Филм
Богата програма на овогодинешниот CINEDAYS
Годинешниот 14. CINEDAYS, што ќе се одржи од 12 до 21 ноември, нуди повеќе од стотина филмови селектирани во неколку програми, Официјална програма, СинеБалкан, Гала Програма, Музички документарци, Летонски и Македонски кратки филмови и богата придружна програма од работилници, концерти, панел дискусии.
На менито, се најнаградуваните и најпознатите режисери во 2015 година: Томас Винтерберг со „Далеку од безумната толпа“, Сузан Биер со „Втора шанса“, Паоло Сорентино со „Младост“, Матео Гароне со „Приказна над приказните“, Александар Сокуров со „Франкофонија“, Никита Михалков со „Сончаница“, Вим Вендерс со „Сè ќе биде во ред“ и тоа во 3D, Нани Морети и „Мојата мајка“, Гаcпар Ное и контроверзниот „Љубов“, како и Вуди Ален со неговиот последен филм „Ирационален човек“. На CINEDAYS ќе биде прикажан и годинешниов кански победник „Дипан“ на култниот Жак Одијар со гости – главните актери од филмот! За првпат по долги години, вратите на CINEDAYS оваа година ќе ги отвори премиера на македонски режисер, Дарјан Пејовски и неговиот „Три дена во септември“, филм што е во селекција за една од наградите во Официјалната програма. „Во Официјалната програма и програмата СинеБалкан ќе бидат прикажани филмови на млади режисери за кои слободно може да се рече дека се дел од иднината на европската кинематографија. Во овие селекции, имаме гости од секој филм, кои ќе и бидат достапни на публиката за разговор по проекцијата.Новитет е и воведувањето на финансиски награди за најдобрите филмови, што подобро нè позиционира како сериозен фестивал во европски рамки. На CINEDAYS ќе се случи и Меѓународна панел дискусија на темата: Миграции, со професори по социологија, политички науки и филм од регионот и Европа, на која ќе се дискутира за актуелните прашања поврзани со напливот на емигранти од блискиот Исток. Темата не е филмска, но е актуелна, а CINEDAYS како ангажиран фестивал треба да поставува прашања“, вели Маргарита Арсова, координатор на фестивалот. На менито со егзотични филмови – се нудат ревија на специјална селекција на индиски и ирански филм. Поттикнати пак од 40-годишнината од контроверзната смрт на Пјер Паоло Пазолини, во рамки на фестивалот ќе се прикаже и омаж на неговите филмови, но и дебата со повеќе професори од Европа, филмски експерти и теоретичари за ликот и делото на овој култен режисер. 14от CINEDAYS има и богата понуда на музички документарци, а и богата придружна програма на музички настани. „Филмскиот мегахит за прерано починатата Еми Вајнхаус, кој веќе ги полни кино салите ширум светот, „Страста и звукот во Западен Берлин 1979-1989“ – филм, кој музички ја опишува последната декада во овој град пред конечното паѓање на ѕидот, имаме и светска премиера на филмот за македонската хип хоп сцена насловен „Сложувалка“, потоа последниот документарен филм посветен на култната музичка група Morphine, насловен како „Патување од соништа“, гледан низ призмата на двајцата преостанати членови од бендот. Куриозитет е филмот „Кучешко срце“,концептуален филм на големата Лори Ендерсон кој ќе се прикаже веднаш по премиерата на фестивалот во Венеција во септември. Следуваат филмовите „Денови на салатата“, филм за панк сцената во осумдесеттите години во Вашингтон, филмот „Копирањето како применета уметност“ за една од најголемите субверзивни „акции“ на словенечкиот арт-колектив NSK од Словенија, кои во 1987 предизвикале мега скандал со дизајнот за постерот по повод „Денот на Младоста“, вели Владица Младеновски – Грга, музички уредник на фестивалот. Забавата е со дефинирана концертна понуда. Британски тек хаус диџеј Тери Френсис настапува на 13 ноември, легендарниот хип хоп артист Диџеј Премиер е на 16 ноември, а за љубителите пак на инди-рок музиката, во програма е и концерт на монтреалскиот дистописки арт-панк колектив SUUNS и Jerusalem in my Heart. Во рамките на активната страна на фестивалот, ќе се одржи и работилница за развој на сценарија, од наградуваниот консултант и сценарист Роелоф Јан Минебо, како и предавање од проф. Вилијам Браун (Универзитет Рохемптон, Лондон) за умешноста на снимање на филм без буџет. Покрај истите, ќе се одржи и работилница посветена на ориенталната музика во филмот од проф. Берак Таранч (Универзитет Докуз Ејлул , Турција) како и предавање на проф. Сали Салији на вечната тема – филмската уметност и консумеристичкото општество.Повторно, тука е и конкурсот за филмска критика на кој може да учествуваат сите гости – заинтересирани до 35 години. Текстотите не треба да се подолги од 1 страница, а секој од пријавените може да испрати не повеќе од 3 рецензии за филмовите од репертоарот на официјалната селекција и СинеБалкан. Сите заинтересирани може да се пријавуват на [email protected] најдоцна до 11 ноември, а потоа доаѓа следната фаза гледање филмови и пишување рецензии. Најдобрите добиваат награди.
Цената на билет е 150 денари за проекциите во Кино Милениум, со исклучок на филмот на Вуди Ален „Ирационален човек“ за кој билетот чини 300 денари, потоа 100 денари за програмата во кино Фросина, а проекциите во Џебно кино се бесплатни. Годинава за средношколците и студентите ќе има попуст од 50 денари на секој билет./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Филм
Утре се отвора четвртиот Фестивал на грчки филм
Утре, на 7 април 2024 година, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија (Никола Русински 1, Скопје 1000) ќе биде отворено четвртото издание на Фестивалот на грчки филм. На отворањето ќе биде прикажан кусометражниот филм „Тишината на рибата кога умира“ на Василис Кекатос (2019, 19′), а потоа долгометражниот филм „Не би сакал да сум непристоен, но треба сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос (2019, 99′).
Ова се две црни комедии во кои што идејата за смртта се прикажува со доза на хумор. Филмот „Тишината на рибата кога умира“ учествуваше на некои од најважните фестивали како Sundance, а Василис Кекатос е еден од најважните претставници на кусометражните филмови со многу награди, вклучително и Златна палма во Кан.
Фестивалот е во ко-организација на Амбасадата на Грција во Скопје и Меѓународниот филмски фестивал Киненова спонзориран од фирмите Armos Balkan и Mermeren.
Влезот е бесплатен.
Култура
Во февруари 50-годишен јубилеј на Кинотека: Старите вредности во нови контексти
Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.
Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.
Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.
Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.