Филм
Промоција на документарниот филм „Мостот меѓу Битола и Нингбо”

Во среда вечер, во малата сала на Центарот за култура со почеток во 19 часот, во рамките на Битфест, ќе биде промовиран документарниот филм „Мостот помеѓу Битола и Нингбо”.
Филмот ги претставува односите на соработка и пријателство помеѓу македонската општина Битола и седуммилионската кинеска општина Нингбо. Низ една динамична видео приказна прикажано е како овие две општини од Македонија и Кина, низ еден процес на збратимување, изградија мост на пријателство и соработка од Битола до Нингбо отворајќи со тоа перспективи за идна соработка и развивање на контактите на економски и културен план, инвестирање и промоција на националните производи од двете држави. Филмот е насловен „Мостот помеѓу Битола и Нингбо” при што насловот ја истакнува симболиката на големината на мостот на пријателството помеѓу Битола и Нингбо. Имено, во Нингбо се наоѓа најдолгиот прекуморски мост во светот, долг 36 километри, кој го поврзува градот со финансиската престолнина Шангај. Овој физички мост е симбол на економската моќ на Нингбо. Од друга страна, мостот на пријателството од Битола до Нингбо е уште поголем, долг е околу 12.000 километри (растојание меѓу Битола и Нингбо), што ја симболизира големината на добрите намери и пријателските односи на двете општини.Документарниот филм, чиј автор е новинарката Анета Шијакова, е сниман во Нингбо, Кина и Битола во текот на 2014 и 2015 година.Преку видео материјалите снимени во Нингбо, филмот го претставува овој развиен град во Кина кој што го нарекуваат портата на Кина за светот, при што филмот пренесува и интервју со Директорот на канцеларијата за надворешни работи на Нингбо, Конг Веивеи, кој е 75-та генерација потомок на познатиот кинески филозоф Конфучиј. Во документарниот филм се обработени и посетите на кинеските делегации во Битола и нивниот интерес за економска соработка, како и престојот во Кина на битолскиот градоначалник д-р Владимир Талески.На овој начин филмот „Мостот помеѓу Битола и Нингбо“, дава еден заокружен приказ на процесот на збратимување, но и развојот на односите помеѓу Нингбо и Битола, како основа за развој на бизнис, културни и други релации помеѓу Битола и Нингбо во иднина./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Видео) Tри филма што Скорсезе ги смета за врв на кинематографијата

Мартин Скорсезе, еден од највлијателните американски режисери, со децении ги поместува границите на филмскиот израз. Неговата филмографија опфаќа широк опсег на жанрови – од насилни урбани приказни до сложени љубовни драми и духовни дилеми.
Иако неговите понови филмови, како „Ирецот“ и „Тишината“, сè уште се препознатливи по нивната визуелна раскош и длабока анализа на ликови, многумина сè уште сметаат дека неговите најголеми дела потекнуваат од поранешниот период – со насловите „Таксист“, „Добри момци“ и „Разјарениот бик“.
Во текот на својата кариера Скорсезе често ги издвојуваше режисерите што го инспирираа, меѓу кои и Акира Куросава, Ингмар Бергман и Џон Форд. Сепак, еден особено го допре – јапонскиот режисер Кенџи Мизогучи, познат по класичните филмови, кои прикажуваат емоции преку поетски ритам и внимателно изработени слики.
Како негов омилен го наведува филмот на Мизогучи, „Приказни под месечината и дождот“ (Ugetsu monogatari) од 1953 година, кој ја следи приказната за амбициите, љубовта и за војната во 16 век.
„Овој филм имаше најголемо влијание врз мене. Има моменти во тој филм што ги гледав одново и одново и кои секојпат ми го одземаат здивот“, рече Скорсезе, пренесе магазинот „Фар аут“.
Иако „Приказни под месечината и дождот“ често се смета за ремек-дело, Скорсезе ја цени целата трилогија, која ги вклучува и „Животот на Охару“ (Saikaku ichidai onna) и „Саншо судијата“ (Sanshô dayû), а за која вели дека е врвот на светската кинематографија.
Работата на Мизогучи го отелотворува она што многумина го сакаат во јапонскиот филм – суптилност, емоции и елеганција. Неговото влијание може да се види и кај современите режисери, како Хироказу Коре-еда, кој го комбинира секојдневниот живот со длабоки емотивни слоеви. Восхитувањето на Скорсезе кон Мизогучи е уште еден доказ за неговата длабока поврзаност со филмската историја – и неговата непоколеблива почит кон мајсторите на визуелното раскажување приказни.
Култура
„Македокс“: Платформата „Некстас“ го носи документарниот филм во училница

