Филм
Со 'Големиот Гетсби' започнува филмскиот фестивал во Кан
Со прикажувањето на филмот „Големиот Гетсби“ на австралискиот режисер Баз Лурмен во средата навечер започнува 66-то издание на филмскиот фестивал во Кан, кој секоја година кон средината на мај, од 15-ти до 26-ти, станува центарот на филмскиот свет собирајќи стотици филмови, актерски и режисерски ѕвезди коишто ги очекуваат престижните признанија Златните палми.
Филмот на Баз Лурмен, „Големиот Гетсби“ (The Great Gatsby) со холивудската ѕвезда Леонардо Дикаприо во главната ролја, всушност е веќе четвртата екранизација на истоимениот роман на Френсис Скот Фицџералд, а ќе биде прикажан вон конкуренција.
Тоа е сторија за порочното американско општество од 1920-те во кој ликовите на Ник Карау и неговата братучетка Дејзи Бјукенен ги толкуваат Тоби Мегваер односно Кери Малиган, а насловната ролја на самиот Гетсби – Леонардо Дикаприо. Тој во Кан не се појави од 2007 година кога го претстави својот филм посветен на еколошките проблеми „Единаесеттиот час“ (The 11th Hour). „Големиот Гетсби“ ќе биде вториот во историјата на фестивалот филм кој на отворањето ќе биде прикажан во 3Д формат. До овој филм на Лурман, во таков формат Канскиот фестивал беше отворен во 2009 година со анимацијата „Up“.
Годинешната конкуренција на еден од најценетите филмски фестивали во светот, ќе претстави дваесетина филмови, од кои само еден го режираше жена, а голем е бројот на афирмираните режисерски имиња, како браќата Коен, Роман Полански, Џим Џармуш, Паоло Сорентино, Александер Пејни и Стивен Соденберг.
Со фестивалското жиро годинава ќе претседава славниот Стивен Спилберг, кој всушност е првиот американски режисер кој ја доби оваа чест, а најавено е и доаѓањето на славните холивудски филмски ѕвезди, како Никол Кидман, Леонардо Дикаприо, Роберт Редфорд, но и на европските, како што е француската актерка Марион Котијар.
Браќата Жоел и Етан Коен во Кан годинава ќе го презентираат филмот „Inside Llewyn Davis“ со Џастин Тимберлејк и Кери Малиган, посветен на њујоршката фолк сцена од 1960-те.
Новиот филм на Џим Џармуш на негов особен начин се придружува на трендот на ткн вампирски филмови и како и претходниот зборува за музиката. Во филмот „Само љубовниците преживеаја“ (Only lovers left alive) во улогата на вампирот Адам се јавува Том Хидлстон а неговата љубена, нормално, со име Ева ја толкува Тилда Свинтон.
Стивен Спилберг ќе се претстави со „Зад канделабрите“ (Behind the Candelabra), приказна која почива на автобиографскиот роман за врската на славниот американски пијанист Валентино Либераче и неговиот многу помлад љубовник, двојката што ја глумат Мајкл Даглас и Мет Дајмон.
Роман Полански се враќа во Кан со два филма, адаптацијата на оф-Бродвеј претставата „Венера во крзно“ (La Venus a la Fourrure) со Емануела Сение и Матје Амалрик, и со документарниот филм кој ќе биде прикажан вон конкуренција „Weekend of a Champion“ посветен на возачот на Формула 1, славниот Џеки Стјуард.
Драмата „Небраска“ на оскаровецот Александар Пејни, го следи остарениот татко и оттуѓениот син на пат од американската сојузна држава Монтана до државата Небраска каде треба да ја подигнат наградата од милион долари. Уште еден американски режисер влегува во конкуренцијата со филм чие дејствие е сместено во дваесеттите години од минатиот век, Џејмс Греј „The Immigrant“ во кој настапуваат Хоакин Феникс и Марион Котијар.
Постојаниот гостин на Кан, Франсоа Озон учествува со филмот „Jeune et jolie“ во кој продолжува да се занимава со темата од претходното остварување „Во домот“ за тинејџерите, кој зборува за тинејџерка од високиот општествен слој која станува проститутка.
Во конкуренција влегуваат и криминалниот трилер „Wara no tate“ на Такаши Миике, социјалната драма „Допир на гревот“ (Tian zhu ding) на Тјан Чжанк, „Боргман“ (Borgman) на Алекс ван Вармердам, „Минатото“ (Le passe) на иранскиот оскаровец Асагар Ферхади со ѕвездите на оскаровскиот „Уметникот“ Беренис Бежо, Хели Амат Ескаланте, „Џими Пикард“ (Jimmy P:Psychotherapy of plains indian), на Арно Деплешен со Бенисио Делторо, „Животот на Адел“ (La vie d’Adele) на Абделатиф Кешиш, „Каков татко, таков син“ (Soshite chichi ni naru) на Хирокаѕу Корееда, „Grisgris“ на Махамат-Салех Харун од Џад, „Големата убавина“ (La grande bellezza) на Паоло Сорентино за кризата на високото општество, „Микалел Кохлас“ (Michael Kohlhaas) на Арно де Палера со минатогодишниот добитник на Златната палма за најдобра машка улога Мадс Микелсен, „Само бог простува“ (Only God Forgives) на Николас Виндинг Рефн со Рајан Гослинг во насловната ролја, и „Замок во Италија“ (Un chateau en Italie) на Валери Бруни-Тедески, во кој игра самата режисерка со познатиот француски актер Луј Гатрел.
Во конкуренцијата на кусите филмови годинава се натпреваруваат девет, а меѓу нив првпат е и едно палестинско остварување, додека програмата „Извесен поглед“ донесуваа 18 долгометражни филмови,. Меѓу кои се и новите дела на режисерките Клер Дени и Софи Копола.
На репертоарот на полноќните проекции ќе бидат прикажани „Monsoon Shootout“ „Blind Detective“ и „Hommage Jerry Lewis: Max Rose“, а ќе се одржат и програмите „La Quinzaine des realisateurs“ чија цел е откривање млади автори и оддавање почест на веќе признатите, како и секцијата „La Semaine de la critique“ паралелен избор на филмови кои откриваат новите таленти, прикажувајќи ги само првите и вторите долгометражни филмови.
Многумина очекуваа дека на фестивалот ќе ја претстави својата најнова работа и шпанскиот мајстор Педро Алмодовар, но неговиот филм „Јас сум многу возбуден“, не влезе во конкуренцијата и ќе го мине Кан само во селекцијата на меѓународната дистрибуција. Во селекцијата за главната конкуренција меѓу учесниците не се јавува ниту Ларс фон Трир кој пред две години во Кан беше прогласен за персона нон-грата поради провокации. Без разлика на тоа што организаторите на филмската смотра објавија дека го очекуваат режисерот, неговото дело „Нимфоманка“ не влезе во конкуренцијата, бидејќи не е финализирано./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

