Филм
Оскарот од 1930-та продаден за 180.000 долари

Статуетката на Оскарот доделен во 1930 година на актерката Норма Ширер за улогата во филмот „Разведена жена“ (Divorcee) е продадена за 180 илјади американски долари, што е редок пример на продажба на престижното признание коешто го доделува американската филмска академија, забележуваат медиумите.
Оскарот на продажба го понудила установата која се грижи за оставината на актерката Норма Ширер. Оваа американско-кандаска актерка филмска ѕвезда од 1930-те години, се прослави со ролјите во филмовите како „Марија Антоанета“ и „Жени“, а била номинирана за Оскар за најдобра женска улога во уште пет други филмови. Ширер почина во 1983 година,
Академијата не одговорила на барањето на медиумите да ја коментира аукцијата одржана во средата во Холивуд.
Оскарите многу ретко се појавуваат на аукции, бидејќи Академијата за филмски уметности во 1950 година забрани продавање на статуетката на добитниците и нивните наследници пред да го понудат на Академијата, и тоа за еден долар.
Инаку веќе неколку Оскари доделени пред 1950 година во последните години се продани на аукција. Така, Оскарот за најдобар филм кој во 1939 година го доби „Однесено со виорот“, своевремено го купи сега починатата поп икона Мајкл Џексон за сума од милион ипол долари.
На самиот крај од 2011 година статуетката Оскар којашто познатиот светски актер и режисер Орсон Велс ја доби за сценариото на култниот филм „Граѓанинот Кејн“, сметан за еден од најдобрите филмови на сите времиња, беше продаден на аукција за 861.542 долари, четири години по првото неуспешно наддавање.
Во октомври 2014 година, Оскарот кој во 1941 година го доби за главна женска улога актерката Џоан Фонтејн беше понуден на наддавање. На Фонтејн, која почина во 2013 година на возраст од 96 години, го освои Оскарот за насловната ролја во филмот „Сенка на сомнежот“ на славниот режисер Алфред Хичкот, во кој играше со Кери Грант. Таа инаку е единствениот актер воопшто кој добил Оскар за ролја во некој филм во Хитчкок./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Видео) Tри филма што Скорсезе ги смета за врв на кинематографијата

Мартин Скорсезе, еден од највлијателните американски режисери, со децении ги поместува границите на филмскиот израз. Неговата филмографија опфаќа широк опсег на жанрови – од насилни урбани приказни до сложени љубовни драми и духовни дилеми.
Иако неговите понови филмови, како „Ирецот“ и „Тишината“, сè уште се препознатливи по нивната визуелна раскош и длабока анализа на ликови, многумина сè уште сметаат дека неговите најголеми дела потекнуваат од поранешниот период – со насловите „Таксист“, „Добри момци“ и „Разјарениот бик“.
Во текот на својата кариера Скорсезе често ги издвојуваше режисерите што го инспирираа, меѓу кои и Акира Куросава, Ингмар Бергман и Џон Форд. Сепак, еден особено го допре – јапонскиот режисер Кенџи Мизогучи, познат по класичните филмови, кои прикажуваат емоции преку поетски ритам и внимателно изработени слики.
Како негов омилен го наведува филмот на Мизогучи, „Приказни под месечината и дождот“ (Ugetsu monogatari) од 1953 година, кој ја следи приказната за амбициите, љубовта и за војната во 16 век.
„Овој филм имаше најголемо влијание врз мене. Има моменти во тој филм што ги гледав одново и одново и кои секојпат ми го одземаат здивот“, рече Скорсезе, пренесе магазинот „Фар аут“.
Иако „Приказни под месечината и дождот“ често се смета за ремек-дело, Скорсезе ја цени целата трилогија, која ги вклучува и „Животот на Охару“ (Saikaku ichidai onna) и „Саншо судијата“ (Sanshô dayû), а за која вели дека е врвот на светската кинематографија.
Работата на Мизогучи го отелотворува она што многумина го сакаат во јапонскиот филм – суптилност, емоции и елеганција. Неговото влијание може да се види и кај современите режисери, како Хироказу Коре-еда, кој го комбинира секојдневниот живот со длабоки емотивни слоеви. Восхитувањето на Скорсезе кон Мизогучи е уште еден доказ за неговата длабока поврзаност со филмската историја – и неговата непоколеблива почит кон мајсторите на визуелното раскажување приказни.
Култура
„Македокс“: Платформата „Некстас“ го носи документарниот филм во училница

