Изложби
Данкан Кемпбел добитник на наградите Тарнер
Ирскиот видео-уметник Данкан Кемпбел е добитник на наградата Тарнер за 2014 година, една од најзначајните и најпрестижни награди во доменот на современата уметност во Велика Британија.
Данкан Кемпвел во своите дела го оживува ритуалите во коишто истражува на кој начин човековото племенско минато ја одредува нашата иднина. Овој ирски концептуален уметник ја доби наградата со којашто му припаѓаат 25 илјади британски фунти за филмската инсталација со наслов „It for Others“, направена за павилјонот на Шкотска на минатогодишното Венецијанско биенале.
Жирити неговата работа ја опиша како „амбициозно и сложено филмско остварување коешто облагородува со повторуваното гледање“. Во образложението за доделувањето на наградата на прогласувањето во музејот „Tate Britain“ во понеделникот вечерта, исто така, се истакнува и восхитувањето на членовите на жирито од „извонредната предаденост на уметникот на создавањето на делото коешто зборува за развојот на вредноста и смислата, со користење на тематски актуелниот и чувствителен материјал“. „Несомнено станува збор за сериозен, чувствителен филм со ригорозен новинарски пристап, повремено помешано со чудесните форми“, изјави претседателката на жирито Пенелопе Кертис, воедно и директорка на музејот „Tate Britain“.
Уметникот Кемпбел, чиј еден од примерите е Самјуел Бекет, во своите трудови ја испитува формата на документарниот филм со мешање на архивските снимки и новите материјали. Во 540минутниот добитнички своевиден „филм есеј“, Кемпбел ја разгледува вредноста на уметноста низ мачеништвото на активисти на Ирската републиканска армија (IRA), марксистичката теорија и антропоморфните позајмици. Примајќи ја наградата, Кемпбел изјави дека бил пресреќен уште со самото номинирање за престижната награда. „Извонредно многу ми значи мислењето на луѓето коишто го сочинуваат оценувачкото жири“, изјави ирскиот уметник.
Филмот „It for Others“ претставува спој од необична мешавина на филмски материјал, африкански маски и други предмети, сцени од шишенца со парфеми и пакетчиња со грицкалки кои се мешаат со снимки од танцувачка нумера на британскиот кореограф Мајкл Кларк инспирирана од Карл Маркс во која изведувачите, снимени одгоре, се извиваа во форми на математичките равенки. Делото е своевиден одговор на филмот „Les Statues Meurent Aussi“ (И статуите умираат) на Крис Маркер и Ален Ресне од 1953 година посветен на комодификацијата на африканската скулптура.
Во потесниот круг за престижната награда Тарнер (Turner) во областа на современата уметност оваа година беа уште и Канаѓанката која постојано живее во шкотски Глазгов Кјара Филипс, којашто беше номинирана со самостојната изложба во галеријата „The Showroom“ во Лондон, којашто за таа пригода беше претворена во печатарска работилница, потоа Велшанецот Џејмс Ричардс номиниран со филмот „Rosebud“ направен како придонес кон изложбата „Енциклопедиска палата“ на 55-то Венецијанско биенале, како и англискиот перформер Трис Вона-Мичел, номиниран за самостојната изложба „Postscript II“ поставена во Берлин и во Брисел.
Втемелена во 1984 година, наградата Тарнер се доделува секоја година на британски визуелен уметник помлад од 50 години за најдобра изложба или друг облик на изведување на неговите дела во текот на една година до април тековната година. Името го добила по англискиот сликар Џозеф Мејлорд Вилијам Тарнер. Наградниот фонд во износ од вкупно 40 илјади британски фунти се дела на четворица финалисти од кои лауреатот добива 25 илјади а другите тројца по пет илјади фунти.
На прогласувањето на наградениот традиционално му претходи изложбата на делата на четворицата финалисти во музејот „Tate Britain“ чија цел во прв ред е да ги претстави номинираните уметници и дела пред пошироката публика, имајќи предвид дека одлуката на жирито не почива на изложбата, туку на делата за кои уметниците се номинирани.
Во текот на изминатите децении наградата Тарнер одигра значајна улога во поттикнувањето на дијалогот за визуелната уметност како уметничка категорија, како и за зголемувањето на интересот на јавноста за современата британска уметност. Меѓу досегашните лауреати на оваа престижна награда се Енони Гормли, Демиен Хирст, Стив Мекквин и Грејсон Пери. Минатата 2013 година наградата и’ беше доделена на француската мултимедијална уметница Лори Прувос./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

