Изложби
Изложба на Горанчо Ѓорѓиевски во Мала станица
Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, во понеделник, во 20 часот, ќе се отвори изложба на Горанчо Ѓорѓиевски насловена Happy Birthday 7.VIII.2014-6.VIII.2015.
Модерниот свет, сега веќе поодамна, тргна по патот на технолошкиот и комуникациски развој. Последица, цел или причина на оној развој, а можеби и сето тоа заедно, е глобализацијата, која со своите алатки, рекламата и медиумската манипулација, креира промена на свеста на современиот човек поништувајќи една меморија и носталгија, а создавајќи нешто што не знаеме што е. На тој и таков терен, уметникот Горанчо Ѓорѓиевски прави емотивен гест од кој создава концепт за проект, кој се претвора во сериозно уметничко истражување на општествените мрежи. Започнал со роденденска честитка за пријател на Фејсбук на 7 август 2014 година и продолжил во ист дух секојдневно да праќа честитки на пријателите од Фејсбук, сè до 6 август 2015 година. Така, сега има околу 400 честитки. Прво место од кое закачил честитка беше од Скопје, потоа следат Њујорк, Цетиње, Софија, Загреб, Љубљана итн. Сакал да избегне гугл-фотографии, па направил свои и тоа со мобилен телефон, почитувајќи го на тој начин фотожаргонот на Фејсбук. Во почеток, тоа биле само фотографии на локации, потоа почнува да обрнува внимание на профилите на пријателите на Фејсбук за да направи фотографии блиски на нивниот карактер и на нивните интереси. „Селфи“ го заменува со своите прсти. Почнува да му станува битно дали профилите се отворени или затворени, дали допуштаат честитката да биде видлива или не, потоа лајковите од пријателите, па лајковите од пријателите на пријателите, па коментарите и споделувањата, и на крајот, интервенциите на честитките, посебно од Божидар Дамјановски, како и визуелните честитки кои него му ги пратиле пријателите за неговиот роденден, по неговиот принцип, нешто како Фејсбук-фидбек. Во текот на работата, понекогаш морал да ги замоли пријателите да го испратат на одалечени локации, да изработи реквизити, скришно да фотографира таму каде што фотографирањето е забрането, стрпливо да чека момент за фотографија итн. На крај сите честитки ги испечатил, ги авторизирал и ги потпишал.Горанчо Ѓорѓиевски, на овој начин, споил неколку работи врзани за современото информатичко и дигитално и нет-општество. Тоа е речиси манијакална потреба да се биде секаде и тоа секаде да биде фотодокументирано, со што се објавува ЈАС БЕВ ОВДЕ (и бит и битие и сопство и его и супер его и ерос и танатос…). Тоа е новоцивилизациска замена на човекот во дигиталната пештера за отисоци од рацете на човекот во пештерите од каменото време. Иста цел, иста дистанција. Тоа е концептуално и/или новоконцептуално направен знак, означител и означено. Темата е роденден. Ден кога се родило сосема одредено човечко битие. Ден според кој се мерат сите останати земски денови на тоа битие. Ден кој посебно е посебен и во светот на друштвените мрежи. Фотографијата, непретенциозна, е направена со мобилен телефон. На неа има и текст со елементарни податоци. Важно е што текстот и сликата се надополнуваат, па нема причина едното да го толкува другото, толкувањето е веќе на ниво на „лајкови“ (допаѓања), а има и дополнителни повратни интервенции и коментари на делото. Се заедно се чини и како концепт и како дело и како исказ, па остануваме нерешителни дали е сето тоа заедно претстава или симбол на состојбите во уметноста во кои сме. Како целата теорија на историјата на уметноста да е на проверка, а и роденденот, најчесто површен знак, со овој проект како да станува икона на современото општество.Општ впечаток е дека Горанчо Ѓорѓиевски е уметник кој тврди: И уметникот е присутен и уметноста не е отсутна, а со овој проект како да додал шармантен, но сериозен коментар: Фактот дека не знаеме кога е родена уметноста, не значи дека таа не постои 😉 На отворањето на изложбата, посетителите ќе можат да ја пронајдат испечатената авторизирана честитка која им е упатена преку Фејсбук и слободно да си ја земат како поклон .Соработник или коавтор на дел од делата е и познатиот македонски уметник Божидар Дамјановски кој живее и работи во Белград. Текстот за изложбата го напиша Милош Вујановиќ, професор на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад, а куратор на изложбата е Марјан Ѓорѓиев./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

