Изложби
‘Фудбал – прекрасната игра' – фудбалот во очите на уметниците на изложба во Лос Анџелес
Во пресрет на Светското фудбалско првенство коешто во јуни годинава ќе се игра во Бразил, музејот Los Angeles County Museum of Art (LACMA) во Лос Анџелес ја приредува изложбата „Фудбал – прекрасната игра“ на којашто преку педесетина дела триесетина уметници истражуваат како фудбалот функционира во контекст на национализмот, идентитетот, глобализацијата, масовниот спектакл и чувствата коишто припадниците на разните култури ги споделуваат додека ги гледаат натпреварите.
Изложбата ќе се одржува од 2-ри февруари до 20-ти јули и се очекува да предизвика голем интерес бидејќи ќе се совпадне и со одржувањето на Светското фудбалско првенство, објави на својата интернет страница музејот LACMA, кој од своето основање во 1965 година досега направил колекција од 120 уметнички дела и е најголем во тој дел на САД.
„Глобално обожуваниот спорт сега се слави во контекст на музејот, ќе биде одлична моќност низ призмата на уметноста да дадеме меѓународен поглед на фудбалот“, вели Мајкл Гован, претставник на музејот во Лос Анџелес, кој очекува дека изложбата ќе биде возбудлива за многумина.
„Кога луѓето гледаат натпревар, се вдахновени со тимски дух, со навивачите и чувството на заедништво. Ние навивачите низ ритуалите го создаваме тимскиот дух, а гледањето на мечот денес е една од ретките можности да се доживее колективното чувство на ентузијазам. Оваа изложба ја истражува токму таа енергија“, тврди кустосот на музејот Френклин Сирманс.
Изложбата ќе го третира фудбалот низ видео материјали, фотографии, слики, скулптури и големи инсталации. Во видео инсталацијата „Зидан:портрет за 21-от век“, Филипе Парено и Даглас Гордон, на пример, го донесуваат интимниот портрет на Зинедин Зидан, еден од најголемите фудбалери во историјата.
Стивен Дин во делот „Волта“ со самба музиката се фокусира на публиката на стадионите, додека Густаво Артигас во „Правилата на играта“ проучува како заедниците коишто обожуваат разни спортови гледаат редни на другите, а Мигуел Калдерон во видеото „Мескико вс. Бразил“ прокажува малку веројатна победа на Мексико над Бразил.
Покрај американските уметници, своите дела ќе ги изложат и уметници од Мароко, Германија, Мексико и од Јужна Африка. Меѓу другите ќе биде поставен и портретот на Пеле од славниот Енди Ворхол, дела на Робин Род, Кеинда Вилеј, Петр Кортрјат, Марк Брадфорд, Мери Елен Карол, Хасан Хаџјај и Андреас Гурски.
Некои од делата ги славата атлетски развиените тела на фудбалерите, а некои спортистите ги доведуваат до карикатура фатена во момент на екстремна драматизација. Дел од делата се нови и се направени наменски во соработка со музејот, а се занимаваат со различни аспекти на фудбалот, од сеќавањата на колумбискиот играч Андрес Ескобар кој во 1994 година беше убиен поради тоа што си постигна автогол, до референци на културата Олмека, најстариот народ во Мексико, кој илјада години пред новата ера играл со гумена топка.
Лос Анџелес не е случајно изложбата посветена на фудбалот. Имено, тоа е единствениот град во САД кој има два клуба коишто се натпреваруваат во првата лига и е голем фудбалски центар во земјата./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