Употреба на документарниот филм како едукативна алатка во формалното образование е силна мисија на Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“. Оваа децениска посветеност резултира со бројни успеси, а новитет во едукативната програма на „МакеДокс“ е „Некстас“, платформата за наставници кои се стремат да поттикнат критичко размислување кај младите луѓе и се подготвени да иновираат со нови аудиовизуелни средства во наставата.
Во насока на претставување на платформата „Некстас“ пред професори од средните училишта во Скопје, во петок, 11 април, во просториите на „Јуроп хаус Скопје“, со почеток во 11:00 часот, „МакеДокс“ ќе одржи презентација и кратка обука проследена со дискусија. Свои обраќања ќе имаат Надица Таневска Јанева, социолог и професорка во СУГС „Георги Димитров“ – Скопје, и Сашо Алушевски од „МакеДокс“.
Настанот е од отворен тип, но пријавувањето за присуство на настанот е задолжително. Линк за пријавување: https://forms.gle/cpEnERjVx4etdAsm8
Оваа образовна платформа на наставниците и учениците им нуди бесплатен пристап до динамична дигитална средина која содржи обемна колекција на документарни филмови од целиот свет, придружени со помошни материјали во насока на наставните планови на речиси секој предмет во средното образование. „Некстас“ е достапна на неколку јазици, отсега и на македонски јазик, а користењето на оваа платформа како ново аудиовизуелно средство е одобрено од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука на РСМ.
„Некстас“ е партнерски проект на „Docs Barcelona“ (Шпанија), „DOK.fest Munich“ (Германија), „Thessaloniki Film Festival“ (Грција), „Indie Lisboa“ (Португалија), „Sottodiciotto Film Festival“ (Италија) и „МакеДокс“ (С Македонија), а проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Медиа.
„Некстас“ веќе ја користат над 10.000 наставници и професори ширум Европа. Линк до платформата: https://nextus.global/mk
Култура
„Бруталистот“ и „Емилија Перез“ доминираа на Златните глобуси – над 10 милиони луѓе го следеа емитувањето

Овогодинешната церемонија на доделување на Златните глобуси привлече повеќе од 10 милиони гледачи на телевизиските екрани, што е благ пораст на гледаноста во споредба со претходната година, изјавија во понеделникот продуцентите на настанот, на кој доминираа филмовите Бруталист и Емилија Перез во однос на наградите.
Зголемувањето на гледаноста на неделната гала во последниве години покажува благ нагорен тренд кога станува збор за интересот за слични настани, бидејќи Холивуд се обидува да се оддалечи од влијанието на штрајковите и пандемијата, а наградите Глобус постепено се опоравуваат од сопствените контроверзи и скандали.
Просечната бројка од 10,1 милиони гледачи кои го гледале шоуто е зголемување од 7 отсто во споредба со галата во 2024 година и значителен скок од едвај шест милиони гледачи една година порано.
Златните глобуси, холивудски филмски и телевизиски награди, кое некогаш беше второ по популарност по Оскарите, беше во криза во последниве години. Во 2022 година, гала настанот не се ни емитуваше. Поранешната телевизија Ен-Би-Си ја донесе ваквата одлука затоа што нејзиното раководство беше огорчено од недостатокот на различност и етички пропусти на групата новинари кои претходно ги организираа наградите.
Церемонијата на доделување на престижните награди беше повторно лансирана минатата година под нов приватен сопственик, а беше емитувана на „Си-Би-Ес“ во неделата навечер. Исто така, вреди да се напомене дека наградите им беа доделени на холивудските ѕвезди од А-листата во блескавата сала за бал во Беверли Хилс. На овогодинешните награди доминираа мјузиклот Емилија Перез и епската имигрантска драма Бруталист.
Мексиканскиот филм Емилија Перез на францускиот режисер Жак Аудиар освои четири награди, вклучително и за најдобра комедија или мјузикл, додека „Бруталистот“ беше прогласен за најдобра драма, а наградата за најдобар актер му припадна на главниот лик на филмот Адриен Броди, кој го игра архитектот Ласло Тот, Евреин којшто го преживеал холокауст.