Филм
„Сиераневада’’ премиерно на Канскиот филмски фестивал на 12 мај
Филмскиот проект „Сиераневада’’ во режија на Кристи Пуиу ќе биде премиерно прикажан на 12 мај со почеток од 15:30 часот во салата Лимиер во рамките на официјалната програма на овогодинешниот Кански филмски фестивал.
Пред премиерата на филмот во 12:00 часот ќе биде одржана прес конференција на која ќе присуствува и дел од македонската екипа на филмот.„Сиераневада’’ е филмски проект во кој Република Македонија учествува со малцински финансиски удел, додека истиот е копродукција помеѓу Романија, Франција, Хрватска, Македонија и Босна и Херцеговина. Ко-продуцент од Република Македонија е Лабина Митевска од продуцентската куќа Сестри и Брат Митевски.Во интерес на соодветна промоција на овој значаен успех, Агенцијата за Филм на Република Македонија во соработка со продуцентската куќа Сестри и Брат Митевски обезбедија рекламни објави во престижните списанија Variety на 12. мај и Screen International на 13. мај. Како и секоја година така и оваа година Агенцијата за филм на Република Македонија ќе биде дел од павилјонот на земјите од Југоисточна Европа и ќе се преставува на филмскиот маркет кој се одржува во рамките на Канскиот филмски фестивал. Во текот на овие денови, Агенцијата ќе ја промовира македонската кинематографија со најновата филмска продукција, Македонија како дестинација за снимање филмови каде што со правото на поврат на средства во износ од 20% треба да се привлечат странските продукции да снимаат филмови, можностите за копродукција, промоција на македонските филмски фестивали и други проекти од областа на филмската дејност. На годинашниот филмски маркет, а во организација на селс агентот REEL SUSPECTS ќе има проекција на филмот „Амок“ во режија на Вардан Тозија која ќе се оддржи на 16. мај со почеток од 10:00 часот во PALAIS E. /крај/ со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ана Василевска во Битола ќе ја промовира книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ – книгата на македонската филмска критичарка, Ана Василевска, со капучино и пладневна дружба пристигнува во Битола.
Промоцијата на нејзиното дело ќе се одржи денеска во 12 часот во кафулето „Порта џез“, а промотор е критичарот Влатко Галевски.
Книгата којашто е во издание на „Македоника“ е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.
Ана Василевска, родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје.
Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција.
Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019- 2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга.
Култура
„Браќа Манаки“: „Состојба на умот“ од кинематограферот Душан Кардалевски и во режија на Александра Кардалевска денеска во киното „Манаки“
„Состојба на умот“, штотуку го почна своето фестивалско патување, досега имаше повеќе од 15 селекции и две награди за најдобра кинематографија за Душан Кардалевски на фестивали во Романија и Бразил.
Краткометражниот филм „Состојба на умот“ (Frame of Mind) ќе биде прикажан денеска во 17 часот во киното „Манаки“ како дел официјалната краткометражна програма во компетиција за наградата „Златна камера 300“.
„Состојба на умот“ штотуку го почна своето фестивалско патување, досега имаше повеќе од 15 селекции и две награди за најдобра кинематографија за Душан Кардалевски на фестивали во Романија и Бразил.
„Чест е да се има ова дело на токму ваков фестивал што ги вреднува кинематографските квалитети, кои веќе беа забележани во други земји. Филмот зборува за едноставна, но универзална приказна, за љубовта, загубата…“, велат авторите.
На денешната краткометражна програма ќе бидат прикажани и „Вистинската вистина за борбата“ на Алана Мехија Гонзалес, „Овца“ на Адиб Собхани. „Оддалечување“ Петер Колањи и „Добро момче“ на Кинан Масарани.
По проекциите, публиката ќе има можност за дискусија (Q&A).
Култура
Европски филмови на плажа и на брод во Охрид секоја вечер до недела – „Живи и здрави“ го отвори 7. издание на „Бич филм фестивал“
Под отворено небо, филмот „Живи и Здрави“ на црногорскиот режисер, Иван Мариновиќ, синоќа го отвори седмото издание на фестивалот „Бич филм фестивал“ на плажата Славија во Охрид, кој ќе трае до недела.
Филмот кој на комичен и сатиричен начин ја раскажа приказната за една традиционална црногорска свадба која целосно излегува од контрола, успеа да ги изнасмее од срце присутните на плажата, но истовремено и да отвори бројни теми како што се бракот, патријархот, личните дилеми, бегството и прифаќањето на себе си, а најпосле и на реалноста.
На проекцијата присуствуваше дел од екипата, како и режисерот Мариновиќ, со кои потоа публиката имаше можност да ги сподели впечатоците од филмското дело и да се запознае подобро.
Филмот е мнозински црногорски филм снимен во копродукција со уште пет држави, меѓу кои и Македонија. Партнери во филмската копродукција се „Адриатик вестерн“ од Црна Гора, „Сенс продукција“ од Србија, „Аналог вижн“ од Чешка, „Кинорама“ од Хрватска, „Круг филм“ од Македонија“ и „Спок филм“ од Словенија, а како копродуцент се појавува и Радиотелевизија Црна Гора. Музиката во филмот е на Тони Китановски, а дел од актерската екипа е македонскиот актер, Никола Ристановски кој беше беспрекорен во својата улога.
Фестивалското отворање го донесе и краткиот филм „Шарац“ по сценарио и режија на Димитар Банов кој присуствуваше на настанот.
Во центарот на приказната е Шарац, кој по откривањето на неговата срцева состојба ја губи волјата за социјален живот. Сепак се’ се менува кога ќе се соочи со пријателите од средношколските денови… Во дискусијата по проекцијата беше истакнато и дека Шарац истовремено претставува и почеток на кампањата на Здружението за едукација, промоција и заштита на здравствените и човековите права „Биди Човек“ за благосостојба низ целиот животен век.
Интересна беше и проекцијата на краткометражниот „Гнев“ – изработен од млади филмски ентузијасти на работилница за филм во рамките на фестивалот. Фокусирајќи се на присуството на казината и обложувалниците на секој чекор во градот, филмот направи интересна паралела помеѓу звуците на слот машините и блескавите излози со забавниот адреналински парк, создавајќи гнев кај младиот човек кој чувствува потреба да побегне.
Фестивалската вечер ја збогати настапот на македонска поп-рок-инди-џез група Sioto Jazz (Сиот тој џез) кои останаа на сцената подолго од предиденото на барање на публиката.
„Бич филм фестивал“ до недела ќе се одржува на четири локации во Охрид: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид. Важно е да се напомене и дека за бродот „Армада“ билетите може да се купат само онлајн.
Во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот дополително ќе бидат претставени и 13 краткометражни филмови, вклучувајќи и на Ана Јакимска, Елеонора Венинова и Јане Спасиќ.
Оваа година четиричленото жири, кое се состои од Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете институт), ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување. Тричленото жири, пак, во состав Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски, ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм.