Филм
Холивуд се подготвува за Златните глобуси, „Birdman“ фаворит
Ситуацијата во Холивуд е напната пред доделувањето на престижните филмски награди – Златен глобус, а како еден од можните фаворити се споменува филмот „Birdman“ кој доби најмногу номинации.
Комедијата „Birdman“ на мексиканскиот режисер Алехандро Инарито за поранешниот актер во филмовите за супер хероите кој сака да се прослави и во театарот, доби седум номинации за наградите кои ги доделува Здружението на странските новинари акредитирани во Холивуд – HFPA.
Филмот, речиси целиот снимен во еден театар на Бродвеј, е номиниран во категориите за најдобра комедија, а Мајкл Китон е номиниран за најдобра машка улога, Ема Стоун и Едвард Нортон се номинирани за Златни глобуси во категориите за најдобрите женска и машка споредна улога, а филмот е номиниран и за најдобра режија, најдобро филмско сценарио и за најдобра музика.
Сепак, филмските критичари не се толку сигурни во прогнозите како минатата година, кога филмот „Дванаесет години ропство“ беше во голема предност пред конкурентите.
На „Birdman“ во категоријата најдобри филмски категории му конкурираат „Grand Budapest Hotel“ на Вес Аднерсон, „Во шумата“, „Прајд“ и „Сент Винсент“.
Во категоријата филмска драма се натпреваруваат „Boyhood“ на Ричард Линклејтер, оригинален филм кој ги следи дванаесетте години од растење на едно момче, „Игра на имитирање“, филм за британскиот математичар Ален Тјуринг, кои имаат по пет номинации. Меѓутоа, во оваа категорија како притаени фаворити се споменуваат и „Селма“, „Теоријата на сето“ и „Фокскачер: Приказната којашто го шокираше светот“.
„Birdman“ веќе доби најголем број номинации за наградата на Здружението на актерите, а се наоѓа и меѓу најдобрите долгометражни филмови според изборот на американските продуценти и веќе ја освои наградата за најдобар независен филм.
Во конкуренцијата на актери во драмските филмови номинирани се комичарот Стив Карел, кој направи целосен пресврт во кариерата прифаќајќи ја улогата на милијардерот Џон ДуПон во филмот „Фокскачер…“ и Бенедикт Камбербач кој во филмот „Игра на имитирање“ го толкува ликот на Тјуринг.
Филмот „The Imitation Game“ во режија на Мортен Тилдам е историска драма за британскиот математичар, логичар, криптограф и криптоаналитичар Алан Тјуринг, главната личност во дешифрирањето на „Енигма“, криптографскиот апарат за кодирање на нацистичка Германија во Втората светска војна. Тјуринг го измислил уредот кој ги разбил кодовите на „Енигма“, што на сојузниците им дал на клучна предност на неколку стратешки боишта. Тјуринг се смета за втемелувач на модерното компјутерство, но неговите придонеси подоцна се засенети со пресудата 1952 година поради неморал, во времето кога хомосексуалноста во Велика Британија била сметана за неморал. Бил хемиски кастриран, поради што во 1954 година извршил самоубиство.
Во истата конкуренција се номинирани и Џејк Гиленхал за улогата на социопат кој станува телевизиски репортер во филмот „Ноќни хроники“ Дејвид Ојелово за улогата на легендарниот црнечки активист Мартин Лутер Кинг во филмот „Селма“ и Еди Редмејн за улогата на славниот физичар Стивен Хоукинг во филмот „Теоријата на сето“.
Покрај Мајкл Китон, на Златен глобус за најдобар актер во комедија може да се надеваат и Ралф Фиенс за „Grand Budapest Hotel“, Били Мареј за „Сент Винсент“, Жоакин Феникс за „Скриен недостаток“ и Кристоф Валц за „Големи очи“.
Во женската конкуренција се издвојуваат Џулиен Мур со две номинации – за главна ролја во комедијата „Билет до ѕвездите“ и во драмата „Стил Алис“ за улога на жена заболена од Алцхајмерова болест.
Покрај Мур, во категоријата на најдобрите драмски актерки номинирани се и Џенифер Анистон во „Колач“, Фелисити Џонс која ја толкува сопругата на Хоукинг во филмот „Теоријата на сето“, Розамунд Пике во „Исчезната“ и Риз Витерспун во „Вајлд“, додека за титулата најдобра комичарка се натпреваруваат Ејми Адамс со ролјата во „Големи очи“, Емили Блант во „Во шумата“, Хелен Мирен со „Индиски зачин на француски начин“ и Кувенжан Валис во „Ени“.
Во конкуренцијата за Златен глобус за странски филм номинирани се шведскиот филм „Турист“, израелскиот „Гет“, полско-данската копродукција „Ида“, рускиот „Левијатан“ и естонскиот „Мандариндид“.
Наградата Златен глобус е втемелена во 1943 година, а со текот на годините стана една од најценетите холивудски филмски награди којашто значително придонесува за промоција на некој филм, особено благодарејќи на доделувањето на признанијата што се пренесува ширум светот, годинава правата ги има NBC, и која е „многу позабавна од доделувањето на Оскарите која како да застана во педесеттите години од минатиот век“, оцени професорот на популарна култура од Универзитетот Сиракјуз, Роберт Томпсон./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Филм
Утре се отвора четвртиот Фестивал на грчки филм
Утре, на 7 април 2024 година, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија (Никола Русински 1, Скопје 1000) ќе биде отворено четвртото издание на Фестивалот на грчки филм. На отворањето ќе биде прикажан кусометражниот филм „Тишината на рибата кога умира“ на Василис Кекатос (2019, 19′), а потоа долгометражниот филм „Не би сакал да сум непристоен, но треба сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос (2019, 99′).
Ова се две црни комедии во кои што идејата за смртта се прикажува со доза на хумор. Филмот „Тишината на рибата кога умира“ учествуваше на некои од најважните фестивали како Sundance, а Василис Кекатос е еден од најважните претставници на кусометражните филмови со многу награди, вклучително и Златна палма во Кан.
Фестивалот е во ко-организација на Амбасадата на Грција во Скопје и Меѓународниот филмски фестивал Киненова спонзориран од фирмите Armos Balkan и Mermeren.
Влезот е бесплатен.
Култура
Во февруари 50-годишен јубилеј на Кинотека: Старите вредности во нови контексти
Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.
Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.
Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.
Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.