Употреба на документарниот филм како едукативна алатка во формалното образование е силна мисија на Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“. Оваа децениска посветеност резултира со бројни успеси, а новитет во едукативната програма на „МакеДокс“ е „Некстас“, платформата за наставници кои се стремат да поттикнат критичко размислување кај младите луѓе и се подготвени да иновираат со нови аудиовизуелни средства во наставата.
Во насока на претставување на платформата „Некстас“ пред професори од средните училишта во Скопје, во петок, 11 април, во просториите на „Јуроп хаус Скопје“, со почеток во 11:00 часот, „МакеДокс“ ќе одржи презентација и кратка обука проследена со дискусија. Свои обраќања ќе имаат Надица Таневска Јанева, социолог и професорка во СУГС „Георги Димитров“ – Скопје, и Сашо Алушевски од „МакеДокс“.
Настанот е од отворен тип, но пријавувањето за присуство на настанот е задолжително. Линк за пријавување: https://forms.gle/cpEnERjVx4etdAsm8
Оваа образовна платформа на наставниците и учениците им нуди бесплатен пристап до динамична дигитална средина која содржи обемна колекција на документарни филмови од целиот свет, придружени со помошни материјали во насока на наставните планови на речиси секој предмет во средното образование. „Некстас“ е достапна на неколку јазици, отсега и на македонски јазик, а користењето на оваа платформа како ново аудиовизуелно средство е одобрено од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука на РСМ.
„Некстас“ е партнерски проект на „Docs Barcelona“ (Шпанија), „DOK.fest Munich“ (Германија), „Thessaloniki Film Festival“ (Грција), „Indie Lisboa“ (Португалија), „Sottodiciotto Film Festival“ (Италија) и „МакеДокс“ (С Македонија), а проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Медиа.
„Некстас“ веќе ја користат над 10.000 наставници и професори ширум Европа. Линк до платформата: https://nextus.global/mk
Култура
„Бруталистот“ и „Емилија Перез“ доминираа на Златните глобуси – над 10 милиони луѓе го следеа емитувањето

Овогодинешната церемонија на доделување на Златните глобуси привлече повеќе од 10 милиони гледачи на телевизиските екрани, што е благ пораст на гледаноста во споредба со претходната година, изјавија во понеделникот продуцентите на настанот, на кој доминираа филмовите Бруталист и Емилија Перез во однос на наградите.
Зголемувањето на гледаноста на неделната гала во последниве години покажува благ нагорен тренд кога станува збор за интересот за слични настани, бидејќи Холивуд се обидува да се оддалечи од влијанието на штрајковите и пандемијата, а наградите Глобус постепено се опоравуваат од сопствените контроверзи и скандали.
Просечната бројка од 10,1 милиони гледачи кои го гледале шоуто е зголемување од 7 отсто во споредба со галата во 2024 година и значителен скок од едвај шест милиони гледачи една година порано.
Златните глобуси, холивудски филмски и телевизиски награди, кое некогаш беше второ по популарност по Оскарите, беше во криза во последниве години. Во 2022 година, гала настанот не се ни емитуваше. Поранешната телевизија Ен-Би-Си ја донесе ваквата одлука затоа што нејзиното раководство беше огорчено од недостатокот на различност и етички пропусти на групата новинари кои претходно ги организираа наградите.
Церемонијата на доделување на престижните награди беше повторно лансирана минатата година под нов приватен сопственик, а беше емитувана на „Си-Би-Ес“ во неделата навечер. Исто така, вреди да се напомене дека наградите им беа доделени на холивудските ѕвезди од А-листата во блескавата сала за бал во Беверли Хилс. На овогодинешните награди доминираа мјузиклот Емилија Перез и епската имигрантска драма Бруталист.
Мексиканскиот филм Емилија Перез на францускиот режисер Жак Аудиар освои четири награди, вклучително и за најдобра комедија или мјузикл, додека „Бруталистот“ беше прогласен за најдобра драма, а наградата за најдобар актер му припадна на главниот лик на филмот Адриен Броди, кој го игра архитектот Ласло Тот, Евреин којшто го преживеал холокауст.