Изложби
Изложба на Данчо Ордев во Кратово
Изложба на слики на академскиот уметник и професор Данчо Ордев ќе биде отворена во среда, со почеток во 12.30 часот во изложбениот салон на Музејот на град Кратово.
Изложбата содржи десеттина слики и е работена во периодот 2012 – 2016 г. а е во координација на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Данчо Ордев е роден на 07.05.1945 година во Скопје. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовна уметност (остек сликарство) во Загреб 1969 година. Член е на ДЛУМ од 1973 година. Работел како редовен професор на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Има реализирано самостојни изложби во Загреб, Скопје, Битола, Струга, Прилеп, Велес, Осиек, Гостивар, Кичево, Струмица, Хелсинки, Брисел. Учествува во повеќе групни изложби, меѓу кои во Загреб, Белград, Скопје, Бања Лука, Струмица, Куманово, Струга, Марибор, Чачак, Зрењанин, Задар, Сараево, Љубљана, Нови Сад, Дојран, Битола, Гостивар, Тетово, Гевгелија, Кавадарци, Њујорк и др. Има повеже награди за ликовно творештво и учесник е на повеќе ликовни колонии во Македонија и надвор од неа.
„Постојат уметници коишто своето творештво сакаат да го направат на основите на своето лично и непосредно искуство во самиот процес на креација на делото, притоа фокусирајќи се повеќе на самиот процес и изведбениот перфоманс отколку на крајниот резултат. Оттука и чувството дека во делото е претставен процесот а сосема занемарена идејата да се наслика одредена тема којашто би била одраз на некоја конкретна приказна на којашто авторот експлицитно би инсистирал кон гледачот во неговото толкување на истата. Ваквиот приод соодветствува со сликарските движења коишто се појавија при крајот на четириесеттите години на минатиот век и продолжија во педессеттите и шеесеттите и беа именувани од историчарите на уметноста како апстрактен експесионизам – акционо сликарство, нова апстракција, постсликарска апстракција, гестуален апстрактен експресионизам и сл. Во основа се работи за идеи и концепти коишто можат директно да се поврзат со предметот на нашиот интерес во овој предговор а тоа е сликарскиот опус од дваесетина слики на реномираниот сликар Данчо Ордев, работени во периодот од 2010 до денес. Раскинувајќи ја секоја врска со реалноста и гледајќи на сликарската површина како територија за создавање на свој личен микрокосмички просторно-временски акционен континуум во којшто за миг ќе ги замрзне своите сликарски движења, пркосејќи им на силите на перманентната менливост и минливост, уметниците честопати и несвесно оставаат траги за своите душевни состојби и моментните чувства употребувајќи го богатството на колористичко-гестуалните изведби во една спонтана и сосема непредвидлива акција. Постапката на создавање вклучува елементи на интуитивното, надреалното, ирационалното и случајното, инстиктивни движења тренирани со години како и посегнување по бои коишто ќе ја одразат моменталната психичка состојба. Во таа смисла, Данчо Ордев го изведува својот гестуално-колористички перфоманс обидувајќи се притоа да развие варијации на енергичната изведба на лентовидните псеудоелементи споени меѓусебе во разни варијации и комбинации. Се чини дека централните делови на сликата се резервирани за ленти со заситени бои коишто, веројатно, треба да претставуваат некакви субјекти, а лазурните транспарентни ленти дадени во една широка лепеза на виножитниот спектар коишто се движат кон рабовите ја играат улогата на позадина. Во дел од сликите тие се избалансирани и рамноправни, а во некои нагласени како два субјекта коишто во суштина не треба да претставуваат ништо посебно освен енергијата којашто во тој момент Ордев ја предава на сликарската површина и таа останува заробена како сведоштво за изведената сликарска акција. Овој опус на Данчо Ордев можеме да го оцениме како негов придонес во развојот на апстрактниот експресионизам на бојата, базиран на гестот, движењето и сликарската акумулирана енергија минималистичко апстрахирана без метафоричност и асоцијација, некој вид на неодадаистички обид за исклучување на реалниот свет, создаден во манирот на акционото сликарство во коешто, пак, е нагласен физичкиот аспект (движењето на широката четка) и улогата на случајноста (капки од боја). Да се надеваме дека ова творештво на Ордев ќе претставува визуелна провокација за пошироката публика“, пишува историчарот на уметност Роберт Цветковски за творештвото на авторот. Изложбата беше отворена во Куманово а в
о Кратово ќе биде поставена во наредните 15-тина дена./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

