната за две сопернички којашто истовремено е тажна, емотивна и болна и деликатна.
„Тоа е потресен портрет на две жени кои биле жртви на мажите, медиумите и филмските студија…, поточно, една поучна феминистичка приказна“, смета Марфи додавајќи оти му изгледа оти прашањето на сексизмот, мизогинијата и дискриминацијата кон годините кај жените во Холивуд не е значително променета.
Покрај Сарандон и Ланг, во серијата од осум епизоди играат и Кетрин Зита-Џонс, којашто ја толкува Оливија де Хавиленд, Стенли Тучи кој го игра Џек ворнер, Алфред Молина како Роберт Олдрич, Кети Бејтс и друго. Извршен продуцент ќе биде Бред Пит./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Почнува 24. „Синедејс“ со репертоар од над 50 европски остварувања
Со слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се одржува 24. „Синедејс“ – Фестивал на европски филм.
Осумте селекции, повеќе од 60 филма, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвната работилница „Маркетинг на филм“ се фактографски белег на годинешниот „Синедејс“.
„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сѐ е богат со најновите и најнаградувани филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да може да виреат такви креативци, но и на таквата префинета публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал, пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.
Два филма се на почетокот на фестивалот – „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.
„Ова издание на ‘Синедејс’ ги носи и ‘Тајниот агент’ на Мендонса Фило, ‘Домот на младата мајка’ на браќата Дарден, и двата номинирани за ‘Златна палма’, ‘Татко мајка сестра брат’ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата ‘Златен лав’ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како ‘Оче наш’ на Горан Станковиќ, ‘Ера’ на Парта Келменди, ‘Павиљон’ на Дино Мустафиќ… А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и ‘Македокс’ ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршок на годинава за МКЦ“, дополнува Арсова.
Селектор на програмата на 24. „Синедејс“ е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, МК во ЕУ, МК-премиери на кратки филмови, музички документарци, СЕЕ-програма, селекција на Дејвид Линч и „Македокс“.
Жири-комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора, за филмовите во СЕЕ-програмата.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „Синемјузик“ имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во киното „Фросина“ и во Дансинг-салата „25 мај“.
Билетите за годишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Други финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европските филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“.